Незадоволните работници почесто земаат слободни денови
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Околу 8,6 милиони луѓе минатата година тврделе дека се чувствувале болни затоа што сметале дека нивното работно место е „премногу болно“. Истражување спроведено минатата година покажало дека работната култура, колегите и работното опкружување се главни виновници за ова чувство.
ИТ-компанијата „Инсајт“, која го спровела истражувањето, предупреди на сериозни проблеми кога станува збор за организациската култура и апелира на пофлексибилно работно време. Истражувањето е базирано на податоците од „Кантар“, истражување што вклучило 1.250 вработени, направено во текот на секоја недела од јануари оваа година.
Одговорите им послужија на научниците за да дадат слика за пошироката работна популација, која брои речиси 33 милиони луѓе.
- Работодавците имаат должност да се грижат за своите вработени, да внимаваат на нивната безбедност и благосостојба, а тоа ги вклучува и нивното физичко и нивното ментално здравје. За луѓето да можат да бидат искрени за тоа како се чувствуваат на работа, клучни се добрите работни практики, вклучувајќи и инклузивна култура и ефикасно управување со луѓе - изјави Том Нејл, постар советник во агенцијата „Акас“.
Во истражувањето четвртина од испитаниците изјавиле дека зеле слободен ден минатата година бидејќи биле незадоволни од работата. Некои рекле дека се исцрпени од прекувремената работа или дека лошите системи и процедури им оневозможиле да работат добро. Останатите ги обвиниле конфликтите со колегите.
Фото: Pixabay
Многумина велат дека тоа го направиле затоа што финансиски не можат да си дозволат одење на боледување или не сакале да искористат платен ден за боледување. Останатите рекле дека не сакале работодавците или колегите да ги осудуваат затоа што не одат на работа.
Познатиот депресивен понеделник
Во меѓувреме, околу 6,5 милиони луѓе рекле дека би биле среќни ако можат да работат од дома кога се болни, но дека компаниите не им дозволуваат. Според некои истражувања, повеќе вработени пријавиле дека се „болни“ првиот понеделник во февруари, и ниту еден друг ден во годината. Минатата година тоа го направиле 215.000.
Во 2019 година правната компанија „Елас“ открила уште неколку критични денови. Тие велат дека сите денови кога вработените најчесто отсуствувале од работа всушност биле понеделник, а 16 септември е на врвот на листата.
Ова се најчестите причини за
отсуство:
1. Стомачни проблеми (24 отсто)
2. Настинка или грип (16 отсто)
3. Главоболка (7 отсто).