Нема една причина зошто би останал. Животот ми е уништен овде, работам по 13 часа секој ден и едвај преживуваме
Поразителни 83,7 отсто од испитаниците би си заминале од Македонија кога би имале шанса. Ова се резултатите од анкетата под наслов „Кога би можеле, дали би заминале од Македонија“ што Факултети.мк ја објави пред две недели. На прашалникот анонимно одговорија вкупно 1.474 читатели. Интересен е податокот што во првите неколку часа имаше масовно одговарање на трите поставени прашања.
На прашањето „Кога би имале шанса, дали би заминале од Македонија?“ одговорија 1.491 читател. Од нив дури 1.234 (83,7%) одговориле со „да“, 123 (8,3%) се двоумат, додека 117 испитаници (7,9%) би останале во Македонија.
Различни се одговорите за земјата каде што би се преселиле. Германија, Австралија, Канада, Франција, Холандија, Данска, Австрија, Скандинавија, Швајцарија, Словенија, Нов Зеланд, Шведска, САД, Англија... Има и вакви одговори: „Каде било, само не Македонија“, „Подалеку оттука“, „ Во земја каде што владеат закони и каде што има нормален здравствен систем и образование“.
На прашањето: „Зошто би заминале?“ одговорија 1.054 читатели. Најчестиот кус одговор е „за подобар живот“. Еден наш читател ја сублимирал целата реалност во неколку реченици:
- Катастрофално лошо функционирање на сите институции. Корупција, мито, непотизам. Голема злоупотреба на должностите и функциите што им ги доверила државата. Лоша инфраструктура, лоша организација во функционирањето на сите институции. Тие што се одредени да ја организираат работата и функционирањето на институциите се неспособни, корумпирани, алчни да заработат многу за кратко време. Не постојат долгорочни планови за развој и напредок. Корумпирана полиција, судство... Здравствениот систем многу лошо организиран, нефункционален. Образовниот систем корумпиран. Факултетите се натпреваруваат кој ќе им додели (продаде) повеќе дипломи на неспособни кадри! Способните, вредните, тивките, трудољубивите... се оставени на маргините, да се снаоѓаат како знаат и умеат.
Во продолжение се дел од вашите одговори зошто би заминале од Македонија:
- Бидејќи во нашата држава не функционира никаков систем (политички, образовен, здравствен итн.), покрај тоа и народот е тотална катастрофа.
- Подобри работни позиции, подобра плата, поголема општествена свест, помало ниво на корумпираност во тие земји. Вработениот кадар таму е барем соодветно образован за своите работни места. Без навреда на чесните исклучоци во нашата земја, дури и самите експерти што ги имаме се со многу низок морал за да може да ја извлечат оваа земја од дупката во која е падната.
- Подобра иднина на моите деца и сигурност.
- За да дишам чист воздух.
- Затоа што ова не е држава.
- Лош и недостоен живот во Македонија.
- Поради нефункционирањето на институциите составени од партиски и неписмени кадри. Поради ужасното здравство. Поради фаќањето врски во сите сфери од секојдневниот живот. Да одиш на добар лекар, ти требаат врски и многу пари. Да добиеш соодветна позиција на работно место, ти требаат врски и многу пари. За да завршиш факултет, ти требаат врски и многу пари. Секоја чест на поединци што работат по закон, ама ретки се. Па се прашувам зошто држат позиција да земаат плата од државата, а ништо да не сработат? Зошто за такви луѓе да плаќам даноци? Можеби треба и кога одиме по шалтери, да му платиме само на оној што ќе мрдне со прст и ќе ни заврши работа, а не за сите, па и на оние што дремат.
- Ниските плати, урнатиот образовен и правен систем, пропаднато здравство, т.е. во целина нашево општество има тренд во негатива, секој ден тонеме сè повеќе и повеќе, а никој не презема ништо околу тоа. Напротив, преокупирани сме со хаосот во политиката од кој само политичарите имаат корист, а додека ние, граѓаните, на оваа мала држава сме принудени да бараме начин како да го поминеме денешниот ден, а сето тоа да го скриеме од очите и чувствата на нашите деца.
- Преку глава ми е од недоквакани политичари и останати подлизурковци што раководат со општеството, компаниите и сè друго во државата.
- Поради корупцијата, партизацијата, образованието, судството, сигурноста на живот, воздухот и уште 1000 други причини.
- Затоа што наскоро ќе станам доктор на науки, а со платата што сега ја земам немам што да јадам последната недела од месецот.
- Не сакам да ги оставам децата во дисфункционално општество.
- Заради децата... Децата мои да имаат повеќе шанси за успех, да можат да растат и да се надградуваат во знаењето колку што сакаат... И за секој свој степен на образование да имаат можност за вработување и заработка за пристоен живот. Да се вреднувани заради трудот и знаењето. А никако заради партиска книшка...
- Тука работиш за да преживееш, а не за да живееш.
- Затоа што во Македонија не се вреднува квалитетот на кадарот, мали се примањата, големи се секојдневните давачки (особено во Скопје) и камати, нема правна сигурност, ниту сигурна иднина во однос на стабилноста на државата.
- Најмногу од економски причини, 22 години сум невработен и покрај тоа што имам завршено факултет за инженер, присилно отслужено војска и кристално чисто полициско досие. Имам конкурирано на над 400 огласи за вработување, втора причина е политичката состојба во Македонија и трета главна причина - менталитетот на средината.
- Имам мастер во архитектура и земам 18.000 денари, и тоа веќе година дена без никаков напредок. Не е до фирмата, до стандардите е, срамота!
- Затоа што ја видовме иднината последниве 25 години.
- Лоши луѓе. Лош воздух, лоши патишта, пренатрупан сообраќај и нервозни учесници во сообраќајот, македонски газди, неработници, назадни погледи, верници...
- Трпев 12 години, се борев против режим и кога мислев дека доаѓаат подобри времиња за да го вратам синот од странство, веќе и ќерката заминува на мастер и не планира да се врати. Ме разочараа политиката и алчноста на моите другари. Кажете ми, што ќе правам јас кога најмилите не се со мене, нема просперитет во оваа земја.
- Пропаѓање на системот заради елити.
- Поради тоа што во Македонија вложениот труд не се вреднува и платите не се доволни за пристоен живот. Како млада, амбициозна, вработена личност не гледам можност за напредок.
- Целиот труд ми паѓа во вода. Немам право на пристоен живот.
- Да се спасам од немаштија и долгорочна невработеност.
- Партиска држава, партизирани системи. Држава каде што успеваат партиските потрчковци, а не најпаметните и студентите на генерација.
- Лошата финансиска состојба, немањето напредок 25 години во реформите за влез во ЕУ, огромната корумпираност на институциите и политичката криза.
- Нетрпелив народ што не прифаќа различности, малограѓанштина и простотилак насекаде, преголема загаденост, лошо здравство и социјална несигурност, неорганизиран јавен превоз, недоволно развиена културно-уметничка сцена надвор од Скопје, хипокрити и божем побожни лоши луѓе насекаде, мала плата за работата што ја работам - а за која земам многу повеќе и имам подобар животен стандард во Лион.
- За подобар живот, за подобро образование на моите деца, за подобро здравство, за работа и подобра финансиска состојба, за почист воздух, за безбеден живот, без поделби, без омраза кон другите, за живот со морални и етички вредности, поради непочитувањето на мерит-системот, за почитување на вредностите, за почитување на квалитетот, поради неправдата, поради корупцијата што ја има во секоја пора на општеството и која не само што не можеме да ја искорениме туку и ги учиме децата како треба да настапат за да го добијат она што го сакаат, поради поларизирано општество, поради партизирана администрација и последно - за живот без политика која сега нè оптоварува 24 часа на ден.
- Бидејќи Македонија стана феудална држава.
- Не е до парите. Секојдневието е катастрофа од сите аспекти (народ, опкружување, манири, ставови, институции, општини, ВОЗДУХ).
- Нема една причина зошто би останал. Животот ми е уништен овде, работам по 13 часа секој ден и едвај преживуваме. - За да не ги гледам повеќе овие ѓубриња од пратеници (важи за сите партии) како ја докрајчуваат државата.
- Затоа што и покрај тоа што за година дена ќе станам магистер по фармација, не гледам дека овде можам да заработам за нормален живот. Во 21 век татко ми е заминат на печалба...
- Поради долгорочната невработеност на сопругот иако е магистер. Одвратното владеење каде што институциите те дерат на секој чекор и тоа малку што ти останува. Немање никаква економска сигурност, при што една плата нè дели од бездомништво.