Русе Арсов, директор на МКЦ: Важноста и свежината на програмата, зачинета со традиционалното македонско гостопримство, се гласот што за нас се проширил

Русе Арсов, директор на МКЦ: Важноста и свежината на програмата, зачинета со традиционалното македонско гостопримство, се гласот што за нас се проширил

Подготвил: Весна Дамчевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Младинскиот културен центар - МКЦ продолжува да работи со полна пареа и покрај сите ограничувања што ги наметна пандемијата. МКЦ има малку повеќе среќа, најверојатно. Тука во моментот работат луѓе што, пред сè, се искусни и посветени работници, големи професионалци, кои секојдневно внесуваат премногу љубов, страст, емоција и креативност во она што го работиме. Но најважно, свесни се дека работат во јавен сектор, а со тоа и дека мора да се грижат за потребите на публиката, но и за потребите на самите артисти и другите независни чинители на културата, вели директорот Русе Арсов во интервјуто за Факултети.мк

Во МКЦ штотуку заврши Фестивалот на европски филм „Синедејс“, колку сте задоволни од посетата со оглед на тоа што околностите сè уште не се нормализирани?

- Минатата година, предизвикани од условите за работа што ги наметнуваше пандемијата, строго придржувајќи се на договорените протоколи, поставивме летен формат на фестивалот и првпат се дрзнавме да го извадивме фестивалот надвор во септември, под отворено небо. Охрабрени од слатката победа и бидејќи нашата публика реагираше и максимално веруваше во тоа што го работиме, одлучивме и оваа година да продолжиме во ист формат, но овој пат повлекувајќи го фестивалот уште понапред, во средината на јули. И ете го новиот предизвик за нас, справување со скопските летни врнежи. Беше тоа нов предизвик, ново искуство и на крај нова радост, публиката е тука, на сите проекции и придружни настани. Затоа на крај решивме и да го продолжиме фестивалот за уште едена фестивалска вечер, а со цел стопроцентно да ја реализираме, според коментарите на публиката, одличната програма од ова јубилејно издание.

Овој фестивал е само уште една потврда дека МКЦ продолжува да работи со полна пареа и покрај сите ограничувања што ги наметна пандемијата. Како успеавте во тоа?

- МКЦ има малку повеќе среќа, најверојатно. Тука во моментот работат луѓе што, пред сè, се искусни и посветени работници, големи професионалци, кои секојдневно внесуваат премногу љубов, страст, емоција и креативност во она што го работиме. Но најважно, свесни се дека работат во јавен сектор, а со тоа и дека мора да се грижат за потребите на публиката, но и за потребите на самите артисти и другите независни чинители на културата.

Убаво е што ги користите и локациите околу МКЦ, дали можеби размислувате за што повеќе настани на отворено, и не само во вашиот двор?

- Последните години сме многу „надвор“. Само со „Култура во време на корона“ за три недели свиревме низ цело Скопје, со „Синедејс“ поставивме киноплатна низ цело Скопје (езерце Парк, Врв на Водно, Ибни Пајко, кеј на Вардар, минатата година и пред заборавените кина во чаршија, Влае, Маџари, Кисела Вода...), со „Синедејс“ оваа година бевме и по други градови, цртаме мурали по скопски ѕидови... Нашиот нов простор што го освоивме пред три години, парк МКЦ, е сега наша матична летна сцена. Нè има насекаде, задоволни сме.



Многу од културните настани во изминатиот период се преместија на интернет, но, сепак, физичкото присуство на публиката, чинам, е незаменливо, што мислите Вие за овој тренд?

- Онлајн и т.н. хибридни настани за многумина беа ново искуство, нов предизвик што требаше да се совлада. Искусивме и научивме многу, и ние и публиката. Но, она што ние го работиме е, пред сè, наменето за одржување на таа физичка конекција и размена на енергија меѓу артисти и публика, па иако ја практикувавме, полека се обидуваме да ја „прескокнеме“. Сепак, фокусот сега ни е како креативно, но секако и одговорно, да изнаоѓаме модели за реализација на програми во нивниот оригинален формат, во живо пред публика. Полека да се враќаме во нашето нормално.

Во март годинава МКЦ стана полноправна членка на најреномираната мрежа на концертни сали во Европа, „Лајвјуроп“. Што донесува или ќе ни донесе ова членство и соработка?

- За нас како институција, но и како град со европски претензии, ова е многу сериозно признание. Во оваа мрежа членуваат многу значајни концертни центри, а самиот избор на членки е строго селектиран, со високи и прецизни критериуми. Секако, не бевме избрани затоа што сме технички најспремни или, пак, дека располагаме со специјални буџети за нашите концерти. Важноста и свежината на програмата што ја претставуваме, зачинета со традиционалното македонско гостопримство, беа гласот што за нас се проширил и ете, ни успеа, сега сме внатре. Во периодот што следува, преку програмите на оваа мрежа ќе добиваме поддршка при реализација на голем број концерти на европски бендови пред нашата публика, но за нас можеби и најзначајно - голем број наши млади бендови ќе можат да подготвуваат турнеи по овие европски концертни сали.

Фестивалите како МОТ, „Здраво млади!“, „Синедејс“... се можеби едни од најпосетените во главниот град, а особено од млада публика. Која е стратегијата за создавање нови генерации вљубеници во уметноста и културата?

- Иако овие фестивали се едни од најголемите меѓународни културни фестивали во нашата држава, со многугодишен континуитет, тие сепак на крај се програми на МКЦ. Програмските уредници на МКЦ, освен фестивалските претставувања, преку цела година континуирано креираат програми со кои го задржуваат вниманието на јавноста кон својата дејност. Потпирајќи се на својата креативност, но и отвореност кон другите (пред сè, независни) културни оператори, со големо внимание прават избор што е она за кое имаме потреба, но и сила да го реализираме и претставиме пред нашата публика.



Која од дејностите: филмска, театарска, ликовна, книжевна, музичка... сметате дека функционира најдобро во МКЦ? И дали на некоја од нив ѝ треба некакво освежување? И воопшто, што привлекува најмногу интерес кај скопската публика?


- Па не сум сигурен дека некогаш сме размислувале одделно што функционира повеќе или помалку. Целата годишна програма е креирана од програмскиот колегиум на МКЦ, а таму ја гледаме само „големата слика“. Нашите настани често се мултипрограмски, еден вид споени садови, со цел да понудиме поголем предизвик за публиката да дојде на наш културен настан. Се трудиме да бидеме доследни во понудената програма, да нудиме креативни, нови и свежи модели и пристапи на работа, и да веруваме дека квалитетот на програмата е она што го привлекува интересот на публиката.

Имате дипломирано на отсекот за филмска, театарска и ТВ-продукција на Факултетот за драмски уметности, а продуцент сте на филмските проекти „Северен лет“ (2004) и „Дом“ (2005). Дали размислувате, покрај толку многу ангажмани како директор на МКЦ, да се зафатите повторно со продукција на филм или дали Ви недостига Вашата примарна професија?


- Иако официјално дипломата во насловот го носи тоа: филмска, театарска и ТВ-продукција, сепак, студиите беа главно насочени кон менаџмент во култура и културна продукција. Она што го работам во моментов, но и во последните петнаесетина години во МКЦ е токму тоа. Моја примарна професија сега е сето она што колегите и младите артисти го работат да биде навреме препознаено и достојно презентирано пред јавноста. Каде ќе бидам утре, не знам, но знам дека во моментов сум тука, а тука ми е многу убаво.

Фото: Приватна архива