Трамп даде, Трамп зеде: Најавите за царинска војна го срушија биткоинот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ако овој викенд или на почетокот на неделата проверивте каква е состојбата на вашите криптовалути или само погледнавте како се движат цените на биткоинот и другите криптовалути, веројатно наидовте на многу црвени бројки и негативни проценти. Во само два дена од криптопазарот исчезнаа неколку милијарди долари поради падот на цените на најголемите светски криптовалути.
Биткоинот под 100.000 долари
Најголеми загуби во апсолутна вредност претрпе биткоинот, губејќи околу 10.000 долари од својата вредност и паѓајќи на околу 91.000 долари – откако неодамна достигна нови рекорди од околу 108.000 долари. Процентно, повеќе од биткоинот паднаа етериум, XRP и солана, сите за околу 15 отсто, додека меме-криптовалутата догекоин изгуби речиси 20 отсто од својата вредност во изминатите неколку дена.
Причината за сите овие падови на вредноста, како и за минусите на светските берзи, е една – Доналд Трамп викендот потпиша извршна наредба со која САД почнуваат да наплаќаат царини на стоки увезени од Канада, Кина и Мексико. Трите погодени земји веќе најавија противмерки, со што започна нова трговска војна со царини, слична на онаа што Трамп ја водеше во текот на неговиот прв мандат.
Американскиот претседател, кој неодамна се заинтересира за криптовалутите, со овој потег очигледно ги разочара инвеститорите.
Криптоберзите сè повеќе личат на традиционалните
Овој развој на настаните е интересен и донекаде неочекуван. Биткоинот и другите криптовалути обично се сметаат за заштита од светските макроекономски несигурности, па се сметаше дека нивната вредност (како на пример вредноста на благородните метали) во време на несигурност треба да биде стабилна или дури да расте. Сепак, најновите трендови покажуваат дека и овој пазар станува сè почувствителен на геополитички тензии и реагира на нив на ист начин како традиционалните берзи.
Дневниот пад на вредноста на целиот криптопазар оваа недела изнесуваше 2,24 милијарди долари, што е еден од најголемите апсолутни падови досега – поголем дури и од оние за време на пандемијата или пропаста на менувачницата ФИКС. Се разбира, тогаш и вкупната вредност на пазарот беше помала.
Фото: Screenshot/YouTube