Борче Стаменов од Кавадарци го подари стотиот компјутер

Борче Стаменов од Кавадарци го подари стотиот компјутер

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Борче Стаменов за 3 години и 10 месеци има израдувано сто фамилии од сите краеви на Македонија, кои од разни причини не можеле да си дозволат да си купат компјутер, а го добија благодарение на овој хуман кавадарчанец. Борче денес го подари стотиот компјутер и вети дека ќе подари уште толку.

- Три години, 10 месеци и некој ден ни требаа да ја постигнеме целта која мислевме дека е недостижна. Излезе дека ништо не е недостижно ако сакаш и имаш силна желба да го направиш. Денес го дадов стотиот дониран компјутер. Она што почна како „од нас за нас“ излезе баш така. Обични непознати луѓе прават добри дела за други обични и непознати луѓе - напиша Борче на својот профил на „Фејсбук“.

Кавадарчанецот додава дека одамна оди со крената глава затоа што успеал да обедини многу луѓе и затоа што сега сите го препознаваат по акцијата наречена „Донирај компјутер“. Борче скромно вели дека само еден процент од успехот си го припишува на себе.

- Не можам да кажам дека ова беше едноставен и лесен пат. Но, можам да кажам дека е пат кој исполнува, пат кој ми ја топли душата речиси секој ден. Секое благодарам секојдневно ми одекнува во главава пред да си легнам. Секоја слика, секоја порака што ја ми праќавте како доказ за среќата на вашите дечиња, вашите студенти, вашите родители е препрочитана барем стотина пати. И си мислам, види Боре, ова ти го направи! Ова е твое дело! Ти си крив што стотина фамилии можат колку-толку да се почувствуваат убаво барем за момент. Барем за момент да помислат ете, не сме сосема заборавени. Ти и сите оние што се придружија кон твојата идеја, твојата замисла, твојата заложба заедно да направите нешто добро не само за себе, туку и за општеството во кое живееме - напиша Борче.

На крајот тој истакна дека нема место во земјава каде што не е дониран компјутер и од каде што не се јавил некој за да помогне на каков било начин. Борче вети дека ќе продолжи да дели среќа затоа што, како што вели, колку повеќе ја делиш, толку повеќе ти се враќа.

Инаку, целата акција на Борче почнала да се реализира кога тој дошол на идеја сите оние што имаат стари компјутери што фаќаат прашина во некој ќош да ги донираат, тој да ги среди и да ги подари. Денешниот негов јубилеј е доказ дека за ширењето на добрината е потребен мал поттик. Доказ дека не е сè така црно.