Колку полош наставен кадар, толку полошо образование и неспремни генерации. Став на доц. д-р Анета Гацовска-Барандовска

Колку полош наставен кадар, толку полошо образование и неспремни генерации. Став на доц. д-р Анета Гацовска-Барандовска

Ние од високото образование им се лутиме дека не ги научиле доволно нашите студенти, а тие пак прашуваат како можат да го направат тоа при сите проблеми со кои се соочуваат?!

„Проблемите со кои се соочуваат универзитетските професори кога е во прашање нивната основна професија - образување нови кадри се однесуваат првенствено на квалитетот на студентите со кои работат“, вели во својот став д-р Анета Гацовска-Барандовска, доцент на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Интегрално го пренесуваме нејзиниот став во кој лоцира голем дел од проблемите во математиката во македонското образование, на сите нивоа.

Доц. д-р Анета Гацовска-Барандовска

Колку и да вложувате труд, колку и да имате разбирање за општествените состојби, за да профилирате идни успешни и квалитетни наставници по математика, истражувачи во поединечни области и инженери кои успешно ќе ги применуваат своите знаења во стопанството, неопходно е да имате студенти со солидно базично знаење, од соодветни средни училишта, со мотив и желба да се надградуваат. Ако базата е несоодветна, а темелите не се здрави, прашање е колку високо можете да ја изградите пирамидата на математичко знаење.

Интересот за математиката е недоволен. Добрите средношколци својата перспектива ја гледаат во техничките науки и во студирањето во странство, а можеби и не ја промовираме доволно светлата страна на студиите по математика. Постојат многу работни места за кои математичар е соодветен кадар, а тоа да не е училиште. И да не заборавиме, неопходни се добри наставници за да имаме добри инженери, програмери, статистичари, аналитичари на податоци, луѓе што проценуваат ризик во финансиски институции и друго. Чисто како опомена - колку полош наставен кадар, толку полошо образование и толку понеспремни идни генерации нè чекаат.

Друг аспект на проблемите се несоодветните услови за работа. Не само условите на работа, туку поважно – недостиг на подмладок, млади кадри што ќе преземат дел од обврските, на кои ќе им се пренесе интересот кон соодветна математичка област, која понатаму заеднички ќе се развива.



Големо незадоволство создава недостигот на институционална финансиска помош за да можеме научната работа да ја изведуваме на повисоко рамниште. Математиката како наука не бара многу. Некогаш хартијата и пенкалото се доволни. Но, резултатите треба да се презентираат некаде, да се добие потврда за добро сработената задача, да се има можност да се вклучат тимови на луѓе за успешни резултати. А да бидеме искрени, долго време немаме ниту еден проект од Министерството за образование и наука. Понекој билатерален, но и тие се малку.

Треба да се истакне и немањето влијание врз кроењето образовани политики, неприсуството на квалитетен универзитетски кадар при изготвување учебници соодветни на потребите на идните генерации. Едноставно, немањето слух за она што фелата има да го каже во однос на постојната состојба во образованието.
Да не ја заборавиме вечната професорска мака - недоволното вреднување на трудот. Не се цени и вреднува доволно ниту математиката како наставен предмет ниту ангажманот на наставниците, почнувајќи од одделенските наставници, преку предметните наставници во основното образование сè до професорите во средните училишта. Но вреднување од аспект на важноста на предметот, особено во време на забрзан технолошки развој, каде што математиката е основа, и да не се лажеме, без неа нема развој во ниту една техничка област.



И тука почнуваат проблемите на наставниците. Ние од високото образование им се лутиме дека не ги научиле доволно нашите студенти, а тие пак прашуваат како можат да го направат тоа при сите проблеми со кои се соочуваат?! Постојаните реформи во образованието, неплански, изведени набрзина, без длабока претходна анализа на состојбите, недоволното време за подготовка пред воведување на промените, недостигот на кадар, зголемениот фонд на часови на наставниците, а намален фонд на часови по математика во соодветните одделенија и класови, несоодветните наставни програми, несоодветните и недоволно квалитетни учебници, забраните за користење дополнителна литература по избор на наставникот, ограничените образовни ресурси, недоволната соработка со институциите, зголемениот обем на административна работа, неретко спротивставените барања од клучните образовни институции, Бирото за развој на образование и Државниот просветен инспекторат.



Наставниот кадар се чувствува растргнат помеѓу одговарањето на поставените норми и критериуми и изведувањето на наставниот час, а сето тоа влијае врз квалитетот на изведувањето на наставата. Растргнати се помеѓу обврските, притисоците од јавноста и родителите, незадоволството во јавноста кое неоправдано е насочено кон наставниците.
Велат дека немаат време да го поминат планираниот материјал, а камоли да се обидат да воведат нешто ново и иновативно, поинакви методи и пристапи во изведувањето на часовите за да ги подобрат знаењата на учениците. Скратувањето на бројот на часови по математика, за сметка на други предмети, некогаш, за некои профили можеби е оправдано. Но, ако сакате кадри спремни да се фатат во костец со новите технолошки предизвици, потребен е поголем број на часови по математика, вклучување на корелирана настава со другите наставни предмети, настава која ги следи тековите на интегрирање на математиката со останатите природни науки и технологијата. Околу тоа каква е личната сатисфакција на наставниците од професијата, да не заборавиме дека мотивацијата е клучна. Луѓето имаат потреба секој нивни успех да се пофали, истакне. Потешко е да научите некого математика отколку нешто друго, потешко е да најдете и издигнете математички таленти отколку спортисти, па можеби е ред и индивидуалните успеси да се ценат еднакво како и групните. Без потценување на која било дисциплина од општествените науки, но да сте успешни во математика и која било друга природна наука е многу потешко, помакотрпно и бара повеќе откажувања, и тоа долгорочни, отколку во општествените науки.

И на крај, да не ги заборавиме учениците. Нема поголема радост за еден наставник од успешни ученици, со трајни знаења, кои ќе станат успешни студенти, а потоа и истакнати професионалци. Не ја работиме оваа професија само колку да се каже дека работиме. Прекрасно е кога можете да кажете дека имате ваш поранешен ученик или студент кој достигнал ниво на ангажман, научно или професионално, некаде каде што не сте ни сонувале. Како да го зголемиме нивниот број? Како да ги оспособиме нашите ученици за потребите на општеството? Како да ги почитуваме нивните лични интереси и да помогнеме да се развиваат во здрави, исполнителни и успешни млади луѓе? Што да направиме за да тргнат работите во нагорна линија?



Неопходна е целосна реформа на образовниот систем, од почеток, постепена, низ подолг период, која ќе ги засегне сите аспекти на образованието. Ние сме нераздвојно поврзани, од почетоците и описменувањето до формирањето на професионалци во своите области. Сите ние, наставниот кадар по математика и природните науки, сме посветени луѓе кои ја сакаат својата професија и сакаат да помогнат работите да тргнат напред. Спремни сме да учествуваме со свои предлози и околу наставните планови и програми, и околу иновативните пристапи во наставата, споделувањето на своите позитивни искуства, изготвувањето квалитетни учебници од домашни автори, соодветни на поднебјето, менталитетот и општествените потреби. Подготвени сме и на поголеми ангажмани, само да има резултати. Не е секогаш решение да преземетe нешто од соседните земји. А ако сепак го преземете, неопходно е да го приспособите на условите во кои живеете. Да ги чуеме наставниците, да имаме слух за состојбите и да почнеме да ги решаваме работите, една по една.