Со пастрмка на жар и чаша шприцер се инспирираме за нови песни. Pluto’s Doubts со светски настапи и во пандемија

Со пастрмка на жар и чаша шприцер се инспирираме за нови песни. Pluto’s Doubts со светски настапи и во пандемија

Подготвил: Никола Петровски

Лектор: Ивана Кузманоска

Луѓето што се занимаваат со музика и не се откажуваат се таму со причина. Да имавме план Б, немаше да се занимаваме со музика. За нас, нема подобра „занимација“. Така што, мислиме дека сме комбинација од супер тим, другари и музичари и со полна пареа одиме напред, велат од младиот скопски бенд Pluto’s Doubts.

Во период кога музичката дејност е на стенд-бај и голем дел од артистите се во неизвесност околу враќањето на нормалниот тек на функционирање, бендот Pluto’s Doubts продолжува да работи со полна пареа, надградувајќи го богатото резиме што го стекна изминативе пет години.

Иако постојат релативно краток период, популарните „плутоси“ веќе имаат оставено значаен печат на македонската музичка сцена. Со нивното појавување во 2015 година внесоа еден нов, свеж и уникатен звук и заедно со неколку други млади бендови само потврдија дека иднината на македонскиот рокенрол е во сигурни раце.

Во нормални околности тие штотуку ќе беа вратени од Њујорк од настапот на фестивалот „Мондо“ (Mondo) и ќе отпатуваа за Лондон на фестивалот „Готобит“ (Gotobeat). Сепак, поради пандемијата, тие настапи беа пренасочени преку интернет со пренос од Скопје. Ова не го обесхрабрува бендот, туку тие настапи се само почеток на тоа што следува, се надоврзуваат еден на друг гитаристите на „Плутос“, Горјан Стојменовски и Симон Пеоски, во интервјуто што го направивме со нив.

Прилично сте активни во текот на пандемијава, која е сурова кон уметничката дејност. Дали има промена во вашата музичка рутина, од аспект на пробите, работата на нов материјал и слично?

- Со оглед на тоа дека немаме голем избор во денешнава ситуација, решивме да не паѓаме на тестот на времето и да продолжиме со полна пареа, пробувајќи секој нареден проект да направиме да биде подобар од претходниот. Работиме повеќе, но се трудиме тоа да е поквалитетно секојпат. Самата работа и поголемата ангажираност околу бендот нè држат во одлична свирачка форма и дефинитивно даваат огромен придонес за креативни бранови.

Неодамна објавивте две нови песни. Тие ќе бидат дел од нов албум? Ако е така, кога може да се очекува тоа издание?

- „Слепа за луѓе свои“ и „Не бегај, бегај“ се насловите на двете песни што ги објавивме во изминатиов период. Двете песни се проследени со спот и можат да се видат/слушнат на нашиот јутјуб-канал и на сите популарни музички платформи. За одговор на останатите прашања ќе мора да почекате, не би сакале да откриваме премногу.

Имавте онлајн-настапи на фестивалот Мондо во Њујорк и на Готобит во Лондон. Како дојде до овие соработки и какви беа реакциите од настапите?

- Речиси пет години активно аплицираме за учество на фестивали надвор од нашата земја, но по многу безуспешни обиди конечно добивме позитивен одговор на две од нашите апликации. Се работи за фестивали т.н. Showcase, каде што сите музички работници што се вклучени во индустријата имаат можност да ја презентираат нивната работа и да разменат контакти и искуства. Реакциите беа позитивни, но сепак патот до Њујорк е долг, па затоа треба да се почне од соседството, па до Западна Европа, за евентуално да се стигне преку барата.



Како течеше рокадата на членовите во бендот до сегашниот состав?

- Бендот постои од 2015 година. Членови во бендот се: Симон Пеоски (гитара), Дарко Поповски (вокал), Марио Симоновски (бас-гитара, клавијатури), Горјан Стојменовски (гитара) и Емил Спиркоски (тапани). Еве и хронолошки приказ за љубопитните: почнаа Горјан и Симон, дојде Марио, па Дарко, па Лука Ѓорѓиевски, па Нино Спиркоски (на кратко), потоа дојде Емил, Нино си отиде, Горјан си отиде, Лука си отиде, за на крај Горјан да се врати.

Чија идеја беше Pluto’s Doubts?

- Идејата ни дојде сосема природно, едноставно по многу години секојдневно свирење во просториите во Тафталиџе добивме сериозна желба да направиме бенд. Другото е историја. Се надеваме дека еден ден ќе може да го прочитаме во „Македонската рок-енциклопедија“.






Кој имаше и сѐ уште има најголемо влијание врз вас, странски или домашни артисти?

- Музичкиот стил на Плутос го создаваме со поединечниот пристап кон инструментот и кон музиката. Секој од нас има различен стил и тоа прави да звучиме свежо, а притоа да се забележува влијанието од многу различни бендови, странски или домашни.
Со годините и искуството почнавме да црпиме инспирација и од други, немузички извори, така што едногласни сме дека отворена пастрмка на жар со чаша добро изладен шприцер може да придонесе значително за подигнување на моралот и креативната потенција.

Како тече креативниот процес при создавање на една нова песна. Дали тоа се случува на проби или еден доаѓа до идеја, па другите потоа нафрлаат свои идеи?

- Процесот е долг и сложен. Обично секој има „домашна работа“ да размисли што би правеле на проба, а потоа ги работиме идеите и доаѓаме до некоја завршна фаза каде што се изработува демо-материјалот на кој работиме во наредната фаза. Но не секогаш процесот е ист, за секоја песна е различно, а зависи и од многу работи и од периодот во кој ја работиме.



Дел од вас, а може и сите сте музички образовани? Што мислите, колку познавањето на музичката теорија помага во процесот на пишување песни?

- Музички сме образовани сите, кои академски, кои самоволно. Музичката теорија доста ни помага како еден нов пристап и гледање на музиката, секако дека помага и во создавањето нови песни, но не е никако пресудна. Така што мислам дека сме комбинација од супер тим, другари и музичари.

Со што друго би се занимавале да не беше музиката?

- Нашиот став околу ова прашање е секогаш ист и не веруваме дека некогаш ќе се смени. Луѓето што се занимаваат со музика и не се откажуваат се таму со причина. Да имавме план Б, немаше да се занимаваме со музика. За нас, нема подобра „занимација“.



Со кој бенд или соло-артист би сакале да настапите на иста сцена и што да очекуваме од вас следно?

- Со сите од кои можеме да научиме нешто и да се дружиме, почнувајќи од македонските бендови зашто тие, впрочем, се светски, не треба да се потценуваме, само треба да продолжиме напорно да работиме. Сепак, најсреќни би биле доколку добиеме шанса да настапуваме со Queens of the stone age. Оваа година е пред крај, но има уште многу денови до крајот. Притоа следуваат уште многу изненадувања и нови проекти од нас, така што следете нè. За 2021 г. имаме еден тон планови, но сè со ред. Во план е албум и концерт или албуми и концерти, никогаш не се знае.

Како решавате кој ќе свири на една песна, а да не си пречите? И кои ви се омилени гитаристи?

- По толку долго познанство и свирење делбата на гитари доаѓа толку природно, што понекогаш речиси „сами“ се прават гитарските делови. Од омилени гитарџии би ги одвоиле Пет Метини, Џон Фрушанте, Дин Фертита, Џек Вајт, Џими Хендрикс, Бил Фрисел, Влатко Стефановски и многу други.