Тестот не е клучен во формирањето на оценката на ученикот

Тестот не е клучен во формирањето на оценката на ученикот

Во едно комплетно наставничко портфолио, покрај различни планирања и програми за наставата, извештаи, записници..., нема што нема, има и критериуми и стандарди за оценување на учениците по наставните предмети. Наставниците треба да ги почитуваат тие критериуми и доследно да ги применуваат. Покрај тоа, секој наставник си има свои критериуми, во зависност од тежината на предметот, според кои ќе го следи напредокот на ученикот и на тој начин ќе може да оформи оценка за него. Како што наставникот има свое портфолио, така има и за секој ученик, во кое се сумираат сите негови наставни активности и постигнувања.

Се случува многу често, можеби од недоволна информираност, и учениците и родителите да кажат: „Ама јас на тестот добив тоа и тоа“ или „Моето дете на тестот доби тоа и тоа“. Да, слободно родителот може да направи увид во самиот тест, или во наставниот лист итн. Но, каде е избрзаната грешка? Еве, по не знам којпат, тоа треба да биде јасно и да се стави до знаење дека предметите: македонски јазик, математика, странски јазици, покрај усна имаат графа и за писмена оценка која директно од писмената предвидена за писмена оценка се внесува во дневник. Меѓутоа, таа е писмена работа, а не тест. Од друга страна, пак, тестот не е целосно меродавен за да се оформи една формална бројка или еден опис за ученикот. Тој само го покажува нивото на писменото изразување на ученикот и пренесувањето на тоа што го совладал и научил за една тематска целина. Не може оценката од тест да биде, на пример, полугодишна оценка или опис во шесто одделение. Тука да бидеме начисто.

Наставниците имаат свои барања и очекувања, кои учениците треба доследно и одговорно да ги исполнуваат затоа што на тој начин појасно ќе може да се согледа која оценка ја заслужуваат, или до кое ниво на знаења се стигнати. Како на пример: редовност на часовите, запишување тоа што го диктира наставникот, домашни задачи, проекти, презентации, вклученост во наставни и во воннаставни активности, учества на конкурси, учества на натпревари... и уште многу други задолженија и активности кои се клучни за оценката на ученикот, па и воопшто за личноста на ученикот. Има ученици кои писмено полесно се изразуваат, а има ученици на кои полесно им е усното изразување. И двете изразувања се важни бидејќи така се согледува на кој план треба повеќе да работи ученикот заедно со наставникот. Меѓутоа, не смее да се сведува оценката од тест (без разлика дали е 4 или 5) како клучна во оформување целосен успех на ученикот. Тестот не е предуслов за да се оцени ученикот. Некако во последно време тестот е сведен на целосно постигнат резултат на ученикот, а тоа не е така и нема да биде. Точно е дека имаме и категорија ученици на кои не им оди ни писменото ни усното изразување, па затоа за нив се наоѓаат други решенија, со цел да ги натераме нешто да изработат, или да препишат, па со свои зборови некако да го објаснат тоа, за да можат да поминат со преодна оценка. Наставникот е главниот менаџер во училницата и на наставниот час и од него најмногу зависи квалитетот на стекнатите знаења и вештини на учениците. 

Одговорноста за успехот, па и за дисциплината кај учениците тргнува од наставникот, а потоа, од самите ученици и, секако, од влијанието на родителите. Таа алка е како синџир на исхрана и мора да се почитува.

Познавам наставни часови на кои учениците ниту запишуваат нешто во тетратка, па дури ни учебник не користат на клупите, едноставно телефонот им е „изучување на наставна лекција“. И нормално, сите ученици ќе имаат петки. Тоа не е ниту резултат ниту, пак, успех, без разлика дали предметот е задолжителен или изборен. Се знае како треба да се одвива наставниот час и кои наставни средства треба да постојат во неговата реализација. Не смее наставник да дозволи ученик да не му носи прибор на час, тоа е казниво. Сепак, одиме на школо нешто да научиме, а не да бидеме гости во текот на целата учебна година и да создаваме врева на часовите. Затоа, посочив дека главната и најодговорна функција на часот и воопшто во наставата ја има наставникот. 

Ако наставникот одлучил само тестот да му ја решава оценката на ученикот, веднаш би му ставил строга забелешка и опомена. Не верувам дека постои таков предмет кој се решава само со тест, а за кој не постои ни книга ни тетратка на час. Оти, таа навика кај децата после се пренесува и дома и по другите наставни предмети и нормално, оттука доаѓаат сите недоразбирања. За крај, сакам да посочам: доколку просветар не знае или е во дилема како да оценува ученик, нека тргне од БРО, нека тргне од педагошката служба во училиштето, нека тргне од искусните колеги и нека се консултира. Нема тука срамење. Целиот живот учиме и го надградуваме тоа што го учиме. Така појасно ќе ставиме до знаење дека не може само да се „потпираме“ на оценка од тест за да формираме целосен резултат по предмет. Учениците кои се доследни и одговорни на наставните активности знаат како да ја добијат заслужената оценка. Толку!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик