Австралиските нуркачи засадуваат корали откако туристичката сезона е во застој
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Додека туристичката економија во Австралија е во застој, туристичките бродови во земјата седат празни на пристаништата. Сега некои од овие компании ги нудат своите бродови заедно со персоналот за мисии за реставрација на корали по должината на Големиот корален гребен.
Вработените во австралискиот центар за нуркање „Пешнс оф парадајс“ доброволно се пријавиле за засадување корали. Главниот извршен директор Скот Гарден рече дека компанијата го позајмила својот брод-катамаран за да однесе четворица нуркачи и научник до гребенот Хастингс.
- Им помагаме на д-р Дејвид Суџет и на неговиот тим од Универзитетот за технологија во Сиднеј, кои спроведуваат истражувања за отпорноста на гребените на една од нашите 26 локации со гребени - изјави тој.
- Работев со координаторот Расел Хосп на локацијата повеќе недели, снимајќи податоци за проектот и поставувајќи расадник на корали - додава тој.
Расел Хосп и морскиот биолог Кристи Витман, и двајцата водичи за корални гребени, се вклучија за да помогнат во унапредувањето на проектот.
- Програмата за негување на коралите има цел да им даде на операторите уште една активност што можат да ја направат. Постојат две нови работи за оваа програма. Ова е првпат на Големиот корален гребен да работат туристички оператори заедно со истражувачите и првпат се користи корален клип за прикачување корали на гребенот. Тоа вклучува пронаоѓање фрагменти од корали кои природно се распаднале. Тие повторно се прицврстуваат на гребенот со помош на клип за корали - вели Лорна Хаулет, координатор на проектот.
Скот Гарден вели дека досега се засадени 1.000 корали.
Фотографии:
Diveplanit/Karryon