Севилја ќе произведува електрична енергија од своите познати портокали

Севилја ќе произведува електрична енергија од своите познати портокали

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Градот Севилја е еден од најпопуларните туристички градови во Шпанија, а познат е како родното место на фламенкото и по борбите со бикови. Оние што го посетиле знаат и дека градот изобилува со портокали.

Во Севилја има речиси 50.000 дрвја со портокали, кои најчесто се користат за подготвување слатки и џемови бидејќи не се јадат свежи. Меѓутоа, голем дел од овие горчливи портокали, кои во градот биле донесени во 10 век, едноставно паѓаат од дрвјата и остануваат на тротоарите и улиците. Градот вработува 200 луѓе за собирање на портокалите од улиците, кои потоа се користат како ѓубриво или се фрлаат. Сега овие портокали ќе бидат користени и за производство на електрична енергија.


Фото: Севилја/Pixabay

Градскиот совет и одделот за паркови во градот почнуваат пилот-програма со ЕМАСЕСА, одделот на Севилја одговорен за водовод и канализација, во чии рамки ќе се создава енергија од портокалите. Енергијата ќе се користи за работа на најголемата централа за прочистување на водата во градот. Поточно, генераторот ќе работи на метанот кој се ослободува од портокалите додека ферментираат.

Портокалите ќе бидат исцедени откако ќе бидат собрани од улиците и со сокот ќе се произведува биогасот. Останатиот дел од овошјето ќе се искористи како ѓубриво или ќе се фрли во отпад. Во програмата ќе бидат искористени 35 тони портокали, со кои ќе се произведат 1.500 киловати енергија, или доволно за снабдување  околу 150 домови.


Фото: Севиља/Pixabay

Околу 70% од енергијата што се користи за централите за прочистување на водата на ЕМАСЕСА се од обновливи извори, но целта е тие да се снабдуваат само со обновлива енергија.

Целта на Севилја е да произведува вишок енергија што би можела да се користи за топлификација на домовите. Годинава Севилја очекува производство на 5,7 милиони килограми портокали, односно 38% повеќе од лани, а градот собира просечно 17.000 тони портокали од улиците секоја година. Се проценува дека со овие собрани портокали би можела да се произведе енергија за 73.000 домови годишно.

Автор: Талиб Висрам
Извор: fastcompany.com