Зимата на Арктикот заврши со најмала површина на морски мраз во историјата на мерењата

Зимата на Арктикот заврши со најмала површина на морски мраз во историјата на мерењата

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во текот на зимата на Арктикот, под влијание на ниските температури, морската вода замрзнува, а во март се достигнува максималната површина на арктичкиот морски мраз за една година.

Сепак, овој годишен максимум, по оваа зима, е најнизок измерен досега, покажуваат податоците на Американскиот национален центар за снег и мраз.

Минатата недела морскиот мраз на Арктикот се простираше на површина од 14,3 милиони квадратни километри. Тоа е за 1,3 милиони квадратни километри помалку во споредба со просечниот максимум во периодот од 1981 до 2010 година.

Со други зборови, за да го достигне просекот, Арктикот „загуби“ површина на морски мраз поголема од Германија, Франција и Италија заедно.

Претходниот рекордно низок максимум на морскиот мраз беше забележан во 2017 година и беше за 800 илјади квадратни километри поголем од овогодишниот.

Намалување на мразот во услови на климатски промени


Во услови на климатски промени, на Арктикот се создава помалку нов мраз и се акумулира помалку повеќегодишен мраз.

Важно е да се нагласи дека во морскиот мраз не спаѓа мразот на копното, како што се ледените плочи и глечерите. Станува збор за замрзната морска вода која плови на површината на океанот.

Површината на морскиот мраз на Арктикот ќе продолжи да се намалува во наредните години поради комбинацијата на повисоки температури на воздухот, потопли мориња, ветрови и потенок мраз.

Научниците дури предупредуваат дека во текот на следните десет години Арктикот би можел да се најде во состојба што не се случила во последните 80 илјади години - да остане без мраз во текот на летото.

Според пресметките од истражување објавено минатата година, ова ледено пространство првпат би можело да остане без мраз.

Ситуацијата не е толку драматична како што звучи.

Во оваа анализа, критичната точка кога Арктикот останува без мраз (англ. ice-free) се случува кога површината на мразот во океанот паѓа под еден милион квадратни километри.

Иако ова можеби не одговара на некоја произволна дефиниција на поимот „Арктик без мраз“, ова е научно утврдена граница што ја одразува сериозноста на климатските промени.

Годишни циклуси на топење и замрзнување

Додека арктичкиот морски мраз во зима го достигнува својот годишен максимум, во лето се случува спротивното: поради сезонското топење на мразот поради повисоките летни температури, тој паѓа на годишен минимум.

Сепак, низ годините обележани со растечко глобално затоплување, и овој годишен минимум станува сè помал.

Иако оваа година мартовскиот годишен максимум беше најнизок досега, тоа не значи дека и летниот минимум во септември исто така ќе биде рекордно низок, објаснува научничката д-р Џулиен Строув.

Но, според неа, продолжува целокупниот долгорочен пад на ледената покривка.

Во меѓувреме, на јужната хемисфера морскиот мраз на Антарктикот го достигна својот летен минимум на почетокот на март. Бројката од 1,98 милиони квадратни километри е идентична со онаа од 2022 и 2024 година, што го прави вториот најнизок забележан антарктички морски мраз.

На глобално ниво, ако се земат заедно и Арктикот и Антарктикот, морскиот мраз достигнува минимални годишни вредности во февруари. Според соопштението на Службата за климатски промени, овогодишниот февруарски минимум на морскиот мраз во светот е најнизок досега забележан.

Иако одредена улога во загубите на морскиот мраз игра и природната варијабилност, температурите во арктичкиот и антарктичкиот регион растат повеќе од светскиот просек од 1,2 степени, што дополнително придонесува за неговото рекордно повлекување.

Извор: Euronews.rs
Фото: Wikipedia