Африка се бори со сѐ поголем број заразени, а народот не верува дека коронавирусот постои

Африка се бори со сѐ поголем број заразени, а народот не верува дека коронавирусот постои

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако болниците во Лагос, најнаселениот град во Нигерија, се преполни, голем дел од луѓето во оваа земја не веруваат дека коронавирусот постои.

Новинарот Џемиси Адегоке од Би-би-си го посети Лагос и ја сними борбата на лекарите со епидемијата, но и неверувањето на народот.


Ситуацијата во болниците во Лагос кажува многу. Лагос е епицентар на епидемијата во Нигерија, а е најнаселениот град во земја со 20 милиони жители. Иако мерките за ограничувања се олабавени, вирусот не забавува.

Докторите поминуваат часови во заштитна опрема, а со оглед на топлото време, тоа воопшто не е лесно и болницата во Универзитетот во Лагос се полни секој ден.

- Би било смешно да не е толку поразително - вели доктор Акасе.

Докторите велат дека епидемијата дополнително го отежнува функционирањето на веќе оптоварениот здравствен систем.

- Постојано размислувате: Дали можевме поинаку, што различно сме можеле да направиме, дали го имавме ова или она, што ќе беше ако оваа личност дојдеше порано. Но, истовремено чувствуваш лутина. Зошто не дојде порано или зошто дојде толку доцна? - вели докторот.

И покрај високата бројка на заразени, многумина не веруваат дека вирусот е вистински.

- Ако навистина има коронавирус во Африка, треба во моја близина да умрат 30 луѓе за да поверувам - вели еден жител на Лагос.

- Нè лажат. Никогаш немам видено некој болен во Нигерија - вели друг.

- Ова не го мисли само народот на улица. Ова го мислат и образованите луѓе, луѓето што патувале. Таквото мислење ни одмогнува и ни ги отежнува напорите да се избориме со епидемијата - вели доктор Акасе.



Извор: BBC
Фото: Screenshot