Избришана е инстаграм-групата со снимки од ученици што дивеат во училишта. МВР постапува по случајот
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Инстаграм-групата „Crazy.school.videos.mk“, која објавуваше видеа од македонски ученици кои намерно дивеат во училници и кршат училиштен инвентар, е избришана. Не е познато дали таа е отстранета од самата социјална мрежа или админите сами ја избришаа откако
Факултети.мк пишуваше за случајот.
Од Министерството за внатрешни работи ни изјавија дека уште вчера Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика постапува по овој случај.
Групата веќе не е активна
Како што објави Факултети.мк, групата до утрово имаше 100-ина постови и 15.000 члена. Некои од видеата се позајмени од странски земји, но на некои веднаш може да се увиди дека станува збор за македонско училиште бидејќи учениците зборуваат на македонски јазик. „Ќе ги запали брат, ќе ги печи, нафора“, коментира ученик додека друг пали со запалка некоја црна материја на клупата. Проблемот е што админите повикуваа и други ученици да снимаат вакви видеа и да им ги испраќаат за да ги објават.
На видеата се гледа како ученици намерно кршат столчиња, клупи, ги фрлаат низ прозорец, палат училишна клупа, со глава кршат врати. Се смеат додека снимаат.
Од Министерството за образование и наука вчера ни изјавија дека не се информирани дека постои ваква група на социјалните медиуми, но потенцираат дека за редот и почитувањето на Кодексот на однесување во училиштата се грижат директорите. Ги поттикнуваат, ако се сомневаат во вакви вандалски чинови, да пријават во Министерството за внатрешни работи и да ги преземат сите законски мерки, како и да ги информираат општините.