„Игра со лигни“ е на пат да стане една од најгледаните серии во историјата на „Нетфликс“

„Игра со лигни“ е на пат да стане една од најгледаните серии во историјата на „Нетфликс“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Со само девет епизоди, серијата „Игра со лигни“ ги освои гледачите на „Нетфликс“ низ светот.

Оригиналната серија на „Нетфликс“, која премиерно беше прикажана на 17 септември 2021 година, се најде на врвот на листата на „Нетфликс“ во сите 83 земји.

Тед Сарандос, коизвршен директор на „Нетфликс“, рече дека „Игра со лигни“ е на пат да стане најгледаната серија во историјата на „Нетфликс“ на кој било јазик.

Дејството на серијата е класичната игра за преживување, освен што секоја игра се базира на корејски детски игри. Над 400 лица што имале огромен долг се поканети да учествуваат во мистериозната игра, каде што се принудени да го ризикуваат својот живот во рунди за преживување, со можност да освојат награда од 38,5 милиони долари.

Донг-хјук Хванг, режисер и сценарист на серијата, открива дека тајната на серијата е во нејзината едноставност.

- Гледачите можат да се фокусираат на комплексноста на ликовите и целосно да навлезат во приказната кога правилата на игрите се едноставни. Луѓето ги привлекува застрашувачката иронија кога младите возрасни луѓе ги ризикуваат своите животи за да добијат пари за да ги отплатат долговите играјќи детски игри - вели тој.

Во меѓувреме, експертите претпоставуваат дека дел од порастот на популарноста на шоуто доаѓа од усвојување на одредени елементи на корејската култура за да се направи значајна изјава за општеството.


Извор: Abcnews.com
Фото: Screenshot/Youtube