МОН со повик до наставници од основно за напредување во звање ментор
Првпат во образованието се воведува кариерен напредок на наставниците кој подразбира стекнување дополнителен личен доход, информираат во Министерството за образование и наука -MOН. Од оваа година се имплементира законската одредба наменета за наставниците за кариерен напредок во звања ментор и советник, што подразбира и стекнување дополнителен паричен надомест, како дел од личниот доход од работниот ангажман.
- Се работи за право кое произлегува од новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, креиран како дел од Планот за темелна реформа на националниот образовен систем и има цел да влијае врз личната мотивација на наставниците за работа и да придонесе за подигнување на дигнитетот и општествената важност на просветителската дејност - појаснуваат оттаму.
Првиот јавен повик за наставници од основните училишта за напредување во звање ментор е објавен на следниот
ЛИНК. Повикот предвидува конкретни квоти за секоја општина, односно колку најмногу наставници во текот на оваа календарска година можат да напредуваат во соодветното звање.
За да се пријави еден наставник на повикот, потребно е да исполнува неколку услови, односно да има најмалку седум години работни искуство како наставник, да е вработен на неопределено работно време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник-ментор.
- Пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку порталот
www.karierenrazvoj.mon.gov.mk, каде што во прилог на апликацијата се приложува и соодветна документација како доказ за исполнетост на наведените услови. Крајниот рок за аплицирање е 21 јануари, а резултатите од повикот ќе бидат објавени најдоцна до 10 февруари - додаваат во МОН.
Министерството за образование и наука ги повикува сите наставници од јавните основни училишта да го разгледаат повикот и доколку ги исполнуваат условите за аплицирање, да ја поднесат својата пријава во предвидениот рок за да го остварат своето законско утврдено право за напредување во звање ментор, а со тоа и да си обезбедат повисок личен приход.
Очекуваме одговор од МОН за тоа колкав ќе биде надоместокот на плата за избраните наставници во звања.