Самоуката шминкерка Андријана стана инстаграм-ѕвезда со неверојатните визуелни трансформации
Подготвил:
Орданче Костов, наш дописник од Велес
Лектор:
Ивана Кузманоска
Најтешки се маските на обичните луѓе, вели Андријана, која сега е фокусирана на изработката на маската на Атиџе, главниот протагонист во документарецот „Медена земја“
„Јутјуб“, креативност и упорност е сѐ што ви треба за да се трансформирате во кој било лик, вели Андријана Станковска, професионална шминкерка од Велес, која во последните неколку години стана ѕвезда на
„Јутјуб“ и на
„Инстаграм“ благодарение на визуелните трансформации во славни ликови што ги создава без специјални ефекти.
Андријана Станковска
Леонардо ди Каприо, Мерилин Монро, Маска, Амди Бајрам, Катица Јанева, Џек Николсон, Калиси од „Игра на тронови“, Никола Груевски, Мистер Бин, Алберт Ајнштајн, Талат од „Преспав“ се само дел од ликовите во кои се трансформирала 29-годишната шминкерка.
Андријана работи класична шминка, филмска шминка, боди-пејнтинг, илузии и визуелни трансформации и вели дека своето знаење го стекнала само од туторијалите на „Јутјуб“.
- Околу триесет луѓе во светот се занимаваат со оваа уметност, која не може да се научи на ниту еден курс за шминка. Потребен е талент, но него не можеш да го откриеш сѐ додека не пробаш да креираш нешто. По долго гледање туторијали решив да пробам да ја изработам првата трансформација во раперот Дрејк. За неа ми беа потребни 7-8 часа. Многу е важно како гледаш на ликот кој сакаш да го изработиш, потребно е да му ја пронајдеш онаа специфична црта на лицето по која ќе се креира маската. Мора да имате и талент за глума ако сакате ликот да биде автентичен. За видеоедитирањето и снимањето на целиот процес е задолжен мојот брат – раскажува Станковска.
Откако креирала неколку навидум лесни ликови, Андријана решила да направи визуелна трансформација во познатиот лик од филмот „Маска“.
- Маска ми беше најголем предизвик и најтешка трансформација. Материјалот за изработка ме чинеше 500 евра. Купив огромна количина гипс, направив facecast (тродимензионален калап) и потоа врз него го моделирав ликот на Маска користејќи глина. Тоа го правев неколку пати во неколку месеци. Потоа правев калапи од тој лик, повторно од гипс и во нив од течен латекс ги изработив деловите од маската. За специфичните заби на ликот зедов мерка од моите заби со калап и алгинат. Потоа ги направив моите заби од гипс, па ги моделирав неговите заби врз моите. Со обратен процес ги направив неговите заби од акрилат. Забите се навистина оригинални и можам да ги носам и сега. Маска ми донесе околу 40.000 следбеници на „Инстаграм“ и тоа беше доказ дека двегодишниот труд за изработката на оваа маска ми се исплатеше - вели таа.
Ликот на легендарниот научник Алберт Ајнштајн ѝ бил една од најлесните креации на Андријана затоа што неговото лице содржи многу специфични црти.
- Најтешки за работа ми се обичните луѓе без карактерна црта. Мерилин Монро е една од најубавите жени во историјата, но нејзиното лице нема специфична црта освен бенката и ми беше тешко да го доловам вистинскиот лик.
Процесот на визуелна трансформација не завршува со изработката на маската бидејќи Андријана мора да ги научи и фацијалните експресии на ликовите, а за тоа е потребен и малку талент за глума.
- Глумата ме привлекува, а 50% од визуелната трансформација се глума. Кога го создавав ликот на Саманта од серијата „Сексот и градот“, во видеото повеќе внимание посветив на глумата отколку на маската - додава шминкерката.
Таа вели дека трансформацијата во легендарниот Тоше Проески разбудила најмногу емоции кај нејзината публика, додека на критики наишла трансформацијата во холивудскиот актер Морган Фриман.
- Кога се трансформирав во Морган Фриман, имав негативни коментари од дел од следбениците на „Јутјуб“ од САД дека тоа била blackface маска. Изразот се однесува на театарска шминка која се употребувала во 19 век кога белците се шминкале во Афроамериканци, а денес тоа е навреда на расна основа.
Андријана сега е фокусирана на изработката на маската на Атиџе, главниот протагонист во документарецот „Медена земја“. Андријана вели дека ликот на Атиџе има неколку специфични црти и дека нема да ѝ биде проблем да направи стопроцентна трансформација во најомилениот лик во Македонија во моментов.
Таа извесно време живеела во Стокхолм, Шведска, каде што работела шминка на фотосесии и модни ревии, но поголем предизвик и слобода во креативното изразување гледа во филмската шминка и илузиите.
Во Велешкиот театар работела на претставата „Ана Комнена“, во театарот во Штип на претставата „Бегство“, како и во двата краткометражни филма „Баба Донка“ и „Пепел“.