Гуми, лименки, реквизити за на плажа – што сѐ најде Никола Паскали во Охридското Езеро од само две соло-нуркања
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Тракторски и автомобилски гуми, лименки, делови од тоалетна шолја, најлонски кеси, пластични шишиња, стари реквизити за на плажа – ова се само дел од експонатите што охриѓанецот Никола Паскали ги извади од Охридското Езеро на последните две соло-нуркања. Во време на пандемија, нуркачот од центарот „Акватек“ од Охрид максимално ги почитува мерките за заштита и целото нуркање го реализирал сам, а за тоа му помогна и фактот што живее покрај езерото.
Никола Паскали
Првата акција ја направил на 22 Март, Светскиот ден на водите, а втората – на првоаприлскиот снег. Тој снимил и кусо видео со подводна камера што ја закачил на котва. Под вода ги потсетува гледачите дека треба да си ги мијат рацете и да киваат во лакотот.
Паскали е дипломиран археолог, специјалност му е подводната археологија, а е вљубен во подводните пештери и во фотографијата.
- Јас сум обучен и трениран за соло-нуркање. Да нуркаш сам, за тоа е потребно искуство и нормално тренинг и почитување на одредени прописи. Мерките беа испочитувани, акциите ги изведе еден човек кој немаше никаков контакт со други лица и особено беше ставен акцент на безбедноста за време на овие акции, бидејќи се изведуваат во вонредна состојба - вели Паскали.
При првата акција тој извадил една тракторска гума, која била на околу 200 метри од брегот, на длабочина од 5 метри на потегот помеѓу плажата Сараиште и градското пристаниште. Во втората екоакција по повод априлскиот снег била извадена една гума од автомобил и една поголема вреќа што Паскали ја наполнил со различен отпад - дел од тоалетна шолја, лименки, најлонски кеси, стари мрежи, најразлични пакувања од прехранбени продукти, пластични шишиња, чаши, лажички...
Паскали со своите два сина
- Голем проблем е микропластиката, која е многу опасна за живиот свет, а ја има сѐ повеќе. Исто така, сега станува актуелно и во светот почнува да се дебатира за алуминиумските лименки и стаклените шишиња, па и пластичните чаши. По одреден период овој отпад станува дом на многу подводни животни, риби, школки, се мрестат во нив... едноставно тој отпад по одреден период станува дом за некого. За оваа тема треба опширна дебата со стручни лица и да се види како е најпаметно да се дејствува. Зошто со вадењето една лименка вие уништувате дом на одреден број школки и скривалиште за тазе измрестените рипчиња кои седат скриени во нив. Тоа веќе станало дом на некој и затоа е потребен правилен пристап и стручна опширна дебата - вели Паскали.