На „Фејсбук“ и на „Инстаграм“ можете да се логирате со неточна лозинка
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Се чини дека во „Фејсбук“ немаат најдобар однос кон чувањето на лозинките на своите корисници и нивна заштита. Неодамна беше откриено дека милиони лозинки на корисниците биле чувани во обична текстуална форма, зачувани на серверите и достапни за сите што работеле во „Фејсбук“ и „Инстаграм“.
Но, проблемот што случајно е откриен би можел да им предизвика уште поголеми главоболки на корисниците. Имено, еден корисник на „Твитер“ објави дека ако со вашата постојна лозинка на „Фејсбук“ додадете кој било друг знак, „Фејсбук“ без проблем ќе ве остави да се логирате на вашиот профил.
Пропустот „работи“ само ако на точната лозинка е додаден уште еден знак. Доколку се додадат два или повеќе знаци, „Фејсбук“ ќе препознае дека станува збор за погрешна лозинка. Истото функционира и на „Инстаграм“.
Иако на прв поглед не изгледа како голем проблем бидејќи и така морате да ги знаете точното корисничко име и точната лозинка, ова го отвора прашањето за целосната безбедност на „Фејсбук“. Очигледно е дека е потребно да ја знаете точната
лозинка за да влезете на вашите профили, но како да знаеме дека нашите податоци се заштитени?