Најмногу правници, економисти и лекари, еден генерал во пензија и еден студент - во новиот парламент

Најмногу правници, економисти и лекари, еден генерал во пензија и еден студент - во новиот парламент

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Во собраниските фотелји седнаа 77 пратеници и 43 пратенички, а нивната просечна возраст е 45 години

Собранието ги отвори вратите за десеттиот парламентарен состав од осамостојувањето на земјата. На предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули, Коалицијата на СДСМ „Можеме“ освои 46 пратенички мандати, на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“ - 44, ДУИ 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА. Во собраниските фотелји седнаа 77 пратеници и 43 пратенички, а нивната просечна возраст е 45 години. Какво образование има новиот парламентарен состав?

Во име на граѓаните од парламентот ќе одлучуваат 14 доктори на науки, 9 магистри, тројца магистранди, а има деветмина што се професори на факултет.
Според досега јавно објавените податоци, во новиот парламентарен состав најмногу има правници – 28, економисти – 18 и лекари – 19. Во законодавниот дом седнуваат 1 педагог, 6 политиколози, 1 филолог, 10 професори/наставници во основно и средно образование. Највозрасниот пратеник, 72-годишниот Илија Николовски, е пензиониран генерал, а најмладиот, 23-годишната Артина Ќазими е студентка.

Двајца пратеници од новиот состав се со средно образование.



Во новиот парламентарен состав има тројца електроинженери, двајца шумарски инженери, еден информатичар и по еден архитект, новинар, етномузиколог, ветеринар, биолог, земјоделски инженер, хемичар, историчар на уметност, технолог, социјален работник, психолог. По еден пратеник имаме и со: туризам и менаџмент, современа наука и технологија, менаџмент и осигурување, музичка академија, туризам и угостителство, Факултет за одбрана. За 10 пратеници досега не најдовме јавно објавени податоци.

Од Коалицијата на СДСМ „Можеме“ најмногу има правници – 11, економисти – 6 и лекари – 8.
Во Коалиција на ВМРО-ДПМНЕ исто така има 11 правници, економисти се 3, има 5 политиколози, а од шестемина лекари тројца се стоматолози.
Од ДУИ доаѓаат 3 правници, двајца економисти и двајца лекари, од Алијанса за Албанците и Алтернатива најмногу има економисти – 3 и лекари – 2, а пратеникот од ДПА е стоматолог. Од Левица еден пратеник е универзитетски професор, а другиот историчар на уметност.

Фото: sobranie.mk