Бојан-Ковски за сликањето на голо тело, табу-тема или техника која прераснува во тренд

Бојан-Ковски за сликањето на голо тело, табу-тема или техника која прераснува во тренд

Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Лектор: Ивана Кузманоска

Древната техника бодипејнт или сликање на кожа во последно време се враќа меѓу уметниците. Голем е предизвикот за еден артист од сликање на платно да почне да слика на човечко тело, на гола кожа. Ваквата уметност претставува еден интимен чин помеѓу уметникот и моделот. Докази за тоа дека луѓето се сликале по телата има низ историјата, преку разни артефакти дознаваме дека оваа техника датира уште во античка Грција и Рим.

Низ разговор со младиот уметник Бојан-Ковски од Куманово, чие активно дејствување на сцената за култура низ годините е главен двигател за постоењето на бодипејнтингот во Македонија, дознаваме за местото на оваа техника во уметноста кај нас.



Љубопитниот 27-годишен уметник, по дипломирањето, пред околу 6 години, почнал да ги опипува деталите за оваа техника. Изнендувачки неговото не многу големо искуство во сликарството истовремено го прави и храбар „мајстор“ во еден нов подвиг.

Што ако актот наместо слика, ми стане подлога?

Во процесот на својата работа Ковски најчесто слика акт-студија, фасциниран од човечкото тело воопшто, не е ни чудно што посакува наместо да го отсликува на платно, да почне да слика на него.



- Идејата да почнам да сликам на голо тело дојде спонтано, но и многу намерно, јас работам фигурација, најчесто актови, односно телото од кое бев инспириран сакав да го искористам како платно. Што ако актот наместо слика, ми стане подлога?! Техниката се учи и менува со текот на времето како процес на развојот на еден автор, а клучните работи се посветеноста на тоа што го правиме и инспирацијата која нè движи кон успехот, а тоа се работи на кои никој не може да нè научи, туку мораме да ги стекнеме самите. Мој прв модел беше Леуарт Лека и тоа дело беше поврзано со културата во Египет и нивните богови - вели Ковски за Факултети.мк.

За него, најважно е преку своите дела да успее да ја разбуди фантазијата кај гледачот. Се стреми да постигне комуникација со публиката преку своите потези со четките, така што набљудувајќи ја сликата, секој засебно да си открие свој свет, своја лична порака.



- Во моите дела, без разлика дали на тело или на платно, митологијата поврзана со човечките чувства има цел да зборува и да му пренесе порака на гледачот, не пораката што јас ја имам пренесено на сликата творејќи ја, туку пораката што гледачот ќе ја види за себе, она што спојот на неговите чувства и ум при гледање на сликата ќе го создадат како приказна за неговото доживување. Идеите доаѓаат од теми кои, гледајќи низ призмата на градење на човечката мисла, се едни од главните на кои се темели модерното општество, минатото и иднината. Тоа се идеалите што јас како автор сакам да ги претставам пред мојата публика - вели тој.

Сликањето на површина што не е рамна го отежнува, усложнува, но и го прави крајно мистичен процесот. Да се црта по живо човечко битие е умешност за наклон. Со Ковски сме согласни за тоа дека на крајот целината добива една поинаква димензија која не може да се постигне кај статичната уметност.



- Да се работи на нечие тело е целосно различно од работа на штафелај, има некоја специфичност во изразувањето. Секој детаљ и секој момент што го нанесуваш на телото од секој агол изгледа различно, а воедно и со движењето сета боја што е нанесена се обликува во различни форми кои заедно со аголот, движењето и самата форма на телото формираат една целина, која за мене е убавината на оваа уметност. Најлесниот дел е дружбата и енергијата што се создава помеѓу мене, делото и моделот, а воедно тоа е и најзабавниот дел од работата. Секогаш, пред да почнам со сликање, разговарам со моделот и гледам како тој/таа би се чувствувал/а слободно. Многу е важно за мојата уметност како моделот ќе го износи делото - вели тој.
Ковски можеби се надмина себеси во бодипејнтот тогаш кога успеа сам да го наслика сопственото тело. Тој имаше јавен перформанс каде што настапи со своја точка на операта „Queen of the Night“ на Моцарт.



- Подготвувањето беше многу комплицирано и тешко, веројатно тој бодипејнт беше и најдолго работен поради тоа што самиот се сликав. Посебен предизвик беше да се насликам на грбот, кој сам го сликав до одреден дел, но, за жал, моите гимнастичарски способности не се развиени до тој степен, а потоа ми помогна другарка на која ѝ давав инструкции како и каде што да направи со помош на огледало. Ова искуство ме ослободи и ми даде друга перспектива на она што го работам. Да се доживеам себеси како дело ми даде друга слика како сакам да се гледаат и чувствуваат моите модели додека се насликани во мое дело - вели тој.
Заинтересираноста за нарачки за сликање на голо тело или делови од телото кај нас сè уште е многу мала, но Ковски задоволно вели дека бодипејнтингот кај нас не е веќе табу-тема, полека, но квалитетно се гради публика и за оваа уметност. Впрочем, театрите, филмската индустрија, модната, музичката сцена и сл. би можеле да вметнуваат вакви уметнички дела во својата дејност. Така неодамна нашиот соговорник беше ангажиран како дел од тимот за видеозапис на песната „Ми“ на Дино Мерлин.

- Благодарение на социјалните медиуми, режисерката Кукла Кешеровиќ ме исконтактира на „Инстаграм“. Сите десет бодипејнти се целосно спонтани и најголемиот дел осмислени во моментот на изработка. Предизвикот беше прилично возбудлив, но со одредена мера на неизвесност, особено поради моментот што во многу краток временски период требаше да бидат готови. За време на сликањето имаше многу позитивна енергија - се присетува уметникот.



Отсекогаш за него најважна била, а и понатаму ќе биде, поддршката од неговите родители.
- За мојот пат, уште од мала возраст беа многу свесни моите родители, дури и повеќе од мене. Мислам дека овој пат стана мој кога сфатив колку се тие горди на она што го правам и дека секогаш ќе бидат ветерот што ме движи. Поради оваа причина, јас влегов во ова без страв, со желба и верба за успех кон кој сè уште стремам - објаснува тој.

Сè додека моите дела будат некакво чувство, мојата работа е успешно завршена

Со оглед на неговата уникатност, неизбежно беше да го прашавме дали е задоволен од тоа како е прифатен од македонската јавност.
- Од нашата јавност имам добиено огромен распон на различни реакции, што мене ме радува зашто така само научив повеќе и со секој коментар, без разлика дали добар или лош, растам повеќе. Бодипејнтот се покажа како одличен успех за мене и се надевам дека во иднина ќе добие и поголемо место во македонската култура. А од општеството не очекувам да ме разбере мене или мојата уметност, сè додека мое дело буди некакво чувство кај нив, мојата работа е успешно завршена - вели Ковски.

Фото: приватна архива