Да не беше пандемијата, ќе имаше блокади и протести поради превисоките студентски трошоци, вели Борјан Ефтимов, претседател на УСС на УКИМ

Да не беше пандемијата, ќе имаше блокади и протести поради превисоките студентски трошоци, вели Борјан Ефтимов, претседател на УСС на УКИМ

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

На нашиот Правен факултет имаме навистина прекрасни професори кои максимално се вложуваат да им го пренесат знаењето на своите студенти, но имаме и професори кои се целосна спротивност. Професори кои не комуницираат со студентите, не држат предавања, не користат соодветна литература и што уште не, вели Ефтимов

Непотребните трошоци што ги имаат кон универзитетот, нереспонзивните професори, чекањето ред на студентски прашања, се само дел од проблемите на студентите на факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дали и во колкава мера Универзитетот е агилен во нивното решавање, за наставата во време на пандемија и задоволството од нејзина дигитализација, но и за посветеноста на професорите, нискиот студентскиот стандард, разговаравме со Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ

Пандемијата го измени целиот начин на живот, па така и студирањето. Како е да се биде студент во време на онлајн-настава, онлајн-испити, онлајн-студентски живот..?

- Универзитетот релативно успешно ги реализира наставата и испитите со примена на средствата за онлајн-комуникација, но сепак за нас како студенти изостанува една многу битна социјална компонента во статусот на студент - студентскиот живот. Студентскиот живот не подразбира само забави и дружба, туку и директна комуникација со различни луѓе со различни размислувања. Луѓе со кои заедно се надградувате и напредувате во животот. Се надевам дека набрзо студентите ќе се вратат на кампусите, а со тоа ќе се врати и универзитетскиот живот, кој на сите ни помага да напредуваме како луѓе и како интелектуалци. Студирањето е многу повеќе од учење на материјалите кои се предвидени во програмата, а ние во моментов сме сведени само на тоа.

Веќе втора година се борите за правата на студентите. Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат тие и дали надлежните ги решаваат?


- Студентите на УКИМ имаат многу проблеми, а Универзитетот не е баш агилен во нивното решавање. Дигитализацијата, непотребните трошоци, нереспонзивните професори, руинираната инфраструктура се само дел од проблемите. Целосната дигитализација е долгогодишен предизвик кој сè уште не е совладан од страна на Универзитетот. Дигитализацијата се движи во две насоки, дигитализација на администрацијата и платформи за далечинско учење. Во однос на администрацијата, студентите секојдневно се соочуваат со непотребни бирократски лавиринти за чие решавање е неопходно да чекате ред на студентски прашања. За кој било документ вие морате да платите со уплатница и да поднесете документи на шалтер како во дваесеттиот век. Раководството на Универзитетот (ректорот и генералниот секретар) даваат небулозни одговори дека законот не дозволува друг начин на функционирање и тука приказната завршува. Доколку овие тврдења од правните експерти како генералниот секретар на УКИМ се точни (не се), тогаш Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип функционира според некои други закони кои го дозволуваат дигиталното административно работење со студентите. Несомнено е дека вината за заостанатиот начин на административното работење на Универзитетот е исклучиво кај оние лица кои одбиваат да погледнат подалеку од комфорната зона во која се научиле да функционираат. Сè додека нивниот збор е последен на овој Универзитет, не само што нема да имаме напредок во однос на дигитализацијата туку стагнацијата ќе биде присутна во сите сфери.
Во однос на наставата, се направија реални придвижувања за дигитализација. Проректорката за настава, проф. д-р Христина Спасевска, по барање на студентското собрание, отпочна процес на изработка на унифицирана дигитална платформа за далечинско учење која се користи на сите современи универзитети. Очекувам наскоро да видиме голем напредок во однос на ова прашање.
Неосновано високите трошоци на студентите се уште еден проблем. УСС поднесе барање за нивно намалување до реалната цена на чинење на услугите, меѓутоа, УКИМ тоа го стави најдолу на листата со приоритети. За Ректоратот, трошоците на студентите не се приоритет.

Колкав е ангажманот на професорите во овие услови?

- Во однос на работата на професорите, секогаш ќе имаме позитивни и негативни примери. На нашиот Правен факултет имаме навистина прекрасни професори кои максимално се вложуваат да им го пренесат знаењето на своите студенти, но имаме и професори кои се целосна спротивност на тоа. Професори кои не комуницираат со студентите, не држат предавања, не користат соодветна литература и што уште не. Универзитетот и факултетите немаат механизми, или пак не се решаваат да ги искористат, за решавање на проблемите кои произлегуваат од професорите што не си ја вршат својата работа. Овие професори го рушат угледот на целиот Универзитет и факултетите на кои предаваат и затоа мора да се најде начин за решавање на ваквите проблеми.
Инфраструктурата на УКИМ е приказна со која верувам сите се запознаени. Најголем дел од студентите на Универзитетот студираат во супстандардни услови, а факултетите и Универзитетот немаат ниту идеја ниту намера да го решат ова прашање. Како најголем и најреномиран Универзитет, мораме да се избориме за средства со кои ќе се обезбедат оптимални услови за развој, меѓутоа, веројатно ниту тоа не е приоритет на управата.



УСС се бори да се намалат студентските трошоци, со оглед на фактот дека поради пандемијата, на многу од нив не е потребно да се изложуваат студентите. Што се случи со тоа барање?

- Ректоратот не го препозна ова барање како важно и приоритетно. Иако во неколку наврати се обидовме да извршиме притисок да се донесе унифициран ценовник на услуги на УКИМ, сепак, одговорот беше дека Универзитетот не располага со кадар кој може да го подготви тој ценовник. Најголемиот и најквалитетниот Универзитет во државата нема капацитет да подготви унифициран ценовник на услугите што ги „продава“. Ова доволно говори за капацитетот на луѓето што го раководат Универзитетот. Според правните акти на Универзитетот, ваквиот правилник требало да биде подготвен најдоцна до јули 2019 година, но сè уште останува да виси во воздух. Во меѓувреме, студентите плаќаат нереално високи давачки за услугите што ги добиваат. Можеби и државните институции треба да се позанимаваат со непочитување на постојните правни акти и играњето „фирма“ од страна на јавните високообразовни институции кои наплаќаат илјадници денари од своите студенти. За жал, студентското собрание не можеше доволно да притисне во однос на ова прашање. Короната дефинитивно ни ги скрати механизмите преку кои можеме да дејствуваме и да притискаме кон реализација на нашите барања. Во услови во кои здравјето на сите граѓани немаше да биде под закана, сигурен сум дека ќе инициравме блокади и протести за решавање на ова горливо прашање. Ете еден предизвик за мандатот на идните претставници на студентите.

Секој студентски лидер ветува дека во неговиот мандат ќе работи на подобрување на студентскиот стандард. Успеавте ли Вие да ги поместите работите на подобро во изминатава пандемиска година?

- Мандатот на Универзитетското студентско собрание почна само две недели пред да се појават првите случаи на Ковид-19 во државата, па оттука и нашите проекти и приоритети беа значително видоизменети. Во однос на студентскиот стандард во време на светска пандемија, баравме имплементирање на пакет мерки за финансиска помош на студентите. Верувам дека токму нашите барања доведоа до тоа властите да промовираат пакет мерки за финансиска помош на студентите. Дел од мерките беа насочени кон студенти од семејства со ниски приходи (6.000 денари за партиципација/сместување), а дел беа универзални и ги опфатија сите студенти (3.000 денари преку купувам домашно). Дополнително, токму барањата и залагањата на студентското собрание доведоа до отварање на студентските домови како институции од исклучително значење за студентскиот стандард. Во однос на долгорочните политики за студентски стандард, студентското собрание промовираше повеќе барања, од кои дел веќе се реализираа, а дел ќе се реализираат во периодот што претстои. Имено, УСС бараше и наиде на разбирање од МОН за промена на начинот на исплата на стипендиите на месечни рати, наместо досегашниот начин на еднократна исплата. Дополнително, аплицирање за стипендии првпат беше дигитализирано, а Министерството ќе оформи работна група (во која ќе учествуваат и студенти) која ќе има цел целосно да го реформира системот на стипендирање на студентите. Во нашата декларација за младите, образованието и иднината побаравме, а политичарите потпишаа, дека Законот за субвенциониран студентски оброк ќе почне да се применува во законскиот рок (15.9.2021), а студентските домови забрзано ќе се реновираат. Останува идните студентски претставници да се осигурат дека политичарите ќе го реализираат тоа што го ветија пред нас.
Студентскиот стандард неизбежно страда за време на пандемија, која е проследена и со економска криза. Сепак, со силно и независно студентско претставничко тело, неизбежно е позитивно придвижување на работите. Во иднина веруваме дека студентските собранија уште повеќе ќе работат во насока на подобрување на стандардот на студентите.

Што е она што ќе биде во фокусот на работа на УСС во перидот што следува?

Во периодот што следува треба да се конституира новото Универзитетско студентско собрание на УКИМ. Најдоцна до крајот на февруари очекувам овој процес да заврши, па новите студентски претставници да добијат можност подобро и пожестоко да ги застапуваат правата на студентите.