Ана Ѓорѓиоска има само 25 години и е научник-истражувач во Минхен: „Да се работи во компанија која е на фронтот во борбата против ракот е непроценливо чувство“

Ана Ѓорѓиоска има само 25 години и е научник-истражувач во Минхен: „Да се работи во компанија која е на фронтот во борбата против ракот е непроценливо чувство“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нејзината визија е да има што поголем напредок во модерната медицина и иновативни терапии кои ќе бидат успешни во борбата против ракот и истовремено лесно достапни за сите пациенти во светот

Ана Ѓорѓиоска има само 25 години и е научник-истражувач во водечка биотехнолошка компанија од областа на имуноонкологијата во Германија. Родена е во Гостивар, каде што ги минала тинејџерските години, а потоа се запишала на еден од најпрестижните факултети во Европа - Универзитетот „Јакобс“ (Jacobs University, денес е Constructor University), на насоката биохемија и клеточна биологија. Потоа се запишала на магистерски студии на „Еберхард Карлс“, еден од највисокорангираните универзитети во Германија, на насоката молекуларна биологија и имунологија.

- Таму бев меѓу првите што ги завршија студиите, и тоа со просек од 1,1. Во Германија највисока оценка е 1,0. Збирот од моите образовни избори и искуства ме доведе денес да живеам и да работам во една светска метропола како што е Минхен - ни споделува Ана.

Нашата терапија се дава во комбинација со веќе одобрена имунолошка терапија

Ѓорѓиоска веќе има импресивно работно искуство, а сега работи во „Каталим“ - една од најмоќните биотехнолошки компании на денешницава.

- Од март 2023 година работам како научник во одделот за Применето истражување и клиничка биоаналитика во германската биотехнолошка компанија „Каталим“ (CatalYm GmbH) со седиште во Минхен. Тоа е приватна компанија која развива нови, безбедни и ефикасни имунотерапии против рак.Централна улога во нашите истражувања има GDF-15, цитокин, кој во нормални услови се произведува во мали количини во телото. Во многу цврсти тумори, овој цитокин е изразен во високи количини и клетките на туморот го користат овој механизам за да се „сокријат“ и да избегнат напади од нашиот имунолошки систем. Терапијата која ја развиваме е моноклонално антитело, Visugromab, и е во фаза 2а на клинички испитувања во Европа. Неговата задача е да го неутрализира GDF-15 и со тоа да воспостави нормално функционирање и активација на клетките на имунолошкиот систем, кои пак за возврат ќе почнат да ги напаѓаат клетките на туморот. Нашата терапија се дава во комбинација со веќе одобрена имунолошка терапија што дополнително ја подобрува ефикасноста - објаснува Ана.

 

Моментално во нивните клинички испитувања се вклучени над 200 пациенти во доцен стадиум или со метастатски рак отпорни на претходни имунотерапии и таа и нејзиниот тим имаат задача да го менаџираат спроведувањето на биохемиски и патолошки анализи во специјализирани лаборатории.

-На овој начин постојано работиме на пронаоѓање нови биомаркери кои ни помагаат нашите истражувања да се насочат кон видови тумори на кои нашата имунотерапија има најголем ефект. Огромна сатисфакција од работата ми е можноста да работам на најсовремени технологии кои постојано ни отвораат нови можности да го подобриме третманот кој го добиваат пациентите. Чувството да се работи во компанија која е на фронтот во борбата против ракот е непроценливо. Можноста да се надградувам и да учам од врвни научници и професионалци во областа на имуноонкологијата е нешто на кое сум многу благодарна. Исто така, среќна сум што работам во компанија каде што владее хармонична работна атмосфера, каде што се ценат трудот и знаењето и целата енергија се фокусира кон заедничката цел. Сакам да кажам дека секоја професија си има своја предност и убавина, но никогаш не ми било подраго што ја избрав баш оваа со која имам огромно влијание врз подобрувањето на животот на пациентите кои боледуваат од рак - посочува Ана Ѓорѓиоска.

Имав можност да работам со најсовремена технологија


Германското образование е многу ориентирано кон практична работа, што имало огромно влијание врз нејзината досегашна кариера.

-За време на додипломските студии имав можност да работам како асистент во лабораторија по предметот Клеточна биологија и да им помагам на студентите од прва година во нивната практична работа. Потоа бев истражувачки асистент во лабораторијата на професорката по Клеточна биологија каде што работев на истражување на рак на тироидна жлезда, а воедно ја работев и мојата теза која ја поминав со највисока оценка. Имав можност да стажирам и во Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија при МАНУ. Благодарна сум за искуството и за можноста да го следам текот на оваа дејност и во Македонија.
За време на магистерските студии повеќе од една година работев во одделот за применета онкологија на Универзитетската клиника во Тибинген, каде што ја работев и магистерската теза на тема: Оптимизирање на CRISPR/Cas9 технологијата за терапевтски цели. Ова искуство ми беше огромен предизвик, а воедно и ми претставуваше неизмерна сатисфакција. Имав можност да работам со најсовремена технологија, како што е CRISPR/Cas9, еден вид генетско инженерство, каде што „поправавме“ гени кои предизвикуваат вродена неутропенија. Велам предизвикувачко искуство бидејќи ме научи на многу нови работи, на истрајност и дисциплина и ми покажа дека секој вложен труд се исплати. Високата оценка на мојата магистерска теза ја поттикна понудата за докторски студии. Меѓутоа, сметав дека академските води во тој миг не ми се приоритет, туку сакав да работам на клинички студии каде што мојата работа побрзо ќе се примени во секојдневната клиничка практика со пациенти - дополнува Ана.

 

Сѐ почна од државниот натпревар по хемија како осмоодделенка

Освојувањето на првото место на Државниот натпревар по хемија како осмоодделенка е патоказот по кој таа зачекорува во светот на природните науки, додека гимназиското образование ѝ овозможи солидна основа за студирање во странство. Потоа, трите години на „Јакобс“ ѝ биле вовед во светот на биомедицинските науки, а воедно и инспирација за понатамошната кариера.

- Посебен акцент сакам да ставам на практичното знаење кое го стекнав и кое играше огромна улога во градењето на мојата досегашна кариера. Сепак, сакам да си дадам заслуга и себеси и на мојата истрајност, што никогаш не се откажав од патот кој си го зацртав. Секогаш ветер во грб ми се моето семејство, моите најблиски, кои ми се огромна поддршка во секој животен предизвик. Со ова би сакала да им порачам на идните студенти и академски граѓани да не се обесхрабруваат. Можностите ги креираме самите ние со одлуките што ги носиме и трудот кој го вложуваме. Вистинскиот труд ќе биде препознаен и ќе ви отвори хоризонти за кои не сте ни сонувале - посочува нашата соговорничка.

Коавтор на студија објавена во „Нејчр“

Ана Ѓорѓиоска се потпишува и како коавтор на студија објавена во „Нејчр“.

-Студијата во „Нејчр“ беше плод на трудот кој со мојот тим го вложивме во првата клиничка студија на компанијата. Податоците на кои работевме се клучен дел од овој труд и го нагласуваат огромниот потенцијал на Visugromab да предизвика значајна и трајна ремисија во повеќе индикации на цврсти тумори кај пациенти кои веќе се во последните стадиуми од болеста. Податоците покажаа дека кај пациенти што ја примија нашата терапија воспоставивме прилив и размножување на Т-клетки во микросредината на туморот. Некои пациенти отпорни на претходни терапии доживеаја повторна ремисија, дури до целосен и траен клинички одговор, што е многу охрабрувачко. Понатаму ќе го истражуваме овој лек во дополнителни, рандомизирани студии кај пациенти со рак во порана фаза. - ни објасни Ана.

 

Омилен дел од работата ѝ е кога ќе слушне дека има пациент кој е во ремисија по нивната терапија.

-Чувството дека ти како индивидуа си имала и најмал придонес во тоа е непроценливо. Со оглед на фактот дека имам само 25 години и сум на почетокот од кариерата, многу сум горда на сѐ што имам постигнато. Сакам постојано да се усовршувам и да ги поместувам границите. Во моментов сум фокусирана да научам што е можно повеќе за работењето на клинички испитувања преку работа на реални проекти, консултации со експерти и учество на конференции. Исто така, активно го надградувам моето знаење во полето на имуноонкологијата преку следење на најновите истражувања и иновации - изјавува Ана.

Нејзината визија е да има што поголем напредок во модерната медицина и иновативни терапии кои ќе бидат успешни во борбата против ракот и истовремено лесно достапни за сите пациенти во светот.