Зошто таткото на Ким Јонг-ун го избрал токму него за наследник, а не принцезата Јо-јонг?

Зошто таткото на Ким Јонг-ун го избрал токму него за наследник, а не принцезата Јо-јонг?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во 2001 година севернокорејскиот лидер три недели ја обиколувал земјата, а друштво му правел угледниот руски дипломат Константин Пуликовски, кој ја искористил можноста со лидерот на една од најзатворените земји на светот да поразговара за неговата фамилија.

Се смета дека Ким Јонг-ил имал седум деца, а најмалото, Ким Јонг-ун, кој подоцна и ќе го наследи, во тоа време бил тинејџер. Кога Пуликовски го прашал за децата, Ким зборувал сѐ најубаво за двете ќерки, но за синовите велел дека се неспособни.

- Ким Јонг-ил ги сакал синовите, но немал најдобро мислење за животот што го воделе - истакнува Мајкл Меден, експерт за севернокорејскиот режим.

Покрај таквата процена на сопствените деца, Ким Јонг-ил, сепак, го избрал најмалиот син за наследник и во 2009 година почнал да го подготвува за таа функција. Две години подоцна тој почина од последици од инфаркт.

Светот веројатно никогаш нема да дознае дали Ким сериозно ја разгледувал можноста да го наследни една од ќерките, но постојат докази декa тој ја обожавал Ким Јо-јонг, најмалата од децата.

Кенџи Фуџимото, како што е псевдонимот на поранешниот готвач на фамилијата Ким, за „Вашингтон пост“ изјавил дека татко ѝ ја викал „принцеза Јо-јонг“ и „слатка Јо-јонг“. Многу е веројатно дека мислел дека ќе биде исклучително тешко да се убедат луѓето да прифатат жена за следен севернокорејски лидер, особено со оглед на тоа дека имал синови.

Северна Кореја е позната како патријархална земја во која од жените се очекува да бидат вредни сопруги кои им се потчинуваат на мажите и посветени мајки. Оние што побегнале од земјата велат дека во неа владее мизогинија, родова дискриминација и сексуално насилство.

Ким Јо-јонг, меѓутоа, зазема важно место во раководството на Северна Кореја, а нејзиното име се појави меѓу првите во прогнозите кој би можел да го наследи Ким Јонг-ун, кој речиси три недели не излегуваше во јавност, но потоа изненадно се појави заедно со сестра му.

Мистериозното исчезнување на севернокорејскиот лидер наметна важни прашања за плановите на земјата за иднината, особено со оглед на фактот дека тој пати од вишок килограми, исто така е пушач, а и одредени медиуми пренесуваат дека консумира алкохол. Експертите велат дека Ким Јо-јонг веројатно би била најсигурниот и најверојатниот наследник доколку би му се случило нешто на Ким пред децата да му пораснат доволно за да можат да ја преземат власта. Доколку би се случило тоа, жената би се нашла во центарот на еден од најрепресивните режими на светот.

Иако жените имаат значаен удел во работната сила и претставуваат мотор на ограничената приватизација на пазарот, со оглед на тоа дека мажите ги држат државните работи, жените пребегани во Јужна Кореја велат дека и понатаму се изложени на дискриминација и дека имаат помали професионални и социјални можности од мажите.

- Жените секогаш мора да бидат скромни. Мажите главно ја држат контролата над финансиите и уживаат углед во општеството - вели Нара Канг, која во 2015 пребегала на југ.

Сексуалното насилство е толку често што веќе е прифатено како составен дел од секојдневниот живот, стои во извештајот на организацијата „Хјуман рајтс воч“ од 2018.

Од моментот кога Ким Јо-јонг стапнала на јужнокорејска земја во 2018 година, камерите ја следат насекаде. Таа тогаш заедно со протоколарниот шеф на државата, Ким Јонг-нам, го претставуваше режимот на Ким Јонг-ун на Зимската олимпијада во Пјонгчанг. Таа беше првиот член на севернокорејскиот владејачки клан, кој по 1953 година, кога практично е завршена Корејската војна (таа технички сѐ уште трае бидејќи двете страни потпишале примирје, а не договор), ја посетил Јужна Кореја и така влезе во историјата. Една година порано таа стана резервен член на Политбирото, врховното тело на севернокорејската владејачка партија.

Фото: Wikipedia

Меѓутоа, обичните Јужнокорејци не знаеја многу за неа. Тие беа фасцинирани од навидум отмената претставничка на земјата која важи за заостаната и чиј владетел не бил во странство откако ја презел власта. Гувернерот на јужнокорејската провинција во која е одржана Олимпијадата ја опишал Ким Јо-јонг како многу смирена и сталожена, како жена која не зборува многу, но затоа прецизно и без заобиколување.

При престојот во Јужна Кореја таа навивала за единствениот корејски хокеарски тим и присуствувала на церемонијата на отворањето, покрај јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин и американскиот потпретседател Мајкл Пенс, кој одбил да се ракува со неа. Ја фотографирале како се смее и добро се согласува со домаќините, а медиумите дури и ја прогласија за севернокорејската Иванка Трамп.

Таа му даде човечко лице на режимот, кој администрацијата на Трамп се обидуваше да го жигоса како нуклеарен отпадник, истовремено удирајќи ги темелите за дипломатскиот поход на брата си, кој ќе доведе до тоа тој да стане првиот севернокорејски лидер што се сретнал очи в очи со актуелниот американски претседател.

Не е познато точно колку години има Ким Јо-јонг, но се претпоставува дека е во триесеттите. Се знае дека исто како и брат ѝ, така и таа во основно училиште одела во Берн. Тоа за „Вашингтон пост“ го изјавиле нивните тетин и тетка, кои учествувале во нивното одгледување. Возрасните, кои во Швајцарија се грижеле за двете деца, се труделе да им овозможат нормален живот, но морале да кријат многу нешта - нивниот вистински идентитет, богатството и фактот дека мајка им се лекувала од рак на дојка во завршен стадиум. Заедничкото детство на братот и сестрата било исклучително, но и многу осамено. Експертите како Меден веруваат дека Ким Јонг-ил намерно одлучил тие да растат заедно.

-Како што растеле и станувале свесни за околностите, морале да се соочат со многу суровата реалност, па можеби и тоа е причината што нивната врска е нераскинлива - вели Меден.

Извор: Srbija Danas
Насловна фотографија: Wikipedija