За еден ден половина од населението на Словачка тестирано за Ковид-19
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
За да се спречи втор бран на Ковид-19, словачката влада викендов спроведе дводневно тестирање, охрабрувајќи што повеќе Словаци да се појават на закажаниот термин за тестирање. Резултатот: половина од населението на земјата успеа да се тестира за само еден ден.
Околу 2,58 милиона Словаци беа тестирани во саботата и само 38.359 (1,6 отсто) имаа позитивен тест. Вкупното население на земјата е 5,5 милиони, а владата се надева дека ќе тестира што е можно повеќе луѓе оваа есен. Со раното идентификување на случаите може да се спречи појава на понатамошни епидемии.
При огромната операција за тестирање над 40.000 медицински лица и тимови за поддршка составени од војници, полиција, административни работници и волонтери биле распределени на 5.000 места. Антигенските тестови беа бесплатни и граѓаните доброволно се пријавуваа, иако владата вети дека ќе воведе ограничување на движењето на оние што одбиваат да учествуваат.
Втората рунда на тестирања се планира за следниот викенд, кога владата се надева дека ќе го тестира останатиот дел од населението.
- Длабоко верувам дека ова решение ќе функционира во
Словачка ако оние што се негативни продолжат да се однесуваат одговорно, а оние што се позитивни останат во карантин со своите семејства - изјави премиерот Игор Матович.
Сепак, тестирањето беше многу критикувано. Некои експерти го критикуваа затоа што беа користени антигенски тестови кои се брзи, но помалку прецизни од ПЦР-тестовите. Експертите наведуваат дека антигенските тестови се подобри за насочени програми и треба да се спроведуваат заедно со други мерки.
Матович рече дека владата е свесна за тоа, но смета дека би бил корисен и половина успех во откривањето на заразените лица. Резултатите од тестовите од минатиот викенд покажаа дека стапката на инфекција значително опадна во четири области каде што бил спроведен пилот-проектот за масовно тестирање.
Во споредба со другите делови на Европа, Словачка забележа релативно мал број заразени од почетокот на пандемијата во март, но бројот на заразени се зголеми во последните неколку недели. Поради тоа, владата предупреди дека може да се преполнат болниците и здравствениот систем да колабира.
Извор:
Matadornetwork.com |
Telegram.hr
Фото: Pixabay