И кучињата заслужуваат ВИП-третман - хидромасажа и суво бањање во центарот на Скопје

И кучињата заслужуваат ВИП-третман - хидромасажа и суво бањање во центарот на Скопје

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Салонот за нега на миленици „Ту ту“ е едно од ретките места во земјава чии врати се отворени и за муштериите и за нивните сопственици. Ќе ве пречекаат опуштени и насмеани млади луѓе, расположени и за работа и за муабет

Aбo е невообичаено голем малтезер, вистински џин во неговата раса. Неговиот сопственик пие кафе со Илија на почетокот на „Водњанска“ во Скопје, додека Aбo стрпливо чека да заврши третманот. Прво го стрижат, па го бањаат со шампони со органско потекло и без хемикалии, па следува сушење со фен и четкање. Веќе на крај Aбo станува нестрплив, а во холот цвичи и се трга бидејќи вниманието му го привлекува четиримесечната Леа – исто така малтешка пудла, тазе истрижена, искапена, намирисана со миризливо масло од органско потекло.

Ветеринарот Филип Мирчевски и Або

Салонот за нега на миленици „Ту ту“ е едно од ретките места во земјава чии врати се отворени и за муштериите и за нивните сопственици. Ќе ве пречекаат опуштени и насмеани млади луѓе, расположени и за работа и за муабет. Во работна униформа со ликот на Снупи од легендарниот цртан филм „Снупи и Чарли Браун“, тие се обидуваат да воведат нови стандарди во хигиената и одржувањето на кучињата и на мачките. Речиси осум месеци се обидуваат во земјава да наметнат француски стандарди во грумингот (стрижење и обликување на крзното) и грижата за одржување на косата и влакната на милениците. Грижата е еднаква за сите - и за расните кучиња и за мешани раси.

Четиримесечната Леа во спа-када

- Јас не сум била на маникир, ама тебе те донесов. Види се каква си убава! – вели сопственичката на Леа со разнежнета насмевка на лицето и ме замолува дали може да ги добие фотографиите од нејзиното бебе-милениче.

Опуштени и насмеани

„Ту ту“ се наоѓа на почетокот на „Водњанска“ под Државна болница. Во околу 90 квадрати, на приземје и во уредени подрумски простории е сместен салонот кој нуди стрижење, капење, хидромасажа во единствената спа-када за миленици во Македонија. Салонот има и две тераси, на главната улица и поинтимна одзади, за сопствениците да можат да го надгледуваат био-третманот на нивните миленици по принципот отворена врата (open door). Третманот може понекогаш да трае и три часа, па затоа може да се опуштат со кафе и вифи, музика и друштво додека миленикот ужива.

Позитивната енергија ја пренесува дрим-тимот што работи во салонот - Илија и Татјана Петковски, двајцата ветеринарни техничари и сопственици на „Ту ту“, и Марија Манасиевска и Филип Мирчевски, дипломирани доктори по ветеринарна медицина. Работат тимски, сите заедно. Додека Тања и Филип го стрижат Або, Марија ја милува малечката Леа и ја опушта пред третманот во втората сала за груминг. И двете простории се со комплетна професионална опрема и со худраулична масичка.

Ветеринарката Марија Манасиевска ја опушта Леа пред третманот

- За секој миленик има различен третман. За некој е потребен половина час, за друг може да трае и три часа - објаснува Тања додека со машинка го обликува изгледот на Або.

Марија вели дека доаѓаат секакви кучиња, најчесто малтезери и бишони, но има и јоркшир териер, акита, кангал, басет, хаски, самојед, чау чау, лабрадор, пит-бул, кане корсо.
- На помалите раси сопствениците главно бараат главата да им е оформена како топче, некои сакаат пократко да ги стрижеме, други да им оставиме подолго крзно. Крзното се грумира со машинка, а главата секогаш се оформува со ножички. Имаме и мачки, сме стрижеле персиски мачки. Интересно е што 90% од сопствениците мислат дека милениците нема да бидат мирни и да соработуваат, а кога ќе дојдат, одлично си поминуваме. Сè е до љубовта и до пристапот кон милениците. Некогаш и заспиваат во текот на третманот - објаснува Марија.

Салонот е отворен и за сопствениците

Салонот е постојано отворен и за милениците и за нивните сопственици. Илија вели дека секогаш го канат сопственикот да присуствува на третманите, особено на првиот, за кучето да стекне доверба и да ги запознае новите ликови.
- Имавме случај со јоркшир териер, исклучително енергичен миленик. Првиот пат многу енергија ни одзеде, но веќе четвртиот пат беше смирен, знаеше каде доаѓа - раскажува тој.

Како што секој човек е приказна за себе, така и секој миленик има своја приказна. Многу клиенти раскажуваат дека во салони за нега на миленици се користат опивки и седативи за да бидат мирни и да не прават проблеми, често ги врзуваат, а дури и ги тепаат. Па кога сопственикот ќе дојде, не може да го препознае миленикот. Затоа во „Ту ту“ имаат политика на отворени врати. Најчесто нивни клиенти се миленици кои живеат со своите сопственици, но има и поинакви примери.

Пред и потоа

- Една жена го зеде кучето од соседот, не можела да гледа во каква состојба е и буквално ни го донесе. Ѝ наплативме половина цена поради сите невообичаени околности и кутрето навистина беше во катастрофална состојба. Има и такви случаи, но најчесто се убави приказни. Сопствениците спијат со милениците, ги сакаат, се грижат за нив, и ова им е еден вид подарок – раскажува Илија.

Тој и Тања речиси 20 години живееле во Франција. Таму добиле инспирација и решиле да инвестираат во овој салон. И двајцата се љубители на животни, таму посетиле многу салони и изложби на кучиња. Решиле тоа да не биде ветеринарна амбуланта, туку салон за убавина - дермато-козметички салон за кучиња каде што работат ветеринарни доктори и техничари и се дава надворешна нега на милениците, пред сè здравствена, но и естетска.

Органска козметика за кучињата

Работат со професионална опрема од Франција, органската козметика Biogans, која е најскапата во Скопје – шампони, кондиционери, средства за расчешлување... Има посебен третман за сите кучиња според бојата на крзното, мекоста и миризбата на влакното. Има специјализирана козметика, посебна за кучиња, посебна за мачки, за третмани на уши, очи и шепи. Целиот третман влијае врз цените, кои се на 40% попуст. Акцијата ќе трае до крајот на годината.

- Не лекуваме миленици, туку го одржуваме нивниот изглед и хигиена, а преку тоа здравјето. Често нè прашуваат зошто органска козметика која влијае и врз цената и врз сè. Органската козметика овозможува кучето да не ги вдишува хемикалиите, персоналот кој работи со козметиката е исто така заштитен. Кога кучето е третирано со органски препарати, безбедно е и за семејството, особено за децата кои си играат со него, го гушкаат, бакнуваат, го чешкаат, спијат со него. Многу кратковлакнести раси на кучиња - мопс, булдог - често имаат проблем со црвенила и алергични се на повеќето хемикалии што се во шампоните. Особено оние што имаат набрчкана кожа, како шар пеј. Кога ќе аплицирате козметика со органски состав, нема никаква реакција на кожата. Тоа никако не значи дека третираме само расни кучиња. Отворени сме и за кучиња од мешани раси. И ние дома имаме таков миленик - раскажува Илија.

Козметика со органско потекло

Салонот е наменет за нега на миленици и се продаваат основни производи - храна, ампули против надворешни паразити, капки за очи.

Спа-кадата наменета за кучиња може да се употребува и за мачки, но тие генерално не сакаат вода, па тешко е да се направи хидромасажа. Се употребува како еден вид рехабилитација, најчесто по скршеница или по тешка операција, кога треба да се зајакнат мускулите на кучето.
- Треба да плива и да добие одреден вид масажа. Филип веќе се насочува кон практицирање на масажа-релаксологија за опуштање на кучето, да се смири пред да почне третманот. Тоа е една од насоките во кои планираме да се насочиме во иднина - објаснува Илија.

Груминг – посебна уметност

Грумингот е посебна уметност. На ѕидот во салонот се закачени дипломите на Татјана и на Филип, кои во Париз биле на обука кај професионална грумерка со 30-годишно искуство, која работи на изложбени фризури на светски изложби на кучиња. Со неа се во постојан контакт, па ако дојде миленик со нестандардна физиономија, веднаш се консултираат со неа каков груминг предлага.

- Опремата е најдобрата што постои во француските салони, кадата е за кучиња до 150 килограми, со мала подвижна рампа, со друга рампа да се поткачи, да биде ергономична, да биде пријатна и за нас. Секогаш во животот најдобрите пријателства и средби ми биле случајни, сè ми било спонтано, така се споивме и со Филип и Марија. Филип беше сосема излезен од ветерината, па тука ентузијастички настапи и сите заедно многу веруваме во оваа приказна. Се изненадивме колку луѓето кај нас ги сакаат и се грижат за своите миленици. Затоа ни е многу важно да можат да го видат целиот третман на миленикот и да бидат присутни. Ние тоа им го овозможуваме. Некои од нив земаат половина работен ден за да дојдат кај нас. Не можеш да не го почитуваш тоа - вели Илија.

На сопствениците им е важно да бидат со милениците

Сосема се отворени и за корекции, секој чекор се прави во консултација со сопственикот. Па така, ако на сопругата не ѝ се допаднала новата фризура на миленикот, слободно се враќаат на досредување, без никаков проблем.
На прашањето што добива сопственикот кој сам се грижи и го негува своето куче кога ќе дојде во „Ту ту“, Илија вели:

- Иако е контрапродуктивно за нашиот бизнис, ние препорачуваме и најдобро е кога самиот сопственик се грижи за своето кутре. Тој најдобро го познава, знае како сака да изгледа итн. Си го знае од мало, знае како да му пријде. Важно е барем козметиката да биде органска...



Тимот на „Ту ту“ има три насоки во кои сака да се развива - груминг, масажи на миленици во постмедицински третмани и едукација. Зимава ќе почне школото за кучиња, кое повеќе ќе се однесува на сопствениците отколку на милениците.

- Ќе работиме во мали групи со сопствениците и милениците заедно. Како да му дадете апче (а да не го плукне), како да му ги исчистите ушите, очите, како да се грижите за шепите, како да ги сечете ноктите, дури и како да го стрижете – да им го пренесеме нашето знаење на нашите клиенти. За 90% од изложбените кучиња не се грижи грумер, туку самиот сопственик. Тој е најчесто перфекционист и ги знае сите карактеристики на своето куче. За кучето – нема подобар од него. Ние можеме да им ги пренесеме основите. Тука се и ветеринарните доктори кои се отворени за секакви прашања и совети. Би траело од 2 до 6 месеци. Ние не сме тренери, ниту дресери, туку ќе им покажеме како малото кутре да ги стекне основните навики - вели Илија.