Награда од 1.000 долари за тој што ќе издржи цел викенд без технологија во национален парк
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сите оние што мислат дека би можеле да живеат без телефон цел викенд, игнорирајќи ги е-поштата, твитовите, известувањата за пораки, известувањата за „Инстаграм“ и спојувањата на „Тиндер“, можат да се пријават за дигитална детоксикација. Американски национален парк бара посетители кои ќе издржат 48 часа без да подлегнат на искушенијата, кампувајќи во паркот два дена, целосно напуштајќи ја технологијата.
Овие денови сите сме бомбардирани со вести, па компанијата сака да му помогне некому повторно да се поврзе со природата. Компанијата, специјализирана за рурален широкопојасен интернет, ќе ѝ плати на една среќна личност да кампува во американски национален парк по избор, во изнајмено комбе за кампување.
- Условот е да не правите фотографии за „Инстаграм“ и да не пишувате твитови - не е дозволена никаква технологија. Иако тоа звучи како лесна задача, мора да се прашате себеси: „Кога последен пат поминав 48 часа без да го проверам телефонот“ - вели компанијата.
Откако ќе заврши
патувањето, личноста ќе биде упатена до место со безжичен интернет и ќе треба да го сподели своето искуство онлајн, истакнувајќи со какви предизвици се соочило и што открило во текот на викендот без технологија.
Пријавувањето е отворено сега, а победникот, кој ќе добие награда од 1.000 долари, ќе биде објавен на 23 септември. Но, условот е да бидете американски државјанин, на возраст од 25 години и да поседувате валидна возачка дозвола.
Фото: Freepik