Балканскиот рис не живее во заробеништво. Ако исчезне, никогаш нема да го вратиме
Освен со одредена морална поддршка, државата никако не учествува во заштитата на балканскиот рис
Одвај 50 единки од балканскиот рис живеат во Македонија. Овој критично загрозен подвид на евроазискиот рис е во опасност од исчезнување, велат еколозите. Освен одредена морална поддршка, државата никако не учествува во заштитата на балканскиот рис. Тоа го прават граѓани од невладиниот сектор, со помош од меѓународни организации.
За состојбите со балканскиот рис и проблемите со кои се соочуваат оние што со години се обидуваат да го заштитат, разговараме со Диме Меловски, раководител на Програмата за заштита на диви животни во Mакедонското еколошко друштво (МЕД).
Балканскиот рис е подвид на европскиот рис / Фото: од фотозамките на МЕД и BLRP
Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) е подвид на евроазискиот рис (Lynx lynx), кој како вид не е загрозен, но балканскиот рис како подвид е критично загрозен. Во Европа се среќаваат вкупно 11 популации од евроазискиот рис, една од нив е балканската. Проектот за заштита почнал во 2006 година на иницијатива на швајцарската организација КОРА. Експертите што долги години работат на евроазискиот рис направиле неколку студии во деведесеттите и во 2001 година за да направат процена на состојбата на сите популации во Европа.
- Уште тогаш увиделе дека состојбата со балканскиот рис (популација) е критична и решиле да иницираат проект кој, поради конфликтот и нестабилната состојба во регионот, мораше да се одложи. Во 2005 година првпат партнерите од Швајцарија, заедно со уште една невладина од Германија (Еуронатур) дојдоа во Македонија и Албанија за да ги запознаат потенцијалните партнери за отпочнување проект - објаснува Меловски.
Критично загрозен подвид
Во април 2005 година во Маврово се одржала и првата работилница на која учествувале повеќе засегнати организации од Македонија и од Албанија, меѓу кои и претставници на МЕД, а есента се организирала и првата регионална средба. Веќе следната година почнала првата фаза на т.н. „Програма за закрепнување на балканскиот рис“ (BLRP), а во неа учествувале МЕД, невладината PPNEA од Албанија, „Еуронатур“ од Германија, КОРА од Швајцарија и NINA од Норвешка. Проектот почнал со три компоненти кои до денес се актуелни на некој начин - истражување и мониторинг на популацијата на балканскиот рис, прогласување нови заштитени подрачја релевантни за рисот, оцена на човековиот став кон крупните месојади (рис, мечка и волк) во регионот. Во моментот BLRP е во петтата фаза на имплементација 2019-2020 година.
Диме Меловски од МЕД
- Балканскиот рис е критично загрозен подвид на евроазискиот рис. Неговата популација е проценета на помалку од 50 возрасни единки, па според Светската унија за заштита на природата (IUCN), тој спаѓа во категоријата на
критично загрозени таксони. Опасноста од целосно исчезнување е присутна и доколку еднаш исчезне, ќе нема од каде да се поврати назад по вештачки пат бидејќи нема ниту еден балкански рис што живее во заробеништво. Тоа значи дека доколку Македонија одлучи повторно да го врати евроазискиот рис назад на овие простори, ќе треба да донесе единки од Карпатите (карпатски подвид) или од север. Нивната бројност е проценета на 30-40 возрасни единки. Бројноста е земена од деталните процени на густина и бројност во националниот парк Маврово и неговата околина. Понатаму, овие бројки се екстраполираат во останатите делови од Македонија што имаат погоден хабитат (шума), а истовремено сме нашле знаци за негово присуство - вели Меловски.
Камерите ги крадат – никој не реагира
Рисот е самотно животно кое окупира одредена територија. Преклопување на неговите територии има само помеѓу единки од различен пол. Рисовите се хранат главно со копитари (срни и диви кози) или со диви зајаци.
- Во нивната исхрана сме нашле и лисици, куни, различни глодачи и слично, но во незначителна количина. Се парат во февруари и март. По околу два месеца, женката раѓа едно до три млади (најчесто едно до две). Со нив поминува околу 10 месеци, а потоа младите почнуваат самостоен живот и се обидуваат да најдат своја територија. Териториите на мажјаците се огромни, од 300 до 800 квадратни километри, додека женките имаат од 100 до 200 квадрати територија. Една од причините за загрозеноста на рисовите е токму овој факт. Во европски рамки има сè помалку вакви огромни територии за да опстане цела популација - објаснува Меловски.
Екипата на терен
Пред неколку месеци беа украдени камерите за мониторирање од националниот парк Маврово. Камерите купени од проектот BLRP биле дадени на трајно користење во рамките на „Конзервациски акционен план за заштита на балканскиот рис во рамките на НП Маврово. Меловски објаснува:
- Да се постави една камера со батерии, катанец, мемориска картичка чини околу 350 евра. Не е битно чии се камерите. Со методот на фотозамки, МЕД работи од 2007 година. Досега ни се украдени повеќе од 50 камери! Секогаш ги пријавуваме случаите во полиција и ниту еднаш немало разврска - да се фатат сторителите и да се вратат камерите. И ова претставува една од клучните опасности што можат да доведат до исчезнување на балканскиот рис – неисполнување на законите! Немањето капацитет, ниту волја од страна на државата да спроведува дел од законите, особено од областа на заштита на природата, претставува огромен проблем во заштитата на нашата богата флора и фауна.
Надлежните министерства повеќе се ривали отколку сојузници
Балканскиот рис се среќава само во Југозападен Балкан. Најмногу го има во Македонија (веројатно околу 70-80% од целата популација). Во Македонија, пак, најприсутен е во Маврово, а женки со младо се забележани и на планината Јабланица, Бела Вода (Кичевско), Илинска-Плакенска.
- Освен во Македонија, балканскиот рис се среќава и во Централна и Северна Албанија (планините Мунела и Проклетие), а колегите од Косово забележаа рис и на планината Проклетие од косовска страна. Во Црна Гора, и покрај неколкугодишните обиди да се слика рис, нашите колеги немаа успех - вели Меловски.
Фото: од фотозамките на МЕД и BLRP
Во активностите за заштита на балканскиот рис МЕД добива огромна помош од трите национални паркови во земјава (особено Маврово) и неколку ловечки организации од Западна Македонија (Сокол-З, Питон од Охрид, Црн Камен од Вевчани, Малесија од Струга и други). На прашањето како државата ја помага заштитата на балканскиот рис, Меловски вели:
- Финансиски - воопшто не. Во текот на имплементацијата имаме некаква морална поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање. Главно преку дозволите за истражување што ни ги издава ова министерство и преку присуството при изготвување стратешки планови за заштита на балканскиот рис, кои никогаш не биле ратификувани од страна на државата. Доста од активностите во последните години се однесуваат на соработка со ловечки организации од Западна Македонија. Ловот е под надлежност на Министерството за шумарство и водостопанство и иако многу од членовите во Законот за ловство се преклопуваат со тие од Законот за природа, овие две министерства воопшто не соработуваат и се повеќе како ривали отколку како сојузници. Ова во огромна мера ја отежнува нашата работа. Тоа особено беше истакнато во последните 5-6 години - дециден е тој.
Фото: од фотозамките на МЕД и BLRP