Сатиричарот Васил Толевски: „Овој народ никогаш нема да ја загуби смислата за хумор“

Сатиричарот Васил Толевски: „Овој народ никогаш нема да ја загуби смислата за хумор“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Исмејувањето е една од темелните вредности на сатирата. Силата на таквото исмејување зависи од ликот или ешалонот на власта што го критикувате. Сатирата не дозволува имиња и презимиња, туку мора да има и поширока димензија, а тоа е универзалноста, вели тој

„Во Библијата пишува: Не кради! Ама, каде се чуло и видело министер да чита Библија?!“ Ова е најомилениот афоризам на сатиричарот Васил Толевски. Во интервјуто за Факултети.мк тој вели дека тоа е краток опис на лицемерните политичари во нашето општество.

Не води статистика, но изненаден е кога ќе види на „Фејсбук“ некој афоризам што не го ни регистрирал, а напишал над 15.000 афоризми. Само во престижниот балкански портал „Носорог“ од Бања Лука има објавено 4.000 афоризми, а неговата последна книга „Најдоброто од Толевски“ содржи над 3.800 афоризми.
Добил над 60 награди во својата 40-годишна кариера како сатиричар, но најдрага му е „Радое Домановиќ“, која му била доделена на Сатира-фест во Белград, а е нешто како Балканика во литературата.

Роден во 1956 година во Будимпешта, Толевски објавил над 20 наслови, од кои седум авторски книги. Бил уредник на Студентски збор, Македонски остен и Остен. Член е на БАК (Белградски афористичарски круг) и МКА (Московски клуб на афористичари). По професија е машински инженер. Работи како технички директор во ЈСП-Скопје.

Каква уметност е сатирата, моќно ли е нејзиното слово и што треба да има таа?


- Сатирата е критика на постојното, во сите сфери од општественото живеење. Таа мора да содржи мешавина на критика, внатрешен дух и ироничен хумор, кој мора да насмее, но и да прекори. Сатирата предизвикува и недоразбирања, кои се конфликт на дел од општеството и авторот. Кога предметот на сатирата ќе се препознае, тогаш започнуваат неволјите на сатиричарот. Ваквата судбина ја доживеале многу автори, од Јувенал, Даниел Дефо, па сѐ до некои автори, кои само поради божемната демократичност во општеството остануваат неказнети. Инаку, земени се на нишан, па осудувани во други форми и притисоци.



Излезе ли сатирата од сенката на поистоветувањето со исмејување на политичарите и нивните дејства, дали сега опфаќа пошироко поле на изразување?

- Исмејувањето е една од темелните вредности на сатирата. Силата на таквото исмејување зависи од ликот или ешалонот на власта што го критикувате. Но, мора да се сфати дека сатирата не дозволува имиња и презимиња, туку мора да има и поширока димензија, а тоа е универзалноста. Добрата сатира е преведлива и за други јазични групи, во неа треба да се препознава одреден сталеж, група на ништожници или ликови наречени Лидер или Водач.

Кога почнавте со сатирата и афоризмите, кој момент беше тригер да решите да се занимавате со ваков вид уметност?


- Читајќи ја сатирата, многу лесно може да се види и кој ја пишува. Творбата е огледало во кое може да се огледа авторот. Среќен човек не пишува сатира; неосетлив човек за туѓа судбина нема време да пишува сатира; оној што нема смисла за внатрешно бунтовништво тешко дека ќе се крене да го изостри словото на сатирата. Кога сатиричарот се гледа во огледало, тој го прави тоа со наведнат поглед. Се срами што не успеал да го промени светот. Но тоа му дава нова сила за повторно да создава како обид да го промени постојното. И така се создава опус за почит, кој малку кој од нас го има. Врвната сатира го носи сатиричарот на врвот од литературата. Но бидејќи се смета за најтежок литературен род, нема многу приврзаници што би го следеле. Сатирата не е забава, таа е леснотија на неподносливото. Тежок литературен род, кој повеќе не се ни изучува во средните училишта или на некој факултет.

Како настанува еден афоризам?


- Нема пишана формула за ова. Афоризам може да напише секој писмен човек, но афоризмот треба да има внатрешна сила за да го разбере и неписмениот. Тој експлодира во миг, не и во часовно размислување. Афоризмот е краток вид уметност што мора долго да трае. Има млади луѓе кои сакаат да станат афористичари мислејќи дека тоа е некој занает кој брзо се учи. Па, кога ќе увидат дека тоа е тешка работа, преминуваат на пишување раскази и романи. Сепак, полесно е.

Смеата и шегата би требало да се посилни од трагедијата. Кај нас се чини дека е нерешено во последните 30 години. Се сменија ли оттогаш работите кај нас?


- Трагичното во нашето општество е тоа дека работава не ни е за смеење, а смешно во нашата трагедија се глумците кои израснуваат од нашиот политички театар. Народот е како гол манекен кој се движи на модната писта. За жал, освен голиот задник, нема што друго да покаже. Развојот на општеството е следен обратно пропорционално од развојот на сатирата. Колку е потешко живеењето, толку е полесно да се негува сатирата. Таа е кривото огледало на нашата реалност.

Го сакам ова мало Македонче од афоризмите



Често го дефинираш Македонецот во своите афоризми. Нашиот менталитет е секогаш инспирација?

- Кој се смее на своја сметка, најслатко се смее. Го сакам ова мало Македонче и сакам да биде уште подобро и посакано. Жал ми е да гледам во неговите пори и да се правам дека не забележувам какви деформитети поседува. Оној што ги следи моите афоризми ќе заклучи дека колку што сум построг кон својот народ, толку повеќе го сакам. Затоа што сакам мојот афоризам да допре до неговата душа и разум, па да сфати дека таа маана што ја критикувам треба да си ја отстрани, за негово добро. А кога ќе имаме критична количина на умни Македонци, ќе можеме да си избереме и умни водачи. Засега, ова многу тешко ми оди, барем гледајќи што избираме. Но, мојата експедиција за откривање на идеалниот Македонец продолжува.

Народот покажува дека духот му е неуништлив

Што ќе се случи ако ние како општество или нација ја загубиме смислата за хумор?

- Во земја на која сите ѝ се смеат, на луѓето не им е до смеење. Смеата е лек каде што дозата е поефикасна ако е во што поголема количина. Но, потешко е да насмеете некого отколку да го онерасположите или расплачете. Како земја без кормило и кормилари, не знаеме каде плови нашиот брод. Тоа е она што најмногу го плаши народот. Но, народот покажува дека духот му е неуништлив. Се шегува на своја сметка, на сметка на властодршците, избраните, политичките профитери. Во сите негови настојувања да се искаже се забележува дека ние сме нација со вградена дарба за смеа. Ако започнете со анализа на вицовите, анегдотите, кратките форми на изразување, па до скечовите и стендап-настапите, некој отстрана ќе помисли дека не сме точни во главите, кога се смееме на олку жални работи. Тоа покажува дека овој народ никогаш нема да ја изгуби смислата за смеа. Барем додека имаме деформирани политички елити.

Политичарите го читаат само она што Западот ќе им го напише



Му сметале ли афоризмите на некој политичар досега?

- Последно нешто што го имаат прочитано денешниве политичари е „Итар Пејо“, или ако е некој постар политичар, ја прочитал „Пинки го виде Тито“. Не верувам дека некој од нив прочитал нешто од сатирата. Тие го читаат само она што Западот ќе им го напише. Рај за сатирата беше во бивша СФРЈ, кога сатира читаа Тито и неговите соработници. Поради Еретичката приказна, Бранко Чопиќ скокна од мостот во Белград, а книгите на Ратко Закиќ беа забранувани. Сѐ уште не сум сретнал македонски политичар на кој му пречи некој афоризам.

Каде е македонската сатира во овој момент, има ли талентирани писатели и дали сатирата го следи дигиталното време?


- Во овој момент сатирата е како грогиран боксер. Нашите афористичари прават исклучителни напори да работат, но освен „Фејсбукот“, нема друго поле за ‘ртење на нивните афористичарски семиња. Колку и да сеат, многу помалку жнеат. Згаснаа сите весници и списанија за хумор и сатира; немаме никаков портал каде што ќе објавуваат македонските творци; нема емисии на ТВ или радио каде што би го почувствувале духот на напишаното или да го почувствуваат екот на силната сатирична мисла. Но, голем оптимист сум дека е можно појавување на електронски портал за хумор, сатира, карикатура и литература. Целото внимание ми е насочено кон еден од најсилните поддржувачи на уметноста и културата во Македонија, господинот Јордан Ѓорчев од Славјанскиот универзитет во Свети Николе. Тој е извонреден карикатурист, кој за кратко време издаде неколку книги со карикатури, афористичарите беа почестени со објавување книги со одбрани афоризми, направи фестивал „Итар Пејо“... Многу, за кратко време. Насетувам и создавање едиција Светска сатира, како и едиција Македонска сатира. Се надевам на наша скорешна средба, која може да донесе ренесанса на хуморот и сатирата. Она што беше „Остен“ во минатото свршено време, тоа може да биде екипата на Ѓорчев. Тоа ќе биде балкански портал, а не себичен македонски подлисток.

Стануваме земја на зомбиња



Кога ѝ беше подобро на сатирата, во социјализмот или сега во „слободна и независна“ земја?

- Мислам дека нема вистинска сатира, како во времето кога ја читаа и државните цензори, кои беа платени од органите на државната безбедност. Денес многу автори и најобична критика кон одреден политичар ја нарекуваат сатира. Строг сум кон себе, па верувам дека и половината од моите афоризми се далеку од прагот на врвна сатира. Денес сатиричарите се навредени од постапките на државните органи. Неа не ја ни читаат, а сатиричарите не ги ни сметаат за луѓе достојни за внимание. Така што од слободна и независна земја преминавме во тотално незаинтересирана земја за ништо што ни се случува. Стануваме земја на зомбиња.

Фото: приватна архива