Трагичната љубов што ја создаде големата Мерил Стрип
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Џон Казал не е запаметен како голема холивудска ѕвезда, ниту како еден од најдобрите актери во историјата. А можел да биде и едното и другото.
Глумел во само пет филма во неговата кратка кариера и сите пет биле номинирани за „Оскар“ за најдобар филм. Три победиле. Запаметен е како човек со необичен изглед кој се движел како забавен филм, како актер кој во себе носел неизмерна тага и како маж кој најмногу влијаел врз животот и глумата на Мерил Стрип.
- Сè што знам за глумата научив од него. Единствено што сакав беше засекогаш да работам со него - изјави Ал Пачино, кој со него глумел во првиот и вториот дел од филмот „Кум“.
Од Мерил бил постар 14 години и во моментот кога почнале да излегуваат, тој веќе бил ѕвезда, а таа млад талент каков што не се појавил со генерации. Се заљубиле на прв поглед и иако не биле пар по кој луѓето би се вртеле поради убавината, енергијата со која зрачеле била нешто што се среќава еднаш во животот.
Во мај 1977 година Џон се разболил. Биле заедно во ординацијата кога докторот им соопштил дека боледува од рак на белите дробови, кој бил во последен стадиум, и дека повеќе ништо не може да се направи за него. Болеста се раширила низ цело тело.
Двајцата седеле во тишина, скаменети. Но од тој момент Мерил демонстрирала сила, љубов и посветеност кои и 40 години подоцна се прераскажуваат во Холивуд.
- Каде ќе одиме на вечера? - го прашала пред докторот и покажала дека не планира да се откаже од животот и надежта.
Казал во истиот момент го откажал учеството во сите проекти во кои бил ангажиран, а за да може финансиски да го поддржи неговото лекување, Мерил почнала да работи повеќе од кога било. Била како незапирлива фурија, а колегите и денес се сеќаваат како во тоа време не можеле да забележат ни трошка очај кај неа. Дури подоцна таа ја открила длабочината на тагата и тежината на борбата низ кои минувала.
- Мојот сакан е тешко болен и одвреме-навреме е во болница, на пример, сега. Прекрасно се грижат за него, а јас давам сè од себе да не пречам, но постојано се грижам и постојано се преправам дека сум ведра, што ментално, физички и емотивно ме исцрпува повеќе отколку што било во мојот живот - му се доверила Стрип во писмо на нејзиниот професор по драма од „Јеил“. Писмото е воедно редок сведок за нивниот однос, бидејќи ни тогаш ни децении подоцна Мерил не прозборувала јавно за нивната љубов.
Само поради финансиски причини ја прифатила улогата во мини-серијата „Холокауст“, поради која морала да отпатува на два и пол месеци во Австрија, каде што се снимала. Таа улога ѝ донела номинација за „Еми“, но ѝ одзела драгоцено време што можела да го помине со него. По нејзиното враќање во Америка, Џон изгледал полошо од претходно. Тогаш решила да ја напушти работата и заедно исчезнале на пет месеци. Мерил не се одвојувала од него до последниот момент. Заедно оделе на сите прегледи и третмани, а надежта не попуштала ни за секунда. Цела сила ја вложила во грижата за него во текот на тие месеци.
На почетокот од март Џон Казал бил примен во болница, а на 12 март докторот ѝ рекол на Мерил дека е готово. Не била подготвена да го слушне тоа.
Како што се раскажува, сцената што следувала изгледала како целосен колапс и слом од одржуваната надеж со месеци. Таа се фрлила над неговото тело и со цела сила го удирала по градите, задушувајќи се во сопствените лелекања. А тогаш, за секунда Џон последен пат ги отворил очите и со слаб глас ѝ рекол: - Во ред е, Мерил, во ред е. Ги затворил очите и починал.
Првата личност на која Мерил ѝ се јавила бил неговиот брат. Од солзи не можела да зборува. Повторувала само едно: - Се обидов сè...
Истата година освоила „Еми“ за „Холокауст“, имала номинација за „Оскар“ за филмот „Лов на елени“ и ја добила улогата во „Крамер против Камер“, што ѝ го донела првиот „Оскар“. Мерил стана вистинска ѕвезда која во текот на кариерата е номинирана за 19 „Оскари“, освоила 3, повеќе од кој било во историјата. Сепак, оние што ја познаваат уште од нејзините почетоци во Холивуд, тврдат дека останува запаметена како девојка која за
животот и љубовта се борела со сила каква што ретко се среќава.