Со новата учебна година печатените дневници заминуваат во историјата
Подготвил:
Антонија Поповска
Лектор:
Ивана Кузманоска
И во основно и во средно образование повеќе нема да има печатени дневници. Сите податоци ќе се запишуваат во електронскиот дневник, велат во БРО
Од учебната 2021/2022 година во училиштата повеќе нема да има печатени дневници. Наставниците ќе ја водат педагошката евиденција во електронскиот дневник. Со ова им се излегува во пресрет на нивните долгогодишни реакции и барања да се растоварат од административна работа, која и онака е обемна.
Дека наставниците нема повеќе да имаат двојна работа, односно нема да мора истите податоци и оценки за учениците да ги внесуваат и во печатен дневник и во електронски дневник, потврдуваат и во Бирото за развој на образованието (БРО).
- И во основно и во средно образование повеќе нема да има печатени дневници. Сите податоци ќе се запишуваат во електронскиот дневник. Наставниците веќе знаат да пополнуваат електронски дневник, тој со години е дел од образовниот систем. На овој начин ќе се растоварат од обврската да водат двојна евиденција - појаснуваат во Бирото.
Изминатите години неретко се случуваше да има проблеми со електронскиот дневник. Тие беа особено изразени пред крај на полугодие, односно пред крајот на учебната година, кога наставниците мораа да ги внесуваат оценките на учениците во електронска верзија.