Вакцината против ковид-19 и вакцината против сезонски грип може да се примат во ист ден или на растојание од две недели
Вакцината против ковид-19 и вакцината против сезонски грип може да се комбинираат, така што двете да се примат во ист ден, или на временско растојание од две недели. Ова го истакна проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација, на онлајн дискусија за доктори на медицина организирана од Лекарската комора.
Таа рече дека вакцините за заштита од ковид-19, и по појавата на делта-сојот, обезбедуваат висока заштита од вирусот, ја намалуваат потребата од хоспитализација и компликации од болеста, a нивната комбинирана употреба може да создаде поширок имунолошки одговор.
Од Лекарската комора велат дека на предавањето организирано за докторите на медицина, кое се одржа деновиве, проф. Грозданова направи осврт кон развојот на вакцините за заштита од ковид-19 што се користат во светот и презентира преглед на најрелевантните научни студии за ефикасноста на вакцините пред појава на делта-сојот и потоа.
- Според студиите објавени во стручни списанија со голем импакт-фактор „Lanset“ и „The new England journal of medicine“, пред појавата на делта-сојот, „Фајзер“ и „Модерна“ покажуваат од 87% до 100% заштита од симптоматски ковид -19 и од 80% до 93% заштита од асимптоматска инфекција. „Астра зенека“ во студии во Велика Британија покажала ефикасност од 60% во заштита од симптоматска инфекција и 70,4% заштитата од симптоматска инфекција од британскиот сој. „Спутник V“ во студии направени во Русија покажува 97,6% заштитата од инфекција, додека „Синофарм“ според студии во ОАЕ и Бахреин покажува ефективност од над 90% - рече проф. д-р Грозданова.
Во светот сѐ уште постои голем интерес за производство на вакцини што штитат од ковид-19. Во моментов има 185 вакцини кои се во претклиничка фаза, 40 се во различни фази на клиничко испитување, 21 вакцина се достапни во светот, од кои само 8 имаат добиено одобрение за пуштање во употреба.
- Несаканите сериозни реакции од вакцините се навистина ретки, според податоците кои кај нас ги прибира МАЛМЕД, не сме имале ниту еден случај на живото-загрозувачка реакција како последица на овие вакцини. Бројот на несакани реакции е далеку помал од ризикот кој го носи болеста, така што бенефитот од вакцинацијата против ковид-19 е на високо ниво - вели д-р Грозданова.
Поради падот на ефективноста на вакцините по појавата на делта-сојот, се даваат препораки за бустирање на имунолошкиот одговор со трета доза на вакцина. Националната комисија за имунизација препорача вакцинација со трета доза за ризични групи: здравствени работници, независно од возраста, пациенти на дијализа, со извршена трансплантација и имунокомпромитирани лица над 60 години. Вакцинацијата со трета доза ќе се спроведува со вакцините на „Фајзер“, по поминати 6 месеци од примањето на втората доза.
- Комбинирањето на вакцините, за кое се јавува прашање и од аспект на безбедност и на ефикасност, давањето различна прва во однос на втора доза или различна бустер-доза, дава можен поширок имунолошки одговор и појак ефект. Студии направени во Велика Британија и во Шпанија покажаа одличен ефект од комбинација на „Астра зенека“ и „Фајзер“, комбинирање на „Астра зенека“ со „Спутник V“, како и комбинација на „Фајзер“ со „Џонсон и Џонсон“. Вакви искуства веќе имаат Канада, Франција, Данска, Норвешка, Данска, Шведска кои поради забраната за давање на „Астра зенека“ на помлади, по примена прва доза од оваа вакцина како втора даваа „Фајзер“ или „Модерна“ - истакна проф. д-р Грозданова.
Таа препорача дека е важно бремените жени да се вакцинираат бидејќи така прво се заштитува мајката, а потоа преку пасивниот имунитет и новороденчето.