„Гниење на мозокот“ е зборот на годината на „Оксфорд“: Што точно значи?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Дали трошите часови на бесмисленото вртење по содржините на социјалните мрежи? Ако го правите тоа, можеби страдате од гниење на мозокот (brain rot), што „Оксфорд“ го прогласи за фраза/збор на годината.
Станува збор за термин што ја доловува загриженоста за влијанието на претераното консумирање интернет-содржини со низок квалитет, особено на социјалните мрежи. Користењето вакви содржини се зголемило за 230 отсто во 2023 и 2024 г.
Ендрју Пшибилски, психолог и професор на Универзитетот „Оксфорд“, вели дека популарноста на овој збор е симптом на времето во кое живееме.
Овој термин победи пет други фрази или зборови од потесниот избор на „Оксфорд“, вклучувајќи ги термините скромност (англ. demure), романтазија (англ. romantasy) и динамична цена (англ. dynamic pricing).
Гниење на мозокот се дефинира како влошување на менталната или интелектуалната состојба на една личност, особено како резултат на прекумерното консумирање материјал кој се смета за тривијален или непредизвикувачки. Првата забележана употреба на овој термин датира многу пред појавата на интернетот и била запишана во 1854 од Хенри Дејвид Торо во неговата книга „Валден“, каде што ја критикува тенденцијата на општеството да ги девалвира сложените идеи.
Зборот сега се користи како начин да се опише содржина со низок квалитет и ниска вредност пронајдена на социјалните медиуми.
- Нема докази дека гниење на мозокот навистина се случува. Наместо тоа, го опишува нашето незадоволство од онлајн светот и тоа е збор што може да се користи за да ја здружиме нашата загриженост поврзана со социјалните мрежи - вели Пшибилски.
Каспер Гратвол, претседател на „Оксфордс ленгвиџес“, вели дека гледајќи наназад кои зборови биле избрани во последните две децении, може да се види растечката преокупација на општеството со тоа како се развиваат нашите виртуелни животи, начинот на кој интернет-културата проникнува толку многу од тоа што сме и за што зборуваме.
- Гниење на мозокот зборува за една од опасностите од виртуелниот живот и за тоа како го користиме слободното време - вели Гратвол.
Извор:
BBC
Фото: Freepik