Како ќе изгледаат космодромите ако комерцијалниот лет стане реалност?

Како ќе изгледаат космодромите ако комерцијалниот лет стане реалност?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Комерцијалните летови во вселената продолжија да се развиваат и покрај влијанието на пандемијата. На глобално ниво се очекува вселенската индустрија двојно да ја зголеми својата вредност до 2030 година, на околу 1 билион долари.

Компаниите „Вирџин галактик“, „Блу ориџин“ и „Спејс екс“ профитираат на овој пазар, а „Спејс екс“ соработува со „Спејс адвенчрс“ за да испрати мал број туристи во вселената во 2021 година.

Кога конечно ќе почнат комерцијалните летови во вселената, вселенските аеродроми ќе бидат слични како на фотографиите во продолжение. Овие вселенски аеродроми ќе бидат нов вид превозен центар, комбинирајќи го патувањето во вселената со автономни автомобили, и истражувачка, забавна и футуристичка архитектура.

1
Фото: Canaria, Dentsu, Noiz, Space Port Japan Association

„Спејспорт сити“ сè уште не е реалност и е предлог од Асоцијацијата за вселенски аеродром на Јапонија, фирмата за комуникации „Дентсу“, дизајнерите од „Канарија“ и архитектите од „Ноиз“.

Според предлозите, космодромот ќе работи со двочасовни комерцијални услуги за вселенски шатли, носејќи патници во вселената. Вселенските шатли ќе се лансираат од хоризонтална положба како традиционалните авиони, наместо како ракети, од вертикална положба.

3
Фото: Canaria, Dentsu, Noiz, Space Port Japan Association

Патниците ќе треба да одат на космодромот за физички преглед и обука што ќе трае до три дена. Персоналот со лимузина ќе ги земе на денот на поаѓање и ќе ги однесе до авионот. Потоа пријателите и семејството ќе можат да гледаат снимки во живо од нивното полетување во салонот во космодромот.

„Спејспорт сити“ ќе работи како основа за истражување, а дизајнерите велат дека ќе вклучува и едукативна академија што ќе предава за вселената. Космодромот ќе биде домаќин на настани, вклучувајќи вселенски модни ревии и меѓународни конференции, а ќе има и хотел, 4Д-кино, базен, уметнички музеј, сала за вежбање, аквариум и диско. Ресторанот и продавницата за земјоделски производи ќе продаваат храна за астронаути вклучувајќи инсекти, алги и месо направено од зеленчук.

4
Фото: Canaria, Dentsu, Noiz, Space Port Japan Association

Големиот покрив ќе биде покриен со кинетички соларни панели. На покривот ќе можат да се изградат градини на отворено, па дури и земјоделско земјиште.

На космодромот ќе доминираат две големи кули - една за заминување и друга за пристигнување. Ова ќе го направи препознатлив оддалеку, од вселената.

5
Фото: Canaria, Dentsu, Noiz, Space Port Japan Association

Целиот комплекс ќе биде „мал екосистем“, велат дизајнерите, комплетиран со сопствен паметен систем за транспорт, вклучувајќи и автономни автомобили, автономни возови и електрични скутери. Космодромот ќе биде поврзан и со копнени транспортни мрежи.

Извор: Business Insider
Фото: Canaria, Dentsu, Noiz, Space Port Japan Association