Григор Прличев, Македонец или Бугарин? - интервју со академик Љупчо Коцарев

Григор Прличев, Македонец или Бугарин? - интервју со академик Љупчо Коцарев

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Последното, временското ограничување, кое се заговара заради иднината на македонската држава, парадоксално, ќе биде погубно токму за тоа за што се заговара - иднината. И не треба да се дозволи, вели академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ

Двата документа, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, веќе го ограничиja просторниот, а рамковната позиција на Република Бугарија - услов за влез во Европската Унија, ќе го зададе завршниот удар и ќе го ограничи временскиот континуум на македонскиот јазик. Последното, временското ограничување, кое се заговара заради иднината на македонската држава, парадоксално, ќе биде погубно токму за тоа за што се заговара - иднината. И не треба да се дозволи, вели за Факултети.мк академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, највисоката научна и уметничка институција во земјава.


Проф. д-р Љупчо Коцарев /Фото: Борче Поповски

Академијата деновиве подготвува зборник на трудови за македонскиот јазик. Книгата треба да биде објавена околу 20 јуни во електронско издание, а наесен да излезе од печат. Свој текст во изданието ќе има и Коцарев. Тој вели:
- Тргнувајќи од модерна социолингвистика, македонската јазична разновидност може и треба да се изучува не само внатре, туку и надвор од границите на денешна суверена Македонија.

Како политиките и национализмот влијаеле врз современата лингвистика како наука, па природниот континуитет на јазикот почна да се става во служба на политиката?

- Во современата лингвистика зборот дијалект се користи на два начина. Прво, зборот дијалект се користи за да ги означи разликите на одреден јазик, при што, во голема мера, се смета дека дијалектите и јазикот се меѓусебно разбирливи. Втората употреба, карактеристична, на пример, за Италија и Франција, го потенцира политички и социјално подредениот статус на некој ненационален јазик во однос на единствениот службен јазик. Како последица на појавувањето на држави-нации во последните двесте години, концептот посебен јазик доби сè повеќе идеолошки призвук, кој, за жал, иако разбран од социолозите и/или лингвистите, не најде пат до пошироката јавност, што резултира во етнолингвистички национализам, кој се смета за нормална појава во многу земји од Европа. Терминот дијалект, повторно за жал, има негативна конотација и се смета за нејазик, кој, со тек на време, треба да исчезне од употреба. Всушност, во социолингвистика, наместо посебен јазик, сѐ почесто се користат термините „стандарден јазик“, „јазична норма“ и „литературен јазик“, при што, иако научниците не секогаш се согласуваат за разликите помеѓу нив, подолу ќе ги користам овие термини како еквивалентни.

Етнографска карта на Балканот во 1847 година, според австрискиот етнограф Ами Буе

Од средината на шеесеттите години од минатиот век, поточно по појавата на книгата со наслов „Јазичен конфликт и јазично планирање: Случајот со модерниот норвешки“ од американскиот лингвист Хауген, професор на универзитетот „Харвард“ (на англиски Language Conflict and Language Planning: The Case of Modern Norwegian), социолозите и лингвистите создавањето на стандарден јазик не го разбираат веќе како „природен“ процес на „регулирање“ и „модернизација“ на вековен лингвистички ентитет, туку повеќе како јазично планирање и политика. Еден од основните механизми во градењето национални заедници е, без сомнение, лингвистичката хомогенизација. За поврзаноста на политиката и национализмот, било да е тоа „етнички“ било „граѓански“, со јазикот пишуваат многумина, и таа анализа сѐ уште е актуелна. Така, на пример, Фишман зборува за степенот со кој јазичното планирање се води од национализам, за промените на самиот национализам, за причините зошто јазикот најчесто станува важен елемент во националистичките цели и програми, како и за природата на национализмот и влијанието на национализмот врз јазикот и јазичното планирање. Чомски го поврзува јазикот со моќта, додека Дел Вале тврди дека ставајќи ја неговата теорија за јазик, јазично планирање и стандардизација во рамките на концептуална и историска рамка инспирирана од модернизмот, Хауген, всушност, прифаќа дека јазикот има политичка природа.

Хронолошки и причинско-последично, како ова го поврзувате со актуелните проблеми во кои е втурнат македонскиот јазик?

- Водејќи се од современите концепти во социолингвистика, ќе го користам и терминот „македонска јазична разновидност“ (language variety). Со тоа го избегнувам подредениот статус на македонските дијалекти во однос на стандардниот македонски јазик, при што, а приори, последниот термин се разбира во национална смисла. На тој начин, генерално зборувајќи, нагласувајќи дека лингвистичка заедница зборува одредена лингвистичка разновидност, модерната социолингвистика го заобиколува ризикот нестандардизираниот говор да се смести во етно-национален контекст.

Основното тврдење тука е дека македонскиот јазик, разбран како јазична разновидност, а ненационален јазик, се формира многу пред формирањето на државата Македонија. За тоа постојат многубројни документи, сите трудови во книгата што ја подготвуваме, но многу повеќе од тоа, фактот дека македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, препознатлив јазик, артикулирана свест за етно-културната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор. За тоа пишував повеќе во колумната на Факултети.мк од 19 мај 2020 година.


Академик Коцарев: „Каде почнува германскиот, а каде холандскиот јазик“? / Фото: Борче Поповски

Пред појавата на државите-нации, јазиците разбрани како лингвистички разновидности имаа просторна и временска димензија, при што се зборува за просторно-временски јазичен/дијалектен континуум. Така, за разлика од државите-нации кои се формираат во точно определено време и имаат точно дефиниран суверенитет на определен простор, јазичните разновидности, кои се комплексни и адаптивни структури, се формираат во определен временски период, во период од повеќе стотици години, многу пред формирањето на државите-нации и не познаваат граници. Со други зборови, јазичните разновидности немаат јасно дефинирани временски и просторни точки/граници, туку можеме да зборуваме за временски и просторни интервали. Така, на пример, не постои точен момент во времето кога латинскиот јазик е заменет со француски, италијански или некој друг романски јазик. Исто така, во просторниот континуум, тешко е да се каже, на пример, каде почнува германскиот, а каде холандскиот јазик.

Григор Прличев, Македонец или Бугарин?

- Григор Прличев живеел од 1830 година до 1893 година - време на подемот на национализмот во Европа, време кога се формираат државите Грција и Бугарија. Според повеќе научни дејци, животот и делото на Прличев е пример за преродбеник кој ги поминува сите фази на создавањето на македонскиот идентитет, преродбеник кај кого распадот на балканската православна заедница во 19 век се пресликува на индивидуално ниво. Во Османлиската Империја зборот Ромеос или Ромиос израз што, иако повеќе вулгарен, бил општо прифатен и користен за „балкански православни христијани“. Европскиот дел од империјата беше наречен Румели, а заедницата на сите православни христијани се нарекуваше, на турски јазик, Rūm millet (millet-i Rûm), што може да се преведе и како „римска нација“ - но без модерните конотации на зборот „нација“. Она што е важно да се напомене е дека оваа заедница не беше етничка, ами во неа беа вклучени етнички Грци, Словени, Албанци и Власи, кои беа православни христијани и го користеа грчкиот јазик во култура. Уште повеќе, според историчарот Халдон, граѓаните што зборувале грчки себеси не се нарекувале „Грци“ или „Хелени“ (тоа би ги идентификувало нив како „пагани“, „нехристијани“).

Во период кога живее Прличев, Грција и Бугарија се формирани како национални држави во 1830, односно во 1878 година. Според „Македонската енциклопедија“, „тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб“. Текстот на „Автобиографијата“ од Прличев не ја крие горчината на еден деец кој се обидел прво да се афирмира како грчки, а потоа како бугарски автор, но кој бил одбиен од културните водачи на двете заедници. „Автобиографијата“ верно ги пресликува трите периоди на животот на Прличев: грчкиот период (1840-1861, приврзаник на хеленизмот, период во кој ги создал своите ремек-дела „Сердарот“ и „Скендербег“), бугарскиот период (1861-1883, период во кој раскинува со грчкиот јазик и воопшто со грцизмот, учествува во борбата против Цариградската патријаршија и го открива бугарскиот идентитет), и македонскиот период (1883-1889, период во кој сѐ повеќе се оддалечува од бугарскиот идентитет). Тогаш ја пишува „Автобиографијата“, таму ќе запише: „...бев, како и денеска што сум уште, слаб во бугарскиот јазик“, и се посветува на својата татковина.

Родната куќа на Григор Прличев во Охрид / Фото: Wikimedia Commons

Животот и делото на Прличев се анализирани од многу истражувачи, тука ќе задржам само на Линдштет, фински лингвист и професор на Универзитетот во Хелсинки, Датрез, професор по историја и култури во Источна Европа и модерна грчка историја на Универзитетот во Гент, Белгија и Мекриџ, професор во пензија по модерен грчки јазик во Оксфорд. Детрез пишува: „Откако православната христијанска заедница беше заменета со заедници обележани со етнички национализам, било да е тоа грчки било бугарски, Прличев стана „емигрант“ во посебна смисла на зборот: Личност која не се пресели во друга земја, но се чувствува отуѓен и збунет во својата земја“. Понатаму, во истиот текст, Детрез вели дека за Прличев зборот отечество (или татковина) не значи ни Бугарија ни Македонија, туку само градот Охрид. Мекриџ заклучува дека ако Прличев беше роден порано, многу веројатно тој „ќе останеше активен пропагатор на грчката култура“, додека, ако беше роден подоцна, тој „без сомнение би станал македонски националист.“ Поради отсуството на институционалната рамка, македонската национална свест се развива подоцна. Но, пишувањето на Прличев во „Автобиографијата“, и анализите на Детрез, Линдштет и Мекриџ (Detrez, Lindstedt, Mackridge), недвојбено водат до заклучок дека „бугарскиот идентитет“ за Прличев повеќе значи „негрчки идентитет“. Бугарската држава се формира во 1878 година, но бргу потоа Прличев (од 16 април 1884 до 1 мај 1885 година) ја пишува неговата „Автобиографија“. Таму може јасно да се види неговото раскрстување, раскинување со бугарскиот идентитет. Така, од една страна, несомнено е дека Прличев се произнесува за Бугарин, зема учество во борбата против Цариградската патријаршија и се залага за создавање на еден општ јазик за Македонците и Бугарите. Меѓутоа, од друга страна, тој сѐ повеќе, во последниот период од неговиот живот, се оддалечува од бугарскиот идентитет (негова е творбата со наслов „Гр. С. Прличев, убиен од Бугарите“), тој говори и пишува на дијалектот од охридски Варош, за него татковината е Охрид.

Кога политиката посегна по македонскиот јазик?

- Од доаѓањето на власт на Тодор Живков (1956 година), поточно од 1963 година па до денес, владејачките структури во Бугарија, и во време на комунистичкото владеење, и потоа, во демократска Бугарија, без разлика дали се лево или десно ориентирани, покажуваат целосна конзистентност, едногласност по прашањето на македонскиот јазик. За сите бугарски политичари, без исклучок, македонскиот јазик е бугарски дијалект, а македонската нација е „создадена вештачки“ и тоа врз база на бугарската народност, која постоела во Вардарска Македонија. Според Живков, македонскиот јазик е само „еден говор кој им припаѓа на нашите западни говори, еден дијалект“, не постои „никаква македонска нација“, и Македонија е колепката на бугарската ренесанса, на создавањето на бугарската нација“. Веднаш по признавањето на македонската независност од страна на Бугарија, претседателот Желев изјави дека Бугарија ја признава само „политичката творба“ наречена Република Македонија, Бугарија никогаш нема да ги признае македонската нација и јазик. На 9 октомври 2019 година бугарската влада официјално усвои документ со кој се определува рамковната позиција на Република Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија и Албанија. Позицијата е непроменета и недвосмислена, што се потврдува и со следните два цитата (преводи на дел од документот објавен на веб-страницата на Владата на Република Бугарија).

(Дел од текстот за Македонија): „Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешна југословенска република по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. 'македонски јазик', одвоен од бугарскиот“.

(Дел од текстот за Албанија): „Очекуваме усвојување на подзаконски акти за спроведување на законот за малцинства, очекувајќи максимално да бидат загарантирани правата на бугарското национално малцинство, вклучително и изучувањето, без административни бариери, на литературниот бугарски како мајчин јазик во региони традиционално населени од нив, како што се Голо Брдо, Гора, Преспа, Корча, Кукуш, Елбасан, но и секаде на друго место во Албанија каде што живеат во моментов“.


Фото: Борче Поповски

Истакнатите интелектуалци и членови на граѓанското општество во Бугарија, шокирани од рамковната позиција на нивната Влада, од нејзиниот ултимативен и авторитативен карактер, веднаш, на 10 октомври 2019 година, започнаа петиција против официјалниот став на владата за напорите на Македонија за влез во ЕУ. Еве дел од текстот на петицијата (цитирано според фејсбук-профилот на историчарот Стефан Дечев):
„Изразуваме разочарување и длабока загриженост за најавената рамковна позиција на бугарската влада за преговорите на Република Северна Македонија за идно членство во Европската Унија. Сметаме дека ова враќање на јазикот на националниот комунизам е апсолутно неприфатливо. Всушност, денешната Бугарија и денешната Северна Македонија се еднакви наследници на вековната култура и цивилизација. Затоа го осудуваме терминот 'кражба на историјата', кој често го користат некои националисти од обете страни“.

Каков е односот на политичките партии спрема македонскиот јазик во суверена Македонија?

Односот на партиите во суверена Македонија, по 1991 година, спрема македонскиот јазик се карактеризира со непостоење на каква било државна и/или партиска политика и се сведува само на мислења на определени политичари, кои се карактеризираат, главно, со неконзистентност, ненаучност, и често менување заради постигнување определени „повисоки цели“. Така, на пример, во средината на 90-тите години од 20 век, Љубчо Георгиевски го пишува памфлетот „Кој со кого ќе се помирува?“, преку кој, одговарајќи му на историчарот, академик Иван Катарџиев, ги повторува аргументите на истражувачите од Софија во врска со „бугарското“ минато на „македонскиот народ“. Во 1999 година, еден од членовите на владата на Георгиевски: министерот за култура Димитар Димитров во својата книга „Името и умот“ пишува за неговата фрустрација од „искоренувањето“ на Македонците од нивните „бугарски корени“. За Димитров, македонски национален идентитет по моделот на Софија е „српски“ сурогат на „вистинскиот“ бугарски идентитет на македонските Словени. Неодамна, во април 2020 година, македонската јавност повторно беше шокирана од ставот на професорот и прв македонски министер за надворешни работи Денко Малески, кој во разговор за бугарската телевизија „Европа“ во емисијата „Слободна зона“, вели:
„Генерално кажано, македонската страна треба да се соочи со објективната историска вистина на начин на кој објаснив сега, а бугарската страна да се соочи со реалноста на современото постоење на македонската нација и македонскиот јазик. Тоа е излезот. Се разбира, во односот меѓу државите играат и некои други фактори како моќта, позицијата на државата итн. Меѓутоа, ова би бил европскиот приод за едно трајно пријателство и за отворање на една европска иднина која ќе нè поврзува на начини кои не можеме отсега да ги предвидиме“.

Фото: Борче Поповски

Ваквиот став беше веднаш позитивно дочекан од бугарските политичари. Се добива горчлив впечаток, не сум сигурен во вистинитоста на тврдењето, но се чини дека двете страни беа веќе договорени: бугарската страна ќе го признае постоењето на македонскиот јазик по 1944 година, а македонската ќе се согласи дека пред 1944 година не постоел македонски, туку само бугарски јазик. Се сетив на зборовите на Мисирков: „Собитјата, шчо се развија до сега ни покажаа јасно колко није сами можиме да си напакостиме, мислејќи, оти постапуаме праилно“. На тој начин, по двата договора, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, кои веќе го ограничија просторниот, рамковната позиција на република Бугарија, услов за влез во ЕУ, ќе го зададе завршниот удар и ќе го ограничи временскиот континуум на македонскиот јазик.

Какви се Вашите размислувања за македонскиот јазик наспроти бугарскиот?

- За ова светската наука веќе дала одговор, видете ја веб-страницата на МАНУ каде што се поставени дигиталните ресурси на македонскиот јазик (http://drmj.manu.edu.mk/), Повелбата на македонскиот јазик на МАНУ и реакцијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Тука само ќе го цитирам бугарскиот историчар Чевдар Маринов од еден негов труд објавен во 2013 година во Бугарија.

Во однос на политичкиот карактер на македонскиот јазик, Маринов вели: „Научниците во Софија тврдат дека кодификацијата на македонскиот јазик е водена од 'политички мотиви', но не го забележуваат фактот дека нивниот јазик е исто така конструиран во одреден политички контекст. За бугарскиот јазик, овој контекст е крај на отоманската ера и првите децении по создавање на нација-држава во 1878 година. На македонски јазик, тоа се одвива во југословенска Македонија пред и по создавање 'национална' република. И во двата случаја станува збор за јазично планирање: не постојат 'природни' национални јазици различни од 'вештачките' јазици“. Слични појави на јазично планирање се забележани, според Фишман, и во каталонски, белоруски, украински, индонезиски, јидиш, холандски (фламански во Белгија), да набројат неколку јазици, дури и во јазици чиј „легитимитет“ никогаш не бил спорен: современ турски, полски и хебрејски. Маринов додава: „Фактот дека македонскиот јазик е кодифициран главно од една личност - Блаже Конески - исто така не е неприроден. Постојат голем број познати личности пред Конески. Нивните активности исто така јасно ги следеа политичките цели – на оваа листа се вбројуваат: Вук Караџиќ, Осен (Ivar Aasen, новиот норвешки), Јехуда (Eliezer Ben-Yehuda, современ хебрејски), Ататурк (модерен турски) и Аавик (Johannes Aavik, естонски)“.

Македонската азбука изработена во мозаик на Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, Кумановско

Во однос на близината на македонскиот и бугарскиот јазик, Маринов прво наведува редица примери на јазици, при што легитимноста на секој од нив никогаш не е оспорувана, што се многу повеќе слични од македонскиот и бугарскиот. Потоа, тој заклучува: „Второ, за разлика од српскиот / хрватскиот / босанскиот / црногорскиот, кои може да се категоризираат како иста (иако полицентрична) норма заснована врз штокавскиот мегадијалект, бугарскиот и македонскиот се засноваат на два географски оддалечени говори, кои се разликуваат по многу лингвистички карактеристики. Покрај тоа, двата јазика се нормираат под различни влијанија (руски и српски, соодветно)“. Уште повеќе, на друго место Маринов додава: „Бугарските учесници во спорот го осудија српското влијание усвоено од кодификаторите на македонскиот јазик, а истовремено го поздравија руското влијание врз бугарскиот јазик како 'збогатување'“.

Како претседател на МАНУ, што им порачувате на македонските политичари?

Кога станува збор за македонскиот јазик, се надевам конечно и еднаш за секогаш дека ќе се обединат политичките партии во Македонија. Некои граѓани (и политичари) во денешна Македонија можат да сметаат дека пред 1944 година, некои жители на (Пиринска, Егејска и Вардарска) Македонија зборуваат бугарски јазик, а потоа, по 1944 година, македонски јазик – тоа е нивно право – но поддржете го моето право и правото на илјадници други граѓани во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија да имаме различно мислење од вашето. Но, кога станува збор за политичките партии, тие се должни цврсто да ги бранат научните тврдења спрема кои македонскиот јазик има и просторен и временски континуум. И ништо друго.