Ертај и Кристијан, дел од тимот што го изработи гласот на првиот дигитален читач на македонски јазик за слепи лица: Како се создаваше „Кико“?

Ертај и Кристијан, дел од тимот што го изработи гласот на првиот дигитален читач на македонски јазик за слепи лица: Како се создаваше „Кико“?

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Животниот предизвик како лица со оштетен вид бил еден од мотивите на Кристијан и Ертај да им овозможат на другите со ваква попреченост полесно да го почувствуваат духот на пишаниот збор и на книгата. Со самото тоа што Ертај е инженер по информатички технологии, а Кристијан е јазичар, биле перфектна комбинација за ефикасна комуникација со компанијата која овозможила за кратко време да се дојде до првата верзија на „Кико“.


Животниот предизвик како лица со оштетен вид бил еден од мотивите на Кристијан Лазарев и Ертај Шашко да им овозможат на другите со ваква попреченост полесно да го почувствуваат духот на пишаниот збор и на книгата. Овие две млади лица учествувале во изработка на гласот „Кико“, дел од дигиталната апликација – аудиочитач „Кико“, со која текстуалните содржини се претвораат во аудиосодржини, а се олеснува комуникацијата и функционирањето на слепите лица.
Кристијан и Ертај биле ангажирани од избраната компанија како напредни корисници на читачи на екран за контрола на квалитетот на гласот „Кико“.

Со самото тоа што Ертај е инженер по информатички технологии, а Кристијан е јазичар, биле перфектна комбинација за ефикасна комуникација со компанијата, која овозможила за кратко време да се дојде до првата верзија на „Кико“.
Оваа алатка е изготвена преку Министерството за труд и социјална политика, а заедно со УНДП и Националниот сојуз на слепи лица на Македонија, по најсовремени стандарди и со поддршка од експерти специјализирани за изработка на говорни синтези со искуство во неколку говорни подрачја.

Апликацијата ќе биде бесплатна и достапна за мобилни телефони со „Андроид“, како и во десктоп-верзија за персонални компјутери, а ќе може да се користи без интернет-поддршка.

Ги споиле исти судбини


Кристијан Лазарев има 26 години, студирал на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а веќе две години работи како проектен асистент во Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“. Има целосно оштетен вид, па и оттаму произлегол неговиот интерес и ангажман за креирање на оваа дигитална алатка, чија корисност допрва ќе ја осознаваат сите оние на кои може да им го олесни животот.
Ертај Шашко има 31 година и живее во Струга. Дипломирал на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид и по професија е софтверски инженер. Видот почнал да го губи набрзо по дипломирањето, во 2013 година, и од 2018 година се идентификува како слепо лице со перцепција за светлина.

- Истата таа година почнав да користам и читач на екран за да продолжам да ги користам компјутерот и преостанатите ИТ-уреди. Имав среќа што од мали години пораснав со компјутери, па самото тоа што знам визуелно како изгледа да се работи на компјутер многу ми помогна за брзо да се адаптирам и да го користам компјутерот - вели Шашко.

Имав среќа што од мали години пораснав со компјутери, па самото тоа што знам визуелно како изгледа да се работи на компјутер многу ми помогна за брзо да се адаптирам и да го користам компјутерот, вели Ертај Шишко

Глас на македонски јазик

Идејата да создаде дигитален аудиочитач, Ертај ја има од 2018 година, кога првпат почнал да користи читач на екран и за читање македонски содржини морал да користи роботизиран глас создаден пред многу години.

- Откако го запознав Кристијан, едно од првите мои прашања беа: „Зошто ние немаме наш, синтетизиран глас за македонски јазик?“ Тој ми кажа дека претходно имало четири или пет неуспешни обиди, па тоа беше дополнителна мотивација и на некој начин притисок дека нема простор за неуспех доколку се нафатиме да истуркаме таков проект докрај - посочува Ертај.
Инаку, долгогодишен сон на Кристијан е имање компјутерски глас на македонски јазик.

- Како македонист, човек што го сака својот јазик и научно го имам изучувано, отсекогаш сакав да дојде ден кога овој глас ќе стане реалност. Во минатото дури и имав некои обиди, неформални контакти со повеќе компании со кои почнувавме нешто, но недостигаа финансии со кои ќе се платеа програмерите да вложат време во ова. За среќа, се појави и една втора нишка, а тоа е добрата меморија на министерката Шахпаска, која пред неколку години, уште како пратеник, на средба со претставници од Националниот сојуз на слепи, слушнала дека ние имаме потреба од ваква дигитална алатка и си го ставила тоа на агендата, ако некогаш дојде во состојба да може да го поддржи тоа, да го поддржи. И ете, се случи и тоа - посочува тој.

Како се создаваше „Кико“?

И двајцата се од почеток во проектот за создавање на компјутерскиот глас „Кико“.
За македонскиот јазик, „Кико“ е прв компјутерски глас, но сега откако ја имаат базата, се надеваат дека за брзо време ќе промовираат и втор, па, и трет компјутерски глас, што ќе звучи поинаку. А, ќе направат и женски глас.

- Непосредно пред новогодишните празници, ние, како и неколку претставници од Националниот сојуз на слепи, заедно со претставници од УНДП и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, ја поставивме целта на проектот. Јас и колегата ИТ-инженер Ертај Шашко имавме напорен ангажман кога ја подготвивме техничката спецификација за самиот продукт, каков треба да биде тој за да одговара на мнозинството луѓе со оштетен вид во нашата држава - вели Лазарев.

Јас и колегата ИТ-инженер Ертај Шашко имавме напорен ангажман кога ја подготвивме техничката спецификација за самиот продукт, каков треба да биде тој за да одговара на мнозинството луѓе со оштетен вид во нашата држава, вели Кристијан Лазарев

Сето ова го правеле во консултација со повеќе луѓе што се експерти во гласовни технологии и програмирање.

- Потоа, со компанија од Калифорнија, која се согласи да работи на правењето на овој компјутерски глас, по 16 часа на ден разменувавме е-пошта, правевме по два состанока на ден, тестиравме со часови, правевме промени од програмерски и јазичен аспект, баравме решенија за начинот на читање на скратениците и скратувањата, на реченичната интонација, на изговорот на фонемите, на исчитувањето на римските броеви и на куп слични технички и лингвистички прашања за кои, верувајте, немаше веќе пишан начин во нашата стручна литература, па дополнително моравме да наоѓаме самостојни решенија што во тој момент ни изгледаа најдобри, но и да се консултираме со научната фела, овде најмногу мислам на професорката д-р Гордана Алексова од Филолошкиот факултет, која вложи добар дел од нејзиното драгоцено време за овој глас да биде јазично покоректен - вели тој.
На крајот, раскажува Лазарев, следувала фазата на масовно тестирање во која биле вклучени дваесетина корисници на компјутерски гласови, кои имале можност да ги кажат нивните забелешки, како и да извршат евалуација на квалитетот и ефективноста на продуктот во првата половина од месец јуни.
На крајот, компјутерскиот глас „Кико“ бил поставен на веб-страницата louderpages.org/kiko.

Читачот, односно компјутерскиот глас претставува секундарен софтвер, кој се инсталира како додаток, односно екстензија на читачите за екран (screen readers) што ги има самиот оперативен систем во мобилниот телефон или компјутер

Како да го користите „Кико“?


Кристијан објаснува и дека читачот, односно компјутерскиот глас претставува секундарен софтвер, кој се инсталира како додаток, односно екстензија на читачите за екран (screen readers) што ги има самиот оперативен систем во мобилниот телефон или компјутер.

- Ова значи дека овој софтвер инсталиран сам по себе нема да функционира, туку, за да го слушнете, потребно е да имате инсталиран читач на екран или некој друг софтвер за претворање на текст во говор. Ние го предлагаме користењето на читачот на екран наречен „нвда“, чиј интерфејс волонтерски јас и колегата Ертај го имаме преведено на македонски јазик и може да се преземе од следниот линк: https://www.nvaccess.org/download/
По преземањето на овој читач на екран, кој е бесплатен за корисниците, потребно е да се преземе компјутерскиот глас „Кико“ од веб-страницата: https://louderpages.org/kiko и овие два софтвера да се инсталираат и приспособат на потребите на оној што ќе ги користи. Начинот за подетална инсталација, вметнувањето на компјутерскиот глас „Кико“ во читачот на екран „нвда“ и неговото приспособување според потребите на корисникот ќе бидат детално опишани во наредните недели во туторијалите што ги пишуваме со колегата Ертај на страницата на Националниот сојуз на слепи: https://nssrm.org.mk/. Затоа сите оние на кои им е потребен овој софтвер и сакаат да го користат, нека ги следат постовите што ги објавуваме таму. А во случај да имаат потреба од поитна помош, може да се обратат до Националниот сојуз на слепи, односно до регионалните здруженија за слепи, од каде што ќе добијат наш контакт - детално посочува Кристијан.

Со комбинацијата од читач на екран и компјутерски глас, слепите лица можат активно да ги користат најголемиот број социјални мрежи

Алатка која ќе им помогне на над 10 илјади слепи лица

Со комбинацијата од читач на екран и компјутерски глас, слепите лица можат активно да ги користат најголемиот број социјални мрежи.
Според Кристијан, софтверот има огромен потенцијал, да помогне и да им ги олесни животите на близу 10 илјади слепи и слабовидни моментално во државата, на неколку десетици илјади луѓе со дислексија и тешкотии во учењето, на неколку илјади луѓе (деца и возрасни) со церебрална парализа и проблеми во комуникацијата, на илјадници луѓе во поодмината возраст што ги мачи ослабнувањето на видот поради миопија, на стотици луѓе што имале операција за вадење на гласните жици или го изгубиле привремено или трајно нивниот глас.
- Потенцијалот е огромен и во следните 5 до 10 години, колку што е предвидено овој софтвер да е оперативен, може да се сменат животите на подобро на повеќе од половина милион луѓе и тоа само во нашата држава. Кога ќе се придодаде и албанскиот компјутерски глас Хана, кој ќе биде готов за два до три месеци, ќе се придодадат и луѓето од Албанија и од Косово, кои исто така немаат ваков глас, па ќе се зголеми таа бројка на неколку милиони потенцијали корисници. Е сега останува пак прашањето на обучување и имплементација, ставање во погон на овој глас. Колку тоа ќе се случи, не зависи целосно од нас, тимот што го правеше, но ќе работиме и на тоа - посочува тој.

Мотивација и за наставниците


Ертај апелира до родителите на слепи деца уште од мали години да ги запознаат со компјутер или, пак, да се обратат во Сојузот на слепи, каде што ќе може да им се помогне со првите чекори.
- И наставниците по информатика да ги мотивираат и упатат слепите и слабовидни лица, бидејќи љубовта кон некаква професија се јавува баш во тие тинејџерски години. Потребно и е да ги запознаат со аудиочитачите - вели тој.
Според него, читачите на екран овозможуваат слепите лица да користат компјутер или телефон, исто како и сите други.
- Главната разлика е што наместо користење глувче за кликање, слепите лица ја користат тастатурата цело време. Има голем број тастатурни кратенки кои со текот на времето се меморизираат, па слепите лица можат да го користат компјутерот или телефонот со иста ефикасност и брзина, како и другите луѓе што гледаат. Истото важи и за телефоните, кога се вклучува читачот на екран, командите на допир се менуваат. На пример, без вклучен читач на екран, вие притискате еднаш на некоја апликација за да ја отворите, а со читач на екран допирањето по екранот најпрво ги фокусира и изговара апликациите, а за да се отвори апликацијата, се притиска два пати - објаснува Ертај.

Се надевам дека Владата нема да ги заборави препораките за пристапност и соодветно ќе ангажира напредни корисници или познавачи на читачи на екран пред да ги пушти учебниците во употреба. Учебниците имаат специфична структура со голем број слики, број на колони и голем број декоративни елементи. Па, да речеме доколку декоративните елементи не се маркираат како такви, читачите на екран ќе се фокусираат на нив и ќе кажуваат дека овој графикон нема опис. Помножете го тоа со 200 страници по книга, и на секоја страница ученикот ќе треба да го слуша тоа што не врши никаква функција, туку напротив, одзема концентрација. А доколку се маркираат како декоративни елементи, читачот на екран ќе ги игнорира и фокусот ќе остане на самата содржина - објаснува Ертај

Идеја за дополнување на дигиталните учебници

Ертај вели дека сега е актуелна темата за дигитални учебници, па затоа оваа одлука има огромен потенцијал за подобрувањето на пристапноста на едукативните материјали.

- Се надевам дека Владата нема да ги заборави препораките за пристапност и соодветно ќе ангажира напредни корисници или познавачи на читачи на екран пред да ги пушти учебниците во употреба. Учебниците имаат специфична структура со голем број слики, број на колони и голем број декоративни елементи. Па, да речеме доколку декоративните елементи не се маркираат како такви, читачите на екран ќе се фокусираат на нив и ќе кажуваат дека овој графикон нема опис. Помножете го тоа со 200 страници по книга, и на секоја страница ученикот ќе треба да го слуша тоа што не врши никаква функција, туку напротив, одзема концентрација. А доколку се маркираат како декоративни елементи, читачот на екран ќе ги игнорира и фокусот ќе остане на самата содржина - објаснува Ертај.

Фото: Приватни архиви на Кристијан Лазарев и Ертај Шашко