„Научникот го проучува светот каков што е, а инженерите создаваат свет кој никогаш не бил“, вели Ана Тодорова, добитничка на „Инженерски прстен“
Младата струмичанка Ана Тодорова е една од 12. најуспешни дипломирани инженери што годинава го добија признанието „Инженерски прстен“, кое го доделува претседателот на државава, Стево Пендаровски.
Ана дипломирала на Градежниот факултет, а во моментов е ангажиранa на изведба на браната Отиња во Штип.
- Несомнено честа и гордоста се навистина големи. И додека ова признание го крунисува досегашниот вложен труд во студирањето, истовремено е и поттик за уште покрупни чекори, но и уште поголема обврска за да се оправда укажаната почест - рече Ана по добивањето на признанието.
Во последните неколку години листата со добитници е составена претежно од жени кои дипломирале во, условно кажано, машки професии. Ана смета дека тој тренд на доминација на жените е поради поголемата дисциплина и детерминираност на женската популација во студентскиот живот, кој секако придружно си носи многубројни задоволства настрана од факултетот.
Тодорова дипломирала на Градежен со просек од 9,98. Изостанало совршенството за 0,02 просек во теоретската настава, но Ана не се кае што не ја преполагала единствената деветка во својата диплома.
- Градежен како факултет е извонреден, професорите се со високи компетенции, а сепак пријателски настроени водејќи нѐ низ целиот процес. Секако, неизбежно е да се споменат и долгите ноќи поминати во просториите на факултетот изработувајќи некоја програма која треба да се предаде, и сите тие слатки маки кои придонесуваат за создавање добри пријателства. Во однос на просекот, да, изостана совршенството од 1,.00, една деветка ме оддели од тоа, но воопшто не е важно, воопшто не се каам што не презедов чекор за да го преполагам предметот. Едноставно, светот е несовршено - совршен, па нека биде такво и моето уверение со положени испити - вели таа.
Тодорова откри дека првите години од студиската програма на факултетот се насочени кон теориско изучување на основните законитости, или како што им презентирале професорите „азбуката во градежништвото“.
- Во трета година од студискиот процес одбираме една од трите насоки на Градежниот факултет (конструктивна, хидротехника или патишта и железници), каде што се продлабочува фокусот во соодветната насока, како и изучување на софтверски алатки кои би ни помогнале во процесот на понатамошното проектирање. Единствено, период кога посветуваме најголемо време за истражување е при изработката на магистерскиот труд, кога имаме шест месеци да се фокусираме исклучиво на истражување на тема која е од најголем интерес индивидуално за секој студент. За мене, тоа беше креирање симулационен модел за добро познатите хидроцентрали Чебрен, Галиште и Орлов Камен, со цел да се добие појасна слика за тоа која е оптималната инсталираност на хидроцентралите, и притоа како да се управува со тој иден комплексен хидросистем на Црна Река.
Младата инженерка работи на проект за изведба на браната Отиња во Штип. Ана е среќна што нејзиниот прв проект е објект од прва категорија и тоа брана, она што ѝ било од посебен интерес во студирањето.
- Исто така, благодарна сум што на овој проект се вклучени едни од најискусните инженери во градењето брани, со големо искуство зад себе, кои несебично секојдневно го пренесуваат своето знаење и нѐ водат во практичниот дел од сето тоа што досега сме го изучувале - истакна Тодорова.
Научниците одговараат на прашањата за светот кој постои и е сегашност, а градежните инженери креираат иднина преку градби кои подоцна ќе ја испишат историја во земјата во која се гради.
- Да, баш така, како што кажал Теодор вон Карман: „Научниците го проучуваат светот таков каков што е, а инженерите создаваат свет кој никогаш не бил.“ Во однос на стремежите на инженерите, остануваат исти како и при самите почетоци на човештвото, а тоа е креирање полесен, попријатен и поисполнет живот. Секако дека понекогаш сме водени и од предизвици кон креирање на она што досега не било или, пак, да се остави зад себе некоја уметност од градба која ќе сведочи за постоењето на едно време - додаде Ана.
Откако го добила признанието „Инженерски прстен“, Ана постојано била прашувана дали може еден млад градежен инженер да ја гради својата иднина во Македонија или нејзината професија ќе стане дел од одливот на мозоци.
- Дали има просперитет во Македонија за професијата инженер? Апсолутно да, имаме уште многу хидроцентрали за градење, уште многу патишта за конструирање, уште многу технолошки напредоци допрва ќе излезат на виделина, единствено што ме загрижува е колку често се поставува ова прашање, небаре ние самите не сме сигурни дека тоа е така. Миграцијата на квалификуван технички кадар е појава во целиот свет, не дека ова се случува само кај нас, и сосема е нормално за млад човек да сака да го спознае светот од некој подруг агол. Но, поголемиот акцент треба да го насочиме на тоа како тие интелектуалци што се стекнале со нови знаења, нови вештини и сфаќања да ги вратиме назад во татковината и да придонесат за нашето општество - коментира Тодорова.
Како градежен инженер од областа на хидротехниката, особено фасцинирана од браните, Ана сака во својата Македонија да го дочека денот кога ќе се изградат помалку подзаборавените Чебрен и Галиште, а сака да придонесе и во зголемувањето на искористеноста на хидропотенцијалот на реките во Македонија, која во моментов е на оскудни 20 проценти.
Фото: Приватна архива