Големи поплави во БиХ: Десетици загинати, поплавени градови, срушени патишта, водата носи села
Делови од Босна и Херцеговина од синоќа се зафатени од големи поплави. Најтешко е погодена општината Јабланица, каде што е невозможно да се влезе од правец на Мостар или од Сараево поради срушените патишта. Поплавите доведоа до одрони и лизгање на земјиштето, има прекин и во телефонските комуникации.
Исклучително лоша е состојбата и на подрачјата на Коњиц, Кисељак, Бусовача и уште неколку места, каде што исто така се поплавени многу објекти, а некои се отсечени поради отсечената патна комуникација.
Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, изјави дека ситуацијата е најтешка во Јабланица и излезе со неофицијална информација за 20 загинати под рушевините.
„Ал Џазира“ пренесе дека едно дете било спасено и со хеликоптер било префрлено од Јабланица во Мостар.
Снимките од поплавените области се катаклизмични, а во селото Доња Јабланица наносот од земјиште дошол до покривите на куќите.
Насловна фотографија: Twitter