Дејвид Швимер открива што многу го нервирало во серијата „Пријатели“

Дејвид Швимер открива што многу го нервирало во серијата „Пријатели“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Познатиот актер Дејвид Швимер, кој остана запаметен по улогата на Рос Гелер во култната серија „Пријатели“, откри нешто што долго време го мачело - воведната песна „I’ll Be There For You” од бендот „Рембрантс“ му одела на нерви.

Иако серијата заврши уште во 2004 година, таа и ден-денес ужива огромна популарност и постојано привлекува нови генерации гледачи благодарение на нејзината достапност на стриминг-платформите. Но, Швимер неодамна гостуваше во поткастот „Мејкинг а син“ каде што откри дека со години ги избегнувал и серијата и нејзината препознатлива музика.

- Искрено, никогаш не ја гледав повторно по завршувањето на снимањето. Снимав, завршив, продолжив понатаму. Немав потреба да се враќам на тоа - изјави актерот.

Иако улогата му донесе светска слава, Швимер признава дека чувствувал непријатност секогаш кога ќе ја слушнел песната.

- Толку многу пати ја имам слушнато, што реагирав инстинктивно. Секогаш кога ќе се појавев во некоја емисија, со таа музика бев најавуван. Не ми беше пријатно - објаснува тој.

Но, неговиот однос кон серијата и кон песната целосно се променил кога неговиот 9-годишен син првпат почнал да ја гледа серијата „Пријатели“.

- Едно утро, додека му приготвував појадок, го слушнав како се смее додека гледаше една од епизодите. Одеднаш, сè ми изгледаше поинаку, и серијата и песната - вели Швимер.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Twitter