„Го избравте ФИНКИ, сега вие сте ФИНКИ“, порача деканот Јакимовски на првиот академски час
Подготвил:
Јована Трајковска
Денеска во Филхармонија се одржа првиот академски час за учебната 2022/2023 година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
На свечената церемонија присуствуваа новозапишаните студенти, на кои им беа доделени индексите, додека на некои стипендисти им беа доделени стипендиите, а пред студентите зборуваше деканот - проф. д-р Боро Јакимовски. Тој истакна дека ФИНКИ е најголемиот факултет во Македонија и во Југоисточна Европа и додаде дека годинава има повеќе од 1.100 нови студенти.
Проф. д-р Боро Јакимовски
- Горди сме што во последните 10 години сме факултет со најмногу студенти и најмногу научни трудови - рече тој.
Јакимовски истакна дека целта на факултетот е да создадат инженери кои ќе креираат свои бизниси, апликации итн.
- Го избравте ФИНКИ, сега вие сте ФИНКИ. Ние создаваме услови за да добиете знаење - им порача тој на новите студенти.
Добре дојде на новите студенти им посака и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.