Кога бев студент со Симон Трпчески: Некои мислеа дека сум бубалица. Напорно работев, ама и го живеев животот

Кога бев студент со Симон Трпчески: Некои мислеа дека сум бубалица. Напорно работев, ама и го живеев животот

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога завршил натпреварот во Лондон (во втора година на факултет), кога и му почнала меѓународната кариера, Трпчески го запознал принцот Чарлс. Тој му честитал и му признал дека му бил фаворит од тројцата финалисти, раскажува нашиот пијано-виртуоз во студентската приказна што Факултети.мк ја реализира заедно со „Пивара Скопје“

Симон Трпчески сигурно немал дилеми дали да се запише на Факултетот за музичка уметност. За овој виртуоз се чинело сосема нормално средното музичко образование да го продолжи на музичка академија. Ако се знае и дека дипломирал со просечна оценка 10 или кум лауде, тогаш не е проблем да се претпостави и дека на професорите им било задоволство да го имаат во своите предавални. Вели: „Моите професори најдобро знаат каков студент сум бил“.


Од одбраната на дипломската работа, заедно со својата фамилија

- Но, дури и да звучи нескромно, ќе ви кажам дека јас отсекогаш бев професионален тип. Бев првенец на генерација и во средно, а на ФМУ, исто со просек 10 кум лауде. И најмлад доцент во историјата на Универзитетот бев, барем како што ми кажаа - вели Трпчески.


Од концертот во Куала Лумпур

Учел многу за испитот по хармонија

На приемниот испит многу не се сеќава, но вели дека за него било многу природно да има уште еден настап како приемниот испит, затоа што многу брзо претходно бил завршниот матурски испит. Се сеќава дека на враќање од натпревар од Москва не бил окупиран премногу со приемниот по пијано, но учел приемен по македонски јазик за да не ја „зафркне“ работата.
Сакал да ги завршува обврските како што треба, а не затоа што некој го барал тоа од него. Признава дека понекогаш посакувал да не оди на некое предавање, ако повеќе бил окупиран со нешто друго, поради природата и тежината на неговата работа и успесите што веќе ги постигнувал.


Со колеги од факултет, концерт во Пловдив и концерт во Санкт Петербург придружуван со своите родители

- Како и на секој човек, така мене ми доаѓало преку глава понекогаш, но пак сум ги завршувал обврските. Се сеќавам дека учев исклучително многу (пет дена постојано) пред испитот по хармонија од причина што го сакав предметот, прво, а второ за да не се посрамотaм пред професорот Живојин Глишиќ, кого многу го почитував поради неговото знаење и угледот што го уживаше кај студентите. А пет дена претходно бев на час кај проф. Романов со маркантно дело, како што се „Голдберг варијациите“ на Бах. Главата ми пукаше, ама беше весело. И часот добро помина и извадив најмногу поени на испитот во групата, па бев горд и среќен затоа што сум ги погодил одговорите - се потсетува Симон.

Психологијата му била меѓу омилените предмети

Часовите по клавир му биле најважни и имале посебно место во студирањето. Од другите предмети, обожавал хармонија. Солфежот му бил забавен предмет и уживал на часовите кај проф. Благој Цанев.


Од дипломскиот испит (2002 год.), доделување награда во Лондон (2003),

- На предметот хармонија некогаш одев и по часовите за да вршам анализи на одредени дела и Глишиќ ги прегледуваше. Го правев тоа со ќеф. Ќе седев дома покрај креветот, ќе јадев наполитанки и ќе правев хармонски анализи на Шопен и Рахманинов. Добро е што не станав прасенце. Проф. Глишиќ го напиша делото „Прелудиум и пајдушка“ инспириран од мене и стана најизведуваниот македонски композитор надвор од Македонија со околу 120 изведби на тоа дело низ светот.


Симон заедно со своите родители на доделувањето награда во Лондон (2003 година)

Му било интересно и на часовите по историја на музиката, а му се допаѓала смислата за хумор на проф. Сотир Голабовски.
- Имаше многу што да се научи и од современото размислување на проф.Димитрије Бужаровски по предметот музички форми, а и воопшто, од одредени негови визии кои беа неконзервативни, но дел од кои, за жал, можеби не можел да ги реализира докрај со одредени структури, од причини само нему познати - вели Трпчески.
Од професорите што особено ги почитува, нашиот пијано-виртуоз jа издвојува и професорката по психологија Татјана Такашманова-Соколовска.


Од доделувањето на наградата во Лондон (2002 година)

- Многу ја почитував професорката на предметот психологија, кој го обожавав и кој, за жал, сѐ уште не е ставен на пиедестал како „добро утро“ во ова наше образование и општествено живеење - факт кој ги испорасипа луѓето и ги направи Македонците полоши отколку што се. Ќе ги издвојам и Снежана Адамчевска по педагогија и Денко Скаловски по филозофија. Ми беше многу интересно на часовите. Луѓето си ја знаеја работата и беа професионалци. Држеа ниво. Беше убаво и на методика кај проф. Тодор Светиев. Ќе го споменам и проф. Томе Манчев, со кого се знаевме уште од средно на часовите по форми и контрапункт и кај кого секогаш беше интересно. Со знаење и со гевгелиски дух и посебната мотивација од полскиот композитор и диригент Витолд Лутославски, нѐ поттикнуваше и на креативност - се потсетува Трпчески.


Од фамилијата ја има најголемата поддршка, Симон со брат му Јован, сестра му Жане и сопругата Даниела

Тој додава дека по малку жали што не ја избрал етнологијата како предмет. Но, народната музика и целата таа база отсекогаш биле во него и никогаш не го напуштил тој интерес.
- Напротив, успехот на мојот нов проект „Македониссимо“ е резултат на тоа! – категоричен е тој.
Вели дека оценките не му биле важни и дека се трудел да научи, но резултатите си доаѓале. Признава дека во случај на неправда се бунел и тоа го објаснува со „револуционерната крв што ја има од две многу важни страни на Македонија“.


По победата на Светскиот пијано натпревар во Лондон (2000)

Го мотивиравме да се потсети на некои анегдоти од времето на студирање.
- Имаше еден момент кога професорот Глишиќ постави прашање за терцна сродност на акорди и кога јас во еден момент застанав да подразмислам за да не згрешам и си промумлав нешто, тој ме праша: „Молам?“ Јас одговорив: „Не, не, размислувам професоре.“ И тој, на неговиот препознатлив циничен начин: „Ау... ова као Симе размислува!“ што предизвика тивко смеење кај студентите, но и внатрешна мала нервоза поради зајадливоста. Но, од друга страна, тоа беше ок за мене бидејќи знаев да го канализирам. Три од четири ги погодив на прва, за четвртиот одговор се размислував и веќе не паметам дали го кажав. Јас уживав во солфеж. Секогаш ми беше крената раката кога тоа се бараше од проф. Цанев за диктатите или одредени прашања, а тој ми велеше да ја спуштам. Кога проф. Голабовски предаваше за музиката во античкиот период, кажуваше како трубаците (или еден вид дувачи во тоа време), добивале вид награда и почит кога најавувале или настан или победа. И се сврте кон мене и ми рече: „Кој ви е крив што свирите клавир, колега?“ - се потсетува тој.


Посета на тогашниот ректор на УКИМ, Александар Анчевски, заедно со проф.Романов

Во убав спомен ќе му остане и костимираната изведба на целата класа на проф. Романов на свитата од проф. Бужаровски во салата на ФМУ.
- Беше разнобојно и полно со позитивна енергија. Јас во одреден момент на еден од настапите се појавив и со очила за сонце поради изведба на ставот од 20 век.


Концерт во Домот на Армијата во 1999 година

Честитки од принцот Чарлс

Во втора година студии му се случи голем успех кога освои второ место на голем меѓународен натпревар за пијанисти во Лондон, а и веќе доста работел. Тоа било и почетокот на неговата меѓународна кариера. Нормално, тоа влијаело и врз неговиот студентски живот.
- Тоа беше, секако, голема одговорност за мене. Се сеќавам дека тогашниот премиер Љубчо Георгиевски со еден збор, на многу спонтан и за нас, дома, неочекуван начин, помогна за комплетирање на патните трошоци кои татко ми со мака ги обезбедуваше. И нему му падна камен од срце. Тоа нема да го заборавам. Сѐ уште се сеќавам на моментот на чекирање на рецепцијата во Лондон и вртоглавите суми кои за нас беа неопислив поим. Како и да е, јас дадов сѐ од себе со професионалната поддршка од мојот професор - вели Симон.

Од натпреварот по пијано во Лондон, каде што Трпчески го освои второто место (2000)

Фактот дека бил еден од тројцата финалисти и дека има шанса да настапува со Лондонската филхармонија во „Ројал фестивал хол“, институција за која само слушал и читал претходно, бил како „орелски крилја да си метнех“, вели тој.

- Радоста беше видлива во финалето. Уживав и ја зграбив можноста за споделување такви чувства на таа сцена со тој оркестар. Не ми беше важно дали ќе добијам награда или не. Едноставно, се радував. Па замислете... од една мала земја... на таа сцена со тој оркестар. Фантазија! Мешаните чувства и извиците на публиката во однос на втората награда воопшто не им попречија на мојата радост и гордост. И фактот што татко ми како единствен член на мојата фамилија беше таму, беше уште поголема среќа - се сеќава пијанистот.




Оттогаш почнал да соработува со менаџерска куќа и почнале првите големи меѓународни настапи.
Кога завршил натпреварот, Трпчески го запознал принцот Чарлс, кој му признал дека тој му бил фаворит од тројцата финалисти.
- Тоа е, секако, чест бидејќи по кралскиот протокол тој има учено виолончело. Мене ми значеше, во секој случај. И му благодарам.


Настап во „Св. Софија“ (2003 год.), кога ја доби наградата „Изида“

Жалам што не живеев барем малку во студентски дом

По ова големо искуство му се зголемиле обврските и веќе не можел да прави многу работи што се нормални за студентите.
- Понекогаш жалам што не живеев барем малку во студентски дом, не поради условите, туку поради духот и дружбата кои дури и тие услови инспирирале многумина од колегите. Но, никогаш не се откажував од задоволствата. Напротив, јас работев, но и го живеев животот. И оние што ме знаат го знаат тоа. Многумина мислеа дека сум бубалица. Точно е, не одев по кафиња по предавањата, но тоа не значи дека не живеев. Излегував кога сакав и колку сакав. Но, со исав, како што велеше татко ми. Знаев да го распоредам времето, имав одлично друштво и балансирав. Тоа е начинот по кој се водам и кој и ден-денес вродува со плод. Така што, покрај концертите, го живеам животот до максимум и што е најважно, го уживам со сите негови благодати. Сега доаѓам од Бразил преку Јужна Африка, но пијам и кафиња на руфтоп-бар во Сао Пауло, одам и на самба, шетам со кокосова вода покрај езерото во Бело Хоризонте, спремам журка во Амстердам и тура во Кјото, по јадење суши и саке. Организирам возење со тобоган за моите деца во Швајцарија, како и ручеци со винце по етноресторанчињата низ чудесната Македонија - вели Трпчески.



Некако нормално се наметна прашањето како реагирале колегите на неговите успеси.
- Во принцип добивав честитки. Никогаш не сум бил човек што им дава значење на таквите одредени експресии, дури и да ги имало. За мене тоа е сиромаштија на душата. Човек треба да се радува на успехот. Така се потхранува - вели тој.
Дипломирал во 2002 година, а две години подоцна магистрирал.

- Мислам дека за време на Светското првенство во фудбал кога Роналдињо даде фантастичен гол го спремав Чајковски и во рок од 10 дена ги дадов двата испита, и концерт и оркестар, на многу високи температури. Секоја завршна фаза од образованието беше некој предизвик поради разноразни карактери на личности, но завршуваше убаво, меѓу другото, и поради големата поддршка што ја имав од фамилијата. На 9 ноември 2004 година го дадов магистерскиот испит, двата дела во еден, во Универзалната сала. Беше прекрасно. Тогаш ја изведов премиерно и „Пајдушка“ чинам, па дури и му ја посветив на проф. Романов, кој научи да ја сака македонската музика. А врвот ми беше кога татко ми го прашале за изјава на паузата или по концертот, не се сеќавам точно: „Кои се првите три збора што ви паѓаат на памет во моментов, во една ваква вечер?“ И тој одговорил: „Јас сум среќен!“ Мене никогаш не би ми текнал тој одговор! - се потсетува Трпчески.


Од настап на островот Св. Ахил во Грција

Тој вели дека среќата никогаш не го напушта.
- Јас и ја барам и ја создавам и затоа луѓето го забележуваат тоа кај мене. И во Бразил и во Сан Диего пред тоа и во авионот со африканската стјуардеса – народ кој е исто така природен како нашиот, и со Египќанецот од рецепција во Есен (Германија), кому му дадов карта и беше пресреќен, и сите Јапонци што ме чекаа по концертите на турнејата итн. Целта ми е дека треба да сме среќни и да го прегрнеме животот, колку што можеме! - вели Трпчески.

Нешто што го направило многу горд е средбата со неговата ученичка Изабела, на која Трпчески ѝ предавал по предметот методика.
- Чувам уште убави спомени од првите часови со ученичката Изабела, која ја видов пред еден и пол месец, по многу поминати години. Таа успеа да научи и да отсвири дури седум композиции на првиот завршен концерт од годинава во која работевме. Пораснала во прекрасна девојка.