И покрај грижите и сомнежите, кинеската вакцина се проби низ светот

И покрај грижите и сомнежите, кинеската вакцина се проби низ светот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Авионот натоварен со вакцини штотуку слета на аеродромот во Сантијаго кон крајот на јануари, а претседателот на Чиле, Себастијан Пињера, зрачеше.

- Денес е ден на радост, емоции и надеж - рече тој.

Извор на надеж: Кина - земја од која зависат Чиле и десетици други земји за завршување на пандемијата.

Дипломатската кампања за вакцини на Кина има изненадувачки успех: вети околу половина милијарда дози од своите вакцини во повеќе од 45 земји. Само 4 од многуте кинески производители на вакцини тврдат дека се во можност да произведат најмалку 2,6 милијарди дози оваа година, па голем дел од светската популација нема да биде вакциниран со западните вакцини, туку со скромните кинески, традиционално направени вакцини.

Во услови на недостиг на јавни податоци за вакцините во Кина, двоумењата околу нивната ефикасност и безбедност сè уште ги постојат низ земјите, заедно со загриженоста дека Кина би сакала нешто за возврат. Како и да е, вакцинирањето со кинеските вакцини веќе почна во повеќе од 25 земји, а кинеските вакцини се доставени во уште 11 земји.

Ова е потенцијална можност на Кина, која е решена да се трансформира од предмет на недоверба во однос на првичното лошо справување со епидемијата, во спасител. Како и Индија и Русија, и Кина се обидува да изгради добра волја и вети приближно 10 пати повеќе вакцини во странство отколку што дистрибуираше дома.

- Гледаме дека почнува вакциналната дипломатија, со Кина во водство во однос на можноста за производство и нивно ставање на располагање на другите - вели Кришна Удајакумар, директор на глобалниот здравствен центар за иновација на Универзитетот „Дјук“.

Но, кинеските експерти отфрлаат каква било поврзаност помеѓу извозот и нивните вакцини и обновата на имиџот на земјата.

- Не гледам никаква поврзаност со вакцините и имиџот на земјата. Кина треба да направи повеќе за да им помогне на другите земји бидејќи кај неа состојбата со вирусот е одлична - вели Ван Хјуао, претседател на Центарот за Кина и глобализација, тинк-тенк во Пекинг.

Кина ги таргетираше земјите со низок и среден приход кои беа оставени последни, бидејќи богатите нации собраа поголем дел од скапите вакцини произведени од „Фајзер“ и „Модерна“. И покрај одложувањата во Бразил и Турција, Кина ги испорача вакцините побрзо отколку американските и европските производители на вакцини.

1
Фото: Freepik

Како и многу други земји, и Чиле прими помалку дози на вакцината на „Фајзер“.

Откако почна програмата за вакцинирање во Чиле кон крајот на декември, пристигнале само околу 150.000 вакцини на „Фајзер“ од вкупно 10 милиони порачани дози.

Дури кога кинеската компанија „Синовак Бајотек“ се приклучи со 4 милиони дози кон крајот на јануари, Чиле со импресивна брзина го вакцинира населението, кое брои 19 милиони. Земјата сега има петта највисока стапка на вакцинација по глава на жител, според Оксфордскиот универзитет.

Изборот за вакцина е ограничен во Индонезија и многу други земји со ниски и средни примања. Со распоредувањето на вакцините на глобално ниво, доминираат побогатите земји кои собраа 5,8 милијарди од 8,2 милијарди дози купени во светот, соопштува Универзитетот „Дјук“.

Најголемиот дел од кинеските вакцини се од „Синовак“ и „Синофарм“ - и двете компании се потпираат на традиционалната технологија наречена вакцина против инактивиран вирус, заснована на одгледување серии на вирусот, а потоа негово убивање. Некои земји сметаат дека е побезбедна од поновата, помалку докажана технологија што ја користат некои западни конкуренти и која е насочена кон шилестиот протеин на коронавирусот, и покрај јавно достапните податоци за безбедноста на вакцините на „Фајзер“, „Модерна“ и „Астра зенека“ и никакви податоци за кинеските.

- Изборот е направен за оваа вакцина затоа што е изработена на традиционална и безбедна инактивирана платформа - вели Тејмур Мусаев, официјален претставник на министерството за здравство во Азербејџан, кој нарача 4 милиони дози од „Синовак“.

Во Европа, Кина обезбедува вакцини во Србија и Унгарија - значителна геополитичка победа во Централна Европа и на Балканот, каде што Западот, Кина и Русија се натпреваруваат за политичко и економско влијание. Овој дел на Европа ѝ понуди плодна почва на Кина да ги зајакне билатералните врски со Србија и унгарските популистички лидери, кои често ја критикуваат ЕУ.

Србија стана првата земја во Европа што почна да го вакцинира своето население со кинеските вакцини во јануари. Земјата досега купи 1,5 милион дози вакцини на „Синофарм“, што претставува најголем дел од снабдувањето на земјата и помали количини на руската вакцина „Спутник V“ и вакцината на „Фајзер“.

Унгарија, нетрпелива поради доцнењето на вакцините во Европската Унија, набрзо стана првата земја во ЕУ што ја одобри кинеската вакцина. Во неделата унгарскиот премиер Виктор Орбан се вакцинира со вакцина од „Синофарм“, откако неодамна изјави дека најмногу верува во кинеската вакцина.

Многу лидери јавно ги поддржаа кинеските вакцини за да ја намалат загриженоста. На почетокот луѓето имаа теории за микрочипови во главата, генетичка модификација, стерилизација, кои се вртеа на платформите на социјалните мрежи, вели Санџев Пугаженди, медицински службеник во островската земја Сејшели во Индискиот Океан, чиј претседател неодамна се вакцинира со  вакцина од „Синофарм“ пред камера.

2
Фото: Freepik

- Но, во моментот кога почнавме да им даваме вакцини на водачите, верските водачи и здравствените работници, сето тоа престана - додава тој.

Иако Кина ги понуди своите вакцини во посиромашните земји, сепак, се соочува со пречки и има такви што не веруваат во неа и нејзините вакцини.

Ахмед Хамдан Зајед, медицинска сестра во Египет, не сакала да прими вакцина, особено не кинеската.

- Бевме загрижени за вакцините. Особено за кинеската вакцина, за која нема доволно податоци во споредба со другите.

Сепак, Зајед одлучила да се вакцинира откако направила потемелно истражување.

Претседателот на „Синофарм“ вели дека немале ниту еден тежок несакан настан како одговор на нивната вакцина.

Кинеските компании за вакцини се бавни во објавувањето на нивните податоци за испитувања, во споредба со компании како „Фајзер“ и „Модерна“, вели Јанжонг Хуанг, глобален експерт за здравство. Ниту еден од трите кинески кандидати за вакцини што се користат на глобално ниво јавно не ги објави податоците за клиничките испитувања. Загриженост предизвикуваат и кинеските фармацевтски деловни практики.

Во 2018 година излезе дека една од најголемите кинески компании за вакцини фалсификувала податоци за продажба на своите вакцини против беснило. Истата година излегоа вести дека подружница на „Синофарм“, која сега стои зад една од вакцините против Ковид-19, направила супстандардни вакцини против дифтерија, кои се користат како задолжителни вакцини.

- За кинеските вакцини, првото нешто што го помислуваат многу луѓе е: „Направено во Кина“ и тоа не дава големо уверување - вели Џој Џанг, професор на Универзитетот во Кент во Велика Британија, кој ја проучува етиката на науката во развој.

И Русија и Индија се соочија со сличен скептицизам, делумно затоа што луѓето имаат помала доверба во производите произведени надвор од западниот свет.

3
Фото: Freepik

- Кина, Индија, Русија, Куба, секогаш развиваат вакцини или спроведуваат истражување, нивните податоци се доведуваат во прашање и луѓето велат дека нивниот процес не е транспарентен - вели Саједур Рахман, раководител на одделот за фармакологија на медицинскиот универзитет „Бангабандху Шеик Муџиб“ во Бангладеш.

Анкетата на „Југов“ од декември, спроведена на 19.000 луѓе во 17 земји и региони за тоа како се чувствуваат за различни вакцини, покажа дека Кина ја добила втората најниска оцена, заедно со индиската. На Филипините, кои нарачаа 25 милиони дози на „Синовак“, помалку од 20 отсто од анкетираните изразиле доверба во вакцините на Кина.

Проблемите се влошија од конфузијата околу ефикасноста на вакцините на „Синовак“. Во Турција, каде што „Синовак“ спроведе дел од испитувањата за ефикасност, официјалните лица изјавија дека вакцината е ефикасна 91 отсто. Но, во Бразил официјалните лица ја ревидираа стапката на ефикасност во клиничките испитувања од 78 отсто на над 50 отсто откако ги вклучиле лесните инфекции. Висок кинески официјален претставник рече дека бројот во Бразил е помал бидејќи доброволците таму биле здравствени работници кои се соочувале со поголем ризик од инфекција. Но, други медицински експерти велат дека изложеноста нема да влијае врз ефективноста на вакцината.

На глобално ниво, официјалните лица од јавното здравство велат дека секоја вакцина која е барем 50 отсто ефикасна е корисна. Но, меѓународните научници сепак сакаат да ги видат резултатите од последната фаза на тестирање објавени во рецензирано научно списание за сите три кинески компании.

Не е јасно ни дали кинеските вакцини функционираат против новите соеви на вирусот, особено оној што прво бил идентификуван во Јужна Африка.

И покрај сите грижи, итноста на пандемијата во голема мера ги надминува двоумењата во однос на кинеските вакцини.

- Вакцините, особено оние направени на Западот, се резервирани само за богатите земји. Ние требаше да гарантираме вакцина. Каква било вакцина - вели еден египетски официјален претставник.

Извор: Apnews.com
Фото: Freepik