Нашинци сведочат за апокалипсата со пожарите во Австралија
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Австралија гори и се соочува со пожари какви што не памети. Вонредна состојба, паника, човечки жртви, изгорени животни, луѓе оставени на улица, опустошена природа... Денес се очекува да биде еден од полошите денови, а се најавува дека два пожара ќе се пресретнат. Се очекуваат превисоки температури и силен ветер.
Разговаравме со неколкумина нашинци во Австралија кои ни раскажаа за пеколот со кој се соочува земјата. Државата Викторија не памети ваква природна катастрофа.
- Овде е многу лошо. Бевме на кампување покрај реката Шоалхејвн и буквално нè избркаа оттаму. Не ни се верува дека во Австралија во 2020 година е вака. Има гратчиња што се целосно без струја, вода, бензин, јадење. Не ја пуштија војската да помогне. За утре се најавува дека ќе има 42 Целзиусови степени, со многу ветер и два големи пожара кои наводно ќе се сретнат. Генерално, народот не е задоволен од тоа како властите се справуваат со непогодата. Но, духот на луѓето е силен. Многу луѓе помагаат и со донирање храна. Многу Македонци од Сиднеј, Волонгонг и Канбера се заглавени на јужниот брег - вели Џим Ристевски, Австралиец со македонско потекло, кој живее на 100-ина километри од Сиднеј.
Семејството Ристевски било на кампување покрај реката Шоалхејвн, но морало да го напушти местото
Семејства што живеат во Мелбурн тргнале на одмор во туристичкото место Лејкс Ентранс во областа Истерн Гибсленд на 27 декември. Нашиот соговорник вели дека на 30 декември температурата била 45 степени, а на 1 јануари - 17!
- Кога тргнавме, не знаевме дека таму веќе има мал пожар кој е доста блиску до нас и може да прерасне во ваква катастрофа. Првиот ден беше супер, но дознавме за пожарот и почнавме да слушаме вести и инструкции на радиостаница наменета само за тоа. Вториот ден се информиравме подобро и ни кажаа дека наредниот ден се очекува да биде 45 степени и дека ќе има силен ветер од север (топол) и ќе ги донесе чадот и пепелта од пожарите. Рекоа дека ќе биде доста лошо, но градот ќе биде одбранет од огнот доколку биде потребно... Третиот ден отидовме до најблиското гратче бидејќи тоа беше на листата со побезбедни, на 35 километри од нас со надеж дека сè ќе се реши во текот на денот. Се вративме пак таму по ручекот и дури тогаш се случи апокалиптично небо со дожд измешан со пепел. Паѓаа прегорени листови, па и цели гранчиња од евкалиптус како конфети. Имаше 45 степени. Многу лошо. Се исплашивме. Целиот копнен дел околу градот, на приближно 20 километри далечина, беше опкружен од пожар - вели нашинецот.
Лејк Ентранс е дел од регионот Истерн Гипсленд, каде на 30 декември во еден ден загинаа седуммина
И воздухот во Мелбурн и во цела Австралија деновиве е лош, сведочат жителите.
- Гори многу големо подрачје и површината се менува во секој час. Седуммина загинаа тој ден во таа област опфатена од пожарите. Кога стигнавме, имаше околу 30.000 туристи, на 30 декември 9.000 си отишле, а сега сигурно се останати само мештаните. Два дена патот беше затворен, не можевме да се вратиме порано и да сакавме. Наредните денови чекавме да го изгаснат бидејќи веќе беше сè стишено. Сега откако објавија вонредна состојба, има најава дека сосила ќе иселуваат жители од некои подрачја што се во опасност. На 200 километри северно од туристичкото место изгоре гратче. Луѓе влегле во бротчиња, кајчиња, глисери, па ги собраа со воен брод. Има и луѓе што не сакаат да се иселат, кои велат дека сами ќе го гаснат пожарот. На патот до Мелбурн, цело време возевме низ прашина и чад - ни раскажа соговорникот.
Предупредувања што ги добивале туристи