Што носи пролетта? Временски и хидролошки предизвици и потенцијални ризици во Македонија за 2025 година

Што носи пролетта? Временски и хидролошки предизвици и потенцијални ризици во Македонија за 2025 година

Во периодот од 21 март до 31 март, целото подрачје на Македонија беше под влијание на намален атмосферски притисок, со зачестена циклонска активност, фронтални бранови и влажни процеси во атмосферата. Според расположливиот прогнозен материјал од Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето, од 31 март до 6 април се очекува променливо и врнежливо време, но со температури кои ќе бидат во рамките на просечните вредности.

Хидролошка состојба: Продолжената циклонска циркулација и честите врнежи во изминатите две недели доведоа до зголемени водостои на реките и езерата во Македонија и оттаму до хидролошки ризици, иако коритата на реките не се исполнети со вода и имаат простор за примање на нови врнежи. Во западните делови на државата се очекува значително покачување на водостоите и полнење на речните корита. Исто така, според дел од нумеричките модели за прогноза, во источните и југоисточните делови на земјата можно е да има интензивни врнежи од дожд (претежно за време на ноќта и утрешниот ден) што ќе услови зголемување на водостоите. Поради можноста од појава на обилни и интензивни врнежи во одредени региони, можни се и појави на одрони и свлечишта, како и можни проблеми во дел од градските населени места (Извор УХМР).



Слика 1. Точки со ризик од поплави за ден 4 април 2025 год,. според системот GLOFAS

Слика 1, според системот GLOFAS за Македонија за ден 4 април, прикажува жолти триаголници со броеви, како и еден црвен триаголник (50) на југот. Жолтите триаголници укажуваат дека постои повисок ризик од поплави во следните денови, при што тие може да надминат 2-годишен повратен период за најмалку 30%. Броевите во триаголниците покажуваат процентуална веројатност (од ансамблот на прогнози) дека ќе се надмине соодветниот повратен период. Така 52% во близина на Скопје – значи дека според GLOFAS, 52% од моделите прогнозираат дека водостоите ќе надминат 2-годишниот повратен период, или 76% на југот од Македонија – укажува на уште поголема веројатност за зголемен водостој. Можноста за зголемени водни текови, поплави и појава на локални водни бури е присутна, што налага зголемена претпазливост во однос на влијанијата врз подрачјата со пониски водопроточни капацитети. Важно е постојано да се следи состојбата на реките и водотеците, особено во региони подложни на поплави. Според сезонски прогнози за протокот на реките и поврзаните податоци од Глобалниот систем за најава на поплави (CEMS) 72 часови однапред јасно се воочува пораст на протоците на долното течение на р. Вардар.



Слика 2. Прогноза на протоци на реките во Македонија (m^3/s) добиени со прогностички податоци од Европскиот систем за предупредување од поплави. Почеток на симулација: 04/04/2025 00UTC (+72 часа однапред) Протокот се однесува за ден 07/04/2025 00UTC

Во периодот од 1 до 6 април 2025, се очекува променливо и посвежо време со повремени врнежи од дожд. Од 5 април попладне ќе настапи брз продор на постуден воздух од север, со засилен северен и северозападен ветер, врнежи од дожд и снег на планините. Во недела и понеделник (6-7 април), времето ќе биде значително постудено и ветровито, со услови за врнежи од дожд и снег и локален снег дури и во некои пониски подрачја. Во наредните денови можно е формирање на слаб мраз на почвата во утринските часови.

Периодот од 7 до 14 април се очекува да се задржат пониски температури од просечните за овој период. Врнежите исто така бележат позитивно отстапување за овој период. Од половината на месецот вклучувајќи ги и Велигденските празници постепено подобрување на временската слика, со повеќе сончеви периоди и температури во рамките на просечните. Сличен тренд ќе бележат и врнежите со таа разлика што во седмицата од 14-21 април за нијанса повеќе врнежи во југозападниот дел додека наредниот седмодневен циклус во југоисточните делови (Сл. 2).



Сл. 2. Продолжени прогнози на Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето со неделни температурни аномалии (лево) и врнежите (десно) за период 7 април до 5 мај 2025 г.

За периодот на месец мај - до почетокот на летото (21 јуни), се предвидуваат температури од 1 до 2 °C повисоки од просечните, со врнежи во рамките на просечните вредности (Графикон1).



Графикон 1. Сезонска прогноза на температурата на воздухот и врнежите во Скопје. Извор: ECMWF, GFS, Meteo Blue, Acc. Weather. Подготвил: Милош Спасовски

Во Јужниот Јадран и Јонско Море температурите ќе бидат 1-2°C повисоки од просечните, додека за средниот Јадран и Егејско Море температурите ќе бидат од 0.5 до 1°C повисоки. Повисоките температурни аномалии за мај и јуни, укажуваат на постепено загревање на Европскиот континент, што поради зголемената водена пара во атмосферата како резултат на климатските промени, ќе создаде услови за интензивирање на конвективните процеси. Ова ќе доведе до развој на грмежни бури, кои понекогаш можат да бидат поорганизирани грмотевични групации (кластери), линии на нестабилност во средни размери, управувани од синоптичко-динамички системи и да создадат неповолни временски појави, како ненадејни поплави, силни ветрови, молњи и појава на град со потенцијално големи деструктивни влијанија.

Highlights за пролетта во Македонија (април – јуни 2025)



Хидролошки ризици и очекувани гео-непогоди во Македонија


Продолжените врнежи што ја зафатија државата во изминатите денови, како и прогнозираните до крајот на април и во месец мај, значително ќе ја заситат почвата со влага, создавајќи „вишок на водена маса“. Во таа смисла, наредните недели, граѓаните, локалните и централните власти треба да бидат подготвени за зголемен ризик од поплави, свлечишта, одрони, засипување на патишта со нанос и други непогоди. Зголемената можност од атмосферско-хидролошки непогоди оваа пролет е резултат на релативно топлите есен и зима, со зголемено испарување над Атлантикот (како резултат на специфичната Атлантско-медитеранска циркулација, ослабени арктички влијанија, глобалните климатски промени и термички аномалии на Голфската струја) и последователните врнежи изминатите 10-ина дена.

Бидејќи земјиштето и дренажната мрежа веќе не можат да апсорбираат дополнителна вода, се очекува зголемено површинско задржување и појава на речни поплави, особено во рамничарските, котлински делови. Такви се речните долини на Вардар (Долни Полог, Катлановско, Велешко, Гевгелиско-Валандовско), Пчиња (особено низводно од Пелинце), Крива Река (помеѓу Крива Паланка и с. Ранковце), Брегалница (со некои нејзини притоки како Желевица, Злетовска Река низводно од с.Злетово и др.), Струмица, Црна Река низ Пелагонија и сл. Всушност, кај некои реки веќе е забележано значително зголемување на водостојот (протекот) до граница на излевање од своите корита. Со оглед на прогнозите за дополнителни врнежи, веќе во наредните денови се очекува поплавување кое се очекува да биде од слаб, до умерен карактер. Воедно, вештачките акумулации, кои претходно беа значително испразнети, ќе се наполнат, а можно е и значително зголемување на нивото на Охридското Езеро.

Дополнително, продолжителните врнежи кои во одредени периоди и делови на државата ќе имаат пороен карактер, ќе го зголемат ризикот од свлечишта и одрони, особено на стрмните падини и поголемите засеци на патиштата. Во западниот дел на државата пак, на стрмните планински страни и кон нивните подножја, до средината на април, можни се појави на снежни и комбинирани (снежно-одронски) лавини. Најранливи се стрмните терени со нестабилна подлога, неотпорни карпи (шкрилци, песочници, глини) и претходно активни свлечишта. Особено критични точки се патните правци: Маврово-Дебар-Струга, Охрид-Ресен-Битола, Струмица-Берово-Делчево, Скопје-Велес, Куманово-Кратово, Кочани-Делчево, Крива Паланка-Деве Баир, како и долж засеците на повеќе локални патишта.



Слика 3. Карта на подрачја под ризик од појава на поплави, свлечишта и одрони.

Во смисла на претходното, неопходни се навремени превентивни и мерки за заштита, како што се:

Перманентна проценка на ризикот од поплави, согласно краткорочните и среднорочните прогнози за врнежите и состојбата на теренот;
Редовна комуникација и координација меѓу институциите и соодветните научно-истражувачки институции;
Превентивни активности од ЦУК, ДЗС и локалните власти;
Изработка на национален катастар на ризични подрачја;
Развој на ГИС систем со детален мониторинг и сценарија за потенцијални природни непогоди.

Резиме: Сезонски осврт, пролет-2025 во Македонија

Пролетта 2025 година во Македонија се очекува да биде динамична, со нестабилни и врнежливи периоди во првата половина, додека втората половина ќе биде потопла со зачестени грмотевични бури. Во периодот од крајот на март до почетокот на април, земјата беше под влијание на намален атмосферски притисок и интензивна циклонска активност, што доведе до зголемени водостои на реките и зголемен хидролошки ризик. Според системот GLOFAS, најголем ризик од поплави на 4 април постои на југот од Македонија, каде што шансите за надминување на двегодишниот повратен период на водостоите достигнуваат 76%.

Во првата половина на април се очекува заладување со врнежи од дожд и снег на планините, а во одредени пониски подрачја е можен и слаб утрински мраз. Од средината на месецот времето ќе се стабилизира со постепено затоплување. Во мај температурите ќе бидат 1-2°C над просекот, со нестабилности што ќе предизвикаат локално интензивни грмотевични бури. Во јуни се очекува понатамошно загревање и зголемена атмосферска нестабилност, со можност за силни невремиња, град и ненадејни поплави. Во месец април и почетокот на мај, зголемен ризик од поплави, свлечишта и други хидрометеоролошки непогоди.

Овој билтен има информативен карактер и служи за добивање на првична слика за можните временски и хидролошки услови во Македонија за пролетта 2025 година. Поради променливиот карактер на времето и можните хидролошки ризици, неопходна е зголемена подготвеност на институциите и јавноста за навремено реагирање на потенцијалните неповолни временски појави. Ова ќе овозможи превентивно делување со цел намалување на евентуалните ризици по безбедноста и сигурноста на граѓаните.

Автори: д-р Владо Спиридонов, редовен професор на ПМФ и д-р Ивица Милевски, редовен професор на ПМФ