Милена Ангелова од Делчево освои два медала на Олимпијадата по геонауки во Пекинг: „Би имале поголеми успеси ако во училиште ја изучуваме основата“
Четири средношколци од Делчево, Прилеп, Скопје и Крушево освоија медали на Светската олимпијада по геонауки „IESO 2024“, која се одржа во Пекинг, Кина.
Меѓу нив и Милена Ангелова од гимназијата „Методи Митевски Брицо“ од Делчево, која освои два бронзени медали. Едниот индивидуален, а другиот во тим. Вториот бронзен медал го освои Ивана Атанасоска од СОУ гимназија „Мирче Ацев“ во Прилеп.
Милена Ангелова го раскажа искуството кое четворицата средношколци го стекнале на Олимпијадата во Пекинг.
- Стекнавме голем број пријателства, стекнавме многу знаења и посетивме многу туристички места, меѓу кои и Кинескиот ѕид – истакна Ангелова.
Во геонауки спаѓаат геологија, петрографија, геоморфологија и тоа е сосема различно од географијата што ја изучуваат учениците во Македонија. Медалите добиваат на тежина затоа што нашите ученици освоија награди во конкуренција на ученици кои овие науки ги изучуваат како задолжителни предмети во училиште.
- За натпреварот се подготвувавме два месеца, но потребно е повеќе време бидејќи како што видовме од другите учесници на Олимпијадата, тие геонауките ги учат уште во училиште и таму ја добиваат основата. Ние изучуваме географија и дури сега ја стекнавме основата - вели Милена, која сега ќе биде втора година во делчевската гимназија.
Според неа, најспремни биле учесниците од азиските земји, како Јужна Кореја и Кина. Вели дека ако имаме поквалитетно образование, ќе постигнат поголеми резултати.
- Имаме многу талентирани деца, сметам дека талентот не треба да биде запоставен. Треба да се инвестира уште од 1 септември за да имаме подобра основа на тие натпревари - додава Милена, која уште од четврто одделение учествувала на натпревари по природни науки.
Сега размислува дали да ја прифати поканата да учествува на натпревари за селекција за Олимпијадата по биологија во Филипини.
Нејзината професорка по географија и ментор од „Методи Митевски Брицо“, Анета Николова, вели дека Милена има огромен талент за природните науки и нејзините знаења од физиката и хемијата ѝ помогнале да ги совлада предизвиците на натпреварите по геонауки.
- Ние тука прво одиме на општински натпревар. Милена имаше 100 поени. Имавме регионален натпревар на кој освои 100 поени. На државен натпревар по географија Милена освои 99 поени и прво место. Нашите подготовки се дотука. Потоа одиме на ПМФ каде што македонското географско друштво одбира ученици на интервју. Милена и уште неколку ученици кои беа избрани, беа преземени од професорите Ивица и Свемир и потоа течеа подготовките за олимпијада. Тука во Делчево како ментор ја подготвував Милена за државен натпревар со вежби и материјали кои ни се дадени од македонското географско друштво. Девојчето е многу талентирано. И за оваа Олимпијада ѝ помогнаа знаењата од физика и хемија затоа што и геонауките се природни науки и сите тие се поврзани меѓу себе. Таа има проширени знаења и тоа придонесе за успехот - истакна професорката Николова.
Македонското географско друштво претходно објави дека на Светската олимпијада по геонауки IESO, 2024. македонскиот тим има неколку добитници.
- Медали освоија: Ивана Атанасоска од СОУ гимназија „Мирче Ацев“, Општина Прилеп, Милена Ангелова од СОУ „Методија Митевски Брицо“, Општина Делчево, Михаела Павловска од СУГС гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје и Атанас Ташкоски од СОУ „Наум Наумовски Борче“, Општина Крушево. Благодарност за менторите за максималната посветеност и ангажираност во процесот на подготовка, но и за придружувањето на учениците: проф. д-р Ивица Милевски, Институт за географија, Природно-математички факултет, Скопје, проф. д-р Свемир Горин, Институт за географија, Природно-математички факултет, Скопје - истакнаа од Македонското географско друштво упатувајќи голема благодарност и до спонзорот „Бучим“ од Радовиш, кој финансиски го помогна учеството на олимпискиот тим во Пекинг.
Фото: приватна архива