ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Каде се образовале првите наставници во Македонија по Втората светска војна?

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Каде се образовале првите наставници во Македонија по Втората светска војна?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во пресрет на 5 Октомври, Меѓународниот ден на наставниците, и во чест на сите просветители, издвојуваме простор за првите образовани наставници во повоена Македонија

„Ти си добредојден во Учителската школа. Знам сè што треба да знам за тебе. Очекувам да внесеш нов јазичен и книжевен дух во наставата по македонски јазик и литература, да придонесеш освежувачки во работата на целокупниот воннаставен и вонучилиштен живот на школата, на ученичкиот дом и на вежбалницата. За сите писмено поткрепени и образложени идеи, иницијативи и предлози ќе ја имаш мојата целосна поддршка!“ Со овие зборови директорот на Учителската школа „Гоце Делчев“, Јонче Јосифовски, го пречекал новиот професор по македонски јазик, Атанас Николовски, во штипско Ново Село.
- Ме вџаши со едноставноста, отвореноста, непосредноста, духовноста и ефикасноста - раскажува Николовски многу години подоцна.

Атанас Николовски бил ученик во првата генерација (1946-1949) во Учителската школа во Штип, се вратил како професор, воспитувач и управник на ученичкиот дом, а потоа станал професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.


Проф. д-р Атанас Николовски / Фото: „Зборник од јубилејниот учителски собир“ 2016 год.

Во пресрет на 5 Октомври, Меѓународниот ден на наставниците, и во чест на сите просветители, ви ги претставуваме првите образовани наставници во повоена Македонија. Во какви услови и со колкав ентузијазам работеле оние што требало да описменат 75% од населението во земјава? По ослободувањето се основале три учителски школи – прво Скопската во 1945 година, па Штипската и Битолската, кои во 1946 година ја спроведувале наставата на македонски литературен јазик, откако на АСНОМ биле усвоени и македонската азбука и правописот.

Приказната за првите учители ви ја претставуваме преку Учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип. Токму во оваа зграда, денес реновирана, е сместен Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“. Пред четири години тие одбележаа 70 години од основањето на Учителската школа и отпечатија „Зборник од јубилејниот учителски собир“. Изданието е ризница од сеќавања и анегдоти од личности кои дале свој придонес во описменувањето и едукацијата на македонскиот народ. Проектни носители и редактори на зборникот се професорите Јелица Николовска и Атанас Николовски.


Фото: УГД

Учителската школа „Гоце Делчев“ работела само 18 години, од 1946 до 1964 година и за македонското учителство образовала 1.696 одделенски учители, кога на младото македонско општество му биле најпотребни.
- Тие учители ја потврдија својата мотивираност и љубов кон повикот - народен учител, и својата грижа за стручен развиток и професионално напредување. Речиси сите завршија вишо образование, многумина се стекнаа со факултетски дипломи и станаа средношколски професори - пишува проф. Николовски.

Од учениците и професорите на оваа Учителска школа, 16-мина се избрани за професори на виша школа, 11-мина магистрирале, 17-мина се здобиле со титула доктор на науки, а еден од редот на првите професори станал член на МАНУ.


Токму во оваа зграда, денес реновирана, е сместен Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ / Фото: УГД

- Првите дипломци есента 1949 година, како свеж, младешки бодар, професионално поткован, домороден учителски бран, храбро се вклучија во образовниот систем на Македонија. Беа тоа првите народни македонски учители, кои своето стручно и општо образование целосно го остварија на македонски литературен јазик. Во тогашните образовно-културни и кадровски противречности на младата македонска држава, меѓу она што се сака и она што се може, овие штотуку завршени македонски учители во Штип, со романтичарска самоувереност, ентузијазам и љубов кон повикот и во најнепристапни, најзаостанати и најсиромашни селски средини низ Македонија, донесуваа образование, култура, знаења и иднина во предели и населби каде што  порано воопшто и не постоеле училишта! Нив ги мотивираше и храбреше доблесниот лик на патронот Гоце Делчев, целосната преданост на општествено ценетата професија - народен учител и пиететот кон Учителската школа, која безмерно ја сакаа и со гордост ја нарекуваа „Штипска учителска Сорбона“ - пишува во Зборникот.