Како треба да се борат земјите против падот на наталитетот?

Како треба да се борат земјите против падот на наталитетот?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Првото нешто што треба да го знаете за таканаречената демографска темпирана бомба со која се соочуваат земји како Обединетото Кралство и САД е никогаш да не го користите тој термин.

Со оглед на тоа што наталитетот продолжува да опаѓа во двете земји, примамливо е да се користи терминот темпирана бомба.

- Го мразам терминот и не мислам дека постои демографска темпирана бомба, тоа е дел од демографската транзиција. Знаевме дека ќе се случи ова и тоа во текот на 21 век. Не е неочекувано и за ова требаше да се подготвиме - вели Сара Харпер, професорка по геронтологија (истражување за ефектите од стареењето) на Универзитетот „Оксфорд“.

Сепак, обемот на проблемот е голем. За една земја да го зголеми или да го одржи своето население, потребна е општа стапка на наталитет помеѓу 2,1 и 2,4 деца по жена. Ова е познато како потреба за проста репродукција. Сепак, најновите податоци за Англија и Велс покажуваат дека просечната стапка на наталитет, наречена и вкупна стапка на плодност, паднала на 1,49 деца по жена во 2022 година од 1,55 деца во 2021 година.

Стапката опаѓа од 2010 година.

Слична е ситуацијата и во Шкотска и Северна Ирска, кои водат посебна евиденција. Во меѓувреме, во САД стапката на фертилитет падна на 1,62 деца минатата година, што е рекордно ниско ниво. Во далечната 1960 година тоа беше 3,65 деца по жена.

- Две третини од светските земји сега имаат наталитет под потребата за едноставна продукција. Јапонија и Кина имаат ниски стапки, а најниска во светот е во Јужна Кореја - додава професорката.

Денес, населението всушност расте само во Супсахарска Африка.

Зошто постои загриженост за падот на наталитетот?

Економските проблеми што таквиот пад може да ги предизвика се значајни бидејќи земјите се соочуваат со влијанието на стареењето, намалувањето на населението и помалата работна сила во однос на бројот на пензионери.

Како една земја ќе постигне економски раст ако компаниите не можат да вработат доволно работници?

За да се зголеми стапката на наталитет, земјите можат да понудат стимулации за грижа за децата, како што се даночни олеснувања и продолжено, целосно платено породилно отсуство. Но, иако таквите политики можат да го забават падот на наталитетот, тие ретко можат да го променат трендот. Едноставно, колку повеќе се образовани жените и колку повеќе работат и штедат, толку им е подобар животот. Многу жени избираат ништо да не влијае врз нивната заработка и кариера, така што честопати се откажуваат од мајчинството или одлучуваат да имаат помалку деца.

Во основа, постојат два начина на кои земјата може да се бори против падот на наталитетот: да се задржи поголем број жители во земјата кои ќе работат подолго или да прими поголем број имигранти. Трета можност не постои. Сингапур е една од земјите со најбрзо стареење во светот и избра подолг работен век како мерка за борба против падот на наталитетот, како и стимулации за компаниите што вработуваат луѓе до 69 години. Тоа значи дека штом работниците ќе достигнат возраст за пензионирање, можат да најдат ново вработување, доколку сакаат.

Во Сингапур, сегашната возраст за пензионирање е 63 години, но се планира да се зголеми на 64 години во 2026 година и 65 години до 2030 година.

- Oд суштинско значење е светот да го промени ставот дека постарите луѓе имаат право на неограничен период на одмор. Луѓето денес се поздрави, поенергични, когнитивно поостри и подготвен да продолжат да работат. Се надевам дека старосната граница за пензионирање ќе се зголеми до 70 години - вели професорoт Роналд Ли, кој предава економија на Универзитетот во Калифорнија.

Ставот на професорот Ли веројатно не е одобрен од многу луѓе, но во однос на економијата, таквиот пристап е неизбежен. Како што се зголемува животниот век, на земјите им станува сè потешко да исплаќаат пензии во подолг временски период. Некаде мора да се направи компромис, а подолгиот работен век е најочигледното решение. Но, постои уште еден можен одговор на овој проблем, а тоа е зголемената имиграција.



- Постојат политички, стратешки и програмски прашања, но демографски, она што треба да го направиме е да им дозволиме на жителите на земјите со огромен наталитет и огромен број работници да се движат низ светот во следните четири децении за да го пополнат недостигот на работна сила - вели професорката Харпер.

Сите знаеме дека постои огромно противење на масовната миграција, иако дури и популистичките режими замижуваат кога е потребно.

Елизабет Кујпер, помошник-директор на Центарот за европски политики, како пример ја наведува Унгарија.

Унгарската влада тврди дека има нулта толеранција за мигрантите, но Кујпер вели дека сите знаат дека овие земји, иако тоа нема јавно да го признаат, имаат развиено стратегии за селективна миграција во сектори како што се грижа и здравствената заштита.

Демографите знаат дека некој мора да направи отстапки. Земјите ќе мора да ги натераат луѓето да работат подолго или да го зголемат бројот на имигранти, а веројатно и двете.

Ова бара политички консензус, а политичарите знаат дека барањето од луѓето да прифатат повеќе имигранти или подолг работен век нема да им донесе повеќе гласови на изборите.

Извор: ВВС
Фото: Freepik