Ревидиран спорниот учебник по социологија во кој прељубата и абортусот беа кривични дела

Ревидиран спорниот учебник по социологија во кој прељубата и абортусот беа кривични дела

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Досега се ревидирани 8 учебници за основно и 4 за средно образование, велат од Педагошката служба при МОН

Ревидиран е спорниот учебник по социологија за 2. година гимназиско образование кој лани предизвика бурни реакции во јавноста. Во фаза на ревизија е и учебникот по ликовно образование за 4. одделение каде што погрешно беа потпишани светски уметници и имаше куп грешки и недоследности. Од Педагошката служба при Министерството за образование и наука велат дека досега се ревидирани 8 учебници за основно и 4 за средно образование. Покрај учебникот по ликовно образование, во фаза на ревизија се уште два учебника за средно.



Спорниот учебник по социологија, првпат објавен во 2002 година, содржеше застарени прашања за теми од родова еднаквост, па како кривична одговорност на жените беа посочени: „прељуба, недозволен абортус, уцени, кражби, кривоклетство“, во лекцијата со наслов „Структурата на криминалитетот според полот“.

Во учебникот по ликовно автопортрет од славниот Леонардо да Винчи беше потпишан до Микеланџело, а имаше и слични грешки и низа технички пропусти.

- Учебникот по социологија за 2. година е ревидиран, а Ликовно за 4. одделение е во процес на ревизија - велат од Педагошката служба.



Во тек е печатењето на учебниците од 1. до 3. одделение кои учениците ги добиваат секоја година. Од Педагошката служба објаснуваат дека тие се обезбедуваат со процес на откуп на тиражи.
- Договорите се склучени, а рокот за дистрибуција е до 4 септември 2020 година. Издавачките куќи сами одбираaт печатници и МОН нема увид во нивните деловни соработки со печатниците - велат тие.

Од МОН велат дека сите ревидирани учебници ќе бидат дистрибуирани на почетокот на учебната година. За основно образование биле ревидирани 8 учебници: македонски јазик за 1. и 2. одделение, турски јазик за 1. и 3. одделение и македонски јазик, албански јазик, турски јазик и техничко за 6. одделение.

Од средно образование се ревидирани учебниците: етика за 3. година и социологија за 2., 3. и 4. Во процес на ревизија се и учебниците за педагогија за 3. година и филозофија за 4. година.

На прашањето што се случува со учебниците за средно стручно образование со кои години наназад има проблеми, од Педагошката служба велат:
- За учебниците за 1. и 2. година за стручно образование во тек се постапки за одобрување, а учебниците за 3. и 4. година веќе ги има во училиштата или ќе бидат дистрибуирани до почетокот на учебната година.