„Преживеавме“, „Не се лутиме на препишувањата, битно беше да чуеме абер од учениците“, „Колку научивме и што сѐ изгубивме“... Наставници и педагози за лекциите од 2020

„Преживеавме“, „Не се лутиме на препишувањата, битно беше да чуеме абер од учениците“, „Колку научивме и што сѐ изгубивме“... Наставници и педагози за лекциите од 2020

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Сите сме свесни за тоа колку нѐ исфрустрира 2020 година. Нѐ затвори во домовите, нѐ оддели од блиските, заштитата од коронавирусот значеше купишта нови правила, протоколи... Учениците и професорите ги стави пред екраните, од каде што беа принудени да продолжат да учат, наместо од училницата.
Каква лекција беше годинава? Каква оценка би ѝ дале професорите, со оглед на фактот дека големи беа промените со кои се соочија? Што можеме да научиме од изминатата година. На овие прашања за Факултети.мк одговор даваат неколкумина професори и педагози.


Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје

Кога ќе ги слушнеш со каква импресија зборуваат за романите на Ками и Кафка..., сфаќаш дека нема простор за фрустрации сѐ додека си ги слушаш учениците

Човек учи додека е жив и никогаш не е доволно учен, но 2020 година беше година на животни лекции кои и на најскептичните им докажа дека две најсериозни нешта во животот се болест и смрт. Светот боледува и нѐ учи на благодарност кон утрото што нѐ буди, денот што ни наздравува и ноќта што нѐ заспива. Секоја прележана болест нѐ прави поблагородни и духовно посилни, но оваа година, како ниту една претходно, здравиците и фразите: ,,здравје да имаш“, „да не куртулиш од здравје“, „на здравје нека ни е“, „да си жив и здрав“ добија употребна вредност не како клишеа од куртоазија, туку како сериозни и длабоко емотивни посакувања и вреднувања. Апсурдноста на новонаметнатата ситуација е што стануваме емотивно поблиски со децата преку далечинската настава.



Социјалната дистанца нѐ зближи со нивните лични и семејни проблеми, повеќе имаме разбирање, не се лутиме кога ни праќаат препишани задачи, важно пратиле абер, здрави им се прстињата со кои препишуваат! Се радувам на гласот што им го препознавам, не мора да им го видам лицето или прочитам името, има нешто гласовито добро кога слушаш умни мисли и знаеш чии се.
До неодамна ги препознавав по ракописот, кај некого чкрабопис, кај некого краснопис, но е нивен автентичен рачен белег, умствена креација. Сега ми остана автентичноста на гласот кој детектира знаење, сигурност во тоа што го зборува. Можеш да го прекинеш и потпрашаш, сигурниот знанствен глас има таква обоеност и смиреност која не си дозволува да чита од некаде или слуша суфлери, туку извира од говорителот. Па кога ќе ги слушнеш со каква импресија зборуваат за романите на Ками и Кафка, за апсурдноста на човековото постоење и философијата на егзистенцијализмот преку апарати, сфаќаш дека нема простор за фрустрации сѐ додека си ги слушаш учениците каде и да се и на какви апарати да се. Нема непријатности, ни фрустрации кога имаш цели, дури и кога туркаш камен по угорнина, ако тоа те прави среќен.


Eлизабета Секирарска, професорка по менаџмент и маркетинг во „Перо Наков“ во Куманово

Од короната имав можност која би сакала да ја немав - си ја повторив лекцијата дека имаме уште многу за учење и дека децата учат од нас

Освен, секако, силната фрустрирачка нота, која сите ја чувствувавме во месеците зад нас под влијание на короната, поради која на сите ни се сменија животните приоритети, сфаќањата и согласно тоа начинот на однесување, и приватно и професионално, она што го изнесуваме како „знаење“ стекнато во ужасов се неколкуте, би рекла, многу важни нешта кога е образованието во прашање:
Мене лично овој исклучително мачен период ми одржа лекции кои ми помогнаа да сфатам дека има вистина во фактот дека мачните времиња го покажуваат она што во „мирнодопски“ услови може да се затскрие - слабостите на системот. Пред сѐ, генерално земено, исплива неподготвеноста на надлежните за посоодветна реакција, што во основа го разбирам и можам да го оправдам, ако го имам предвид ефектот на короната и врз посилните системи од нашиот - сепак е ова глобална тешкотија која го падна светот на колена и која сите ги остави затекнати од она што се случи и сѐ уште се случува. Секако, радува фактот што и во вака реално, долготрајно заболен систем се согледуваше професионалниот напор на надлежните да се најде решение (и сѐ уште се бара) за надминување на тешкотиите и лично сметам дека фелата научи дека може да се работи и во услови кои дефинираат вонредие и со самото тоа не се едноставни - да се биде добар наставник и кога не сме со децата, се покажа како многу тежок аспект на нашата професија. Сметам дека на ова треба сите уште многу да работиме.



Во однос на учениците, лекциите што ги учевме како фела се можеби потешките. Мислам дека е така поради фактот што она што го гледавме и живеевме и во училниците додека децата беа со нас, но што можеше да се надмине и неутрализира поради директниот контакт со нив и придобивките на истиот од педагошки аспект, сега, со онлајн-форматот на изведување на наставата се појави на површина во сиот свој мачен интензитет - немањето работни навики кај учениците, изостанувањето на чувството за одговорност кон обврските кои и во овој формат можат да се реализираат, долготрајното запоставување на воспитниот аспект на нашата професија и фокусирањето исклучиво на образовниот (кој, за жал, сепак не ги испорачува очекуваните ефекти). Секако, во овој контекст би ја споменала и улогата на родителите, кои со чест на исклучоците, не ја одиграа својата улога на наш партнер во воспитно-образовниот процес, со што и на децата ќе им беше попрецизно сфатлива траекторијата по која требаше да се движат.
Сублимирано, од короната и она што таа го продуцираше имав можност која би сакала да ја немав - си ја повторив лекцијата дека имаме уште многу за учење и дека децата учат од нас и од тоа што сме ние самите, како нивни модели за однесување. Секако, во поглед на образованието генерално, ми се потврди фактот дека станува збор за базичната сфера на која што поскоро ѝ треба реформски зафат, кој ќе овозможи продуцирање на млади умови, подготвени за живот по сите основи - она што толку многу и толку долго му недостига како на систем кој, за жал, многу време за децата веќе не е предизвик. Останувам во верба дека оваа лекција сите ќе ја имаме на ум.

Д-р Соња Енџекова-Сопотска, професор во „Васил Антевски – Дрен“

Научивме како да управуваме со овој технолошки свет каде што не постои простор за силните емоции, да се радуваме на обичните работи, силно да сакаме...

Основната цел на образованието во оваа кризна година се стремеше да ја доведе во согласност моралната, интелектуалната и физичката природа на учениците до совршенство за да можат тие да го дадат својот најголем можен придонес за себе и за другите. Тогаш се поставува прашањето: Што научивме од оваа година? Во текот на оваа година научивме дека најмалите нешта го сочинуваат нашиот мозаик наречен живот, научивме дека надежта и здравјето го осмислуваат нашето постоење.



Тоа подразбира дека оваа година ја изгубивме искрената насмевка на учениците кога се задоволни од добиената оценка, прегратката што значи споделување на љубовта, лутината кога им е направена неправда, силниот џагор низ ходниците што беше проголтан од немата празнотија и тишина. Но, научивме како да управуваме со овој технолошки свет каде што не постои простор за силните емоции, научивме да се почитуваме меѓусебно, научивме да се радуваме на обичните работи, научивме силно да сакаме! Она што не го научивме е високата морална свест и совест што се препознава во скриеното незнаење кое е покриено со чаршафот на лажното знаење и измамата!
Пораката што би сакала да ја упатам до учениците е развивање на моралот во нас и стремеж кон вистинското знаење, бидејќи иднината е неотворена Пандорина кутија и само со моќта на знаењето може да се борите против сите искушенија низ животот!

Убавка Бутлеска, педагог во „Манчу Матак“ во Кривогаштани

Иако сѐ уште сме во непозната, треба да сме меѓу мудрите и да учиме од сето ова да станеме подобри

Малку е да се рече чудна година, ете и неа ја преживеавме, буквално. Уште како дете замислував дека ќе доживеам таква чудна година кога ќе нѐ посетат вонземјани (многу читав СФ). Не бев можеби далеку од вистината ако се земе предвид дека овој вирус испадна дека е многу непознат, но сепак замислував попријателски расположени вонземјани.



Шегата настрана, сето ова го измести нашиот живот комплетно, а секако и работата која ја работиме. Образованието не е веќе она што беше, како впрочем и сѐ друго. Мудрите луѓе велат дека од сѐ треба да се научи нешто ново, без разлика дали било позитивно или негативно. И иако сѐ уште сме во непозната и секојдневни менувања, треба да сме меѓу мудрите и да учиме од сето ова да станеме подобри. Секојдневно со колегите разговараме на оваа тема, согледуваме до каде сме стасале, што сме постигнале, како понатаму.
Гледајќи ги учениците кои се во училиштето со физичко присуство, просто да ти е жал, како да немаме ученици во училиште, нема џагор, не се дружат со близина, нема задевања, не се работи во групи, во парови. Сепак, кога ќе ги прашаме како се, се покажува дека се презадоволни што одат на училиште, никој не се жали на маските што ги носат, на тоа што мора цело време само да седат во својата клупа без другарче до себе. Дали се приспособуваат и тоа подобро и побрзо од нас на новонастанатата состојба?
Наставниците кои се со физичко присуство велат дека научиле да се попустливи, почувствителни, посоработливи со родителите, да ја приспособуваат и интегрираат наставната содржина, но сепак велат сите заеднички дека одвај чекаат да се вратат по старо, очекуваат ова дека е минливо, бидејќи многу недостигаат игрите, дружењата меѓу децата. Ова пак ми вели дека промените може да донесат и некои позитивни сознанија.
Далеку поинтересна за опсервација и анализа е наставата на далечина. За разлика од пролетта, сега е поорганизирана, поструктурирана, им дава поголема сигурност на наставниците и за чудо и се реализира најдобро што може во овие и вакви услови што ги имаме. Се наметнува заклучокот дека дел од наставниците, родителите и учениците се задоволни од тоа како се одвива оваа настава, но друг дел и не сосема.
Доста интересен е и начинот на кој одговараат учениците на наставата на далечина, дел ја избегнуваат и воопшто не учествуваат, дел ја сфаќаат само како обврска и присутни се колку да добијат преодна оценка, дел учествуваат со цел да се дружат, но има и такви ученици кои максимално се присутни и проактивни, многу заинтересирани и посветени, си ги завршуваат сите обврски и задачи навреме и како што треба, дури и се активни во воннаставните активности. Точно е дека и со физичко присуство е слична состојба, но интересно е да се проучат исклучоците и зошто е тоа така, но и еден друг факт кој е сѐ поприсутен кај нив – индиферентноста, незаинтересираноста, немотивираноста. Сосема друг феномен кој сѐ уште не знаеме како влијае и како понатаму ќе влијае врз децата е сѐ поголемата сиромаштија на семејствата.