Над 100 деца учествуваа во Спировата тура со родителите, планинарот Апостоловски советува да се носат децата на планина за да станат поотпорни
Дружбата меѓу родителот и детето е од суштинско значење за правилен развој на детето, затоа и така го организиравме нашиот настан. Препорачуваме при избор на местата за посета патеката да не биде многу напорна за да не им се создаде одбивност на најмладите поради заморот. Нека биде тоа патека не подолга од 6 до 7 км во двата правци, со висинско искачување од 350 до 600 м.н.в., или севкупно 5 до 6 часа, советува Јовица Апостоловски, планинарски водич и претседател на планинарското друштво Х2О
Не постои лоша сезона за планинарење, но есента е чиста магија. Впивањето на боите на дрвјата, шепотот на лисјата, стркаланите желади и костени, позлатената трева… сето тоа во комбинација со планински воздух и планинска патека навестува еден супер продуктивен ден поминат во природа. Овој пат целната точка беше Спирова колиба, лоцирана на Скопска Црна Гора, и тоа не беше обична планинска акција, туку за родители и деца, во организација на планинарското друштво Х2О. Над 100 дечиња, од бебиња до 10-годишни, се вклучија во Спировата тура, секако со родителите. Џагорот навестуваше весел ден.
Стотина семејства се распослаа околу Спировата колиба
Патеката започнува од крајот на селото Бродец, кое се наоѓа на околу 15 километри од Скопје, поконкретно кај селската чешма, а дотука се стигнува по асфалтиран пат. Полни со енергија и ентузијазам, формиравме километарска колона и тргнавме да ја бркаме маркацијата до Спирова колиба на надморска височина од 1.448 м. Низ нискостеблеста шума, низ супер маркирана патека, се движевме бавно, со понекоја пауза на пространите ливади. Поминавме три и пол километри за околу два часа, па стотина семејства се распославме околу Спировата колиба за да се науживаме во погледот над Скопската Котлина.
Јовица Апостоловски, претседател на Х2О, беше иницијатор на оваа тура, чија цел беше да ги анимира децата да поминат време на планина и среќни да си заминат дома.
- Познати се здравствените бенефити што ги носи секој спорт. Планинарењето како физичка активност активира голем број мускули, што придонесува за правилен раст на едно дете. Спортот се одвива на отворено, односно подложни сме на сите природни елементи, преку кои градиме карактер и нѐ прават психички подготвени да се приспособиме на разни ситуации. Теренот по кој се движиме најчесто е нерамен, придружен со стрмнини со чие совладување работиме на градење на моториката. Поминувајќи повеќе време во природа, децата стекнуваат љубов кон растенијата и животните, стануваат поотпорни на разни предизвици во урбаната средина, се развива свеста за грижа за околината, едноставно учат да ја слушаат тишината - ни посочува Јовица.
Од кој град и да сме, во блиската околина имаме природа и места за прошетки
По планинарската акција „Родители и деца на Спирова колиба“ се вративме со импресии кои ни изнудија широки насмевки на сите што стоевме зад организацијата на настанот, дополнува тој.
- Да водиш повеќе од 100 дечиња на планина претставува сериозен предизвик, а секако тука е присутна и емоцијата… Не можеш да останеш имун кога гледаш околу тебе толку многу насмеани детски лица и слушаш весел џагор кога со нетрпение очекуваат да стигнат до колибата, а попатно ја согледуваш леснотијата при совладувањето на теренот со нивните мали стапала, како и најмалите кое безгрижно спијат во ранците на грб од родителите. Сликата е бесценета и ќе остане врежана во нашите сеќавања. Македонија е релјефна земја и имаме многу питоми планини достапни за секого. Не треба многу да истражуваме и да бараме места кои се погодни за децата, доволно е само да се има желба. Од кој град и да сме, во блиската околина имаме природа и места за прошетки. Жалосно, сѐ уште не сме свесни со каков планински потенцијал располага Македонија - споделува Јовица.
Од ладно никој не настинал
Имаме многу места за истражување и воодушевување од нивните убавини. И како што вели тој, доволно е само да се има желба за поминување време во природа.
- Дружбата меѓу родителот и детето е од суштинско значење за правилен развој на детето, затоа и така го организиравме нашиот настан. Препорачуваме при избор на местата за посета патеката да не биде многу напорна за да не им се создаде одбивност на најмладите поради заморот. Нека биде тоа патека не подолга од 6 до 7 км во двата правци, со висинско искачување од 350 до 600 м.н.в., или севкупно 5 до 6 часа. Најлесно е да почнат родителите да ги носат децата на организирани настани или во присуство на повеќе дечиња, каде што социјализацијата ќе го направи своето, односно преку другарување многу полесно ќе го совладаат напорот. За да имаат дечињата комодитет при престојот во природа, потребно е најпрво да имаат соодветни обувки на нозете, не мора да се планинарска, доволно е да имаат солиден ѓон за да се оствари сигурен контакт со површината, а исто така важно е слоевито да се облечени, односно со повеќе лесни парчиња гардероба за да може по потреба да се облекуваат и соблекуваат. Задолжително е да се внесува доволна количина течности и секако најважна е желбата. И запомнете, од ладно никој не настинал! Ни претстојат месеци во кои ќе се намалат температурите, но родители, не обесхрабрувајте се! Подгответе ги дечињата и се гледаме на планина. Планинарски поздрав - дополнува Апостоловски.
Фото: приватна архива