Секој месец стотици медицински сестри во Швајцарија даваат отказ: Која е причината?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во Швајцарија по околу 300 медицински сестри даваат отказ секој месец, што претставува голем предизвик за швајцарските болници.
Високиот обем на работа, ниските плати, тешкотиите во усогласувањето на приватниот и професионалниот живот - работните услови на медицинските сестри сѐ повеќе ги тераат да ги напуштат своите работни места. Според најновиот извештај на „Обзерватори де ла санте“, 36 отсто од младите медицински сестри на возраст меѓу 20 и 24 години ја напуштаат професијата во текот на првите неколку години работа.
- Никогаш не го приспособуваме обемот на работа, никогаш не додаваме персонал кога има премногу работа, кога некој недостига, не го заменуваме. Не можам да замислам да бидам на оваа работа по пет години со ова темпо. Често размислувам за промена на работата. Сите мои колеги размислуваат за промена на работното место и редовно си заминуваат - вели медицинска сестра која е на работа помалку од една година во болница која се наоѓа во кантон со француско говорно подрачје.
Условите за работа не се подобруваат. Соочени со овој егзодус, некои институции се обидуваат да најдат решенија.
- Поставуваме два прашалници годишно меѓу новите вработени за да дознаеме како се чувствуваат луѓето. Идејата е да имаме заштитна мрежа во однос на психички или физички проблеми или какви било други проблеми, за да можеме да алармираме - објаснува Васим Јербија, медицинска сестра од новоформираниот одбор за млади како дел од Универзитетскиот болнички центар Вауд.
И покрај тешкотиите, професијата сè уште привлекува млади луѓе. Уписите остануваат стабилни, како што е случајот во средното медицинско училиште „Ла Сорс“.
Иницијативата за медицински сестри вклучува обука на медицинскиот персонал. Ова треба да биде воведено во 2024 година и ќе бидат достапни речиси една милијарда долари за обука на стотици медицински сестри.
Оваа имплементација со нетрпение ја очекува „Ла Сорс“.
- Обучуваме 300 студенти. За да одговориме на потребите на пазарот, мораме да тренираме најмалку двојно повеќе. Иницијативата ќе го отстрани притисокот од системот. Она за што треба да бидеме паметни е да се осигуриме дека овие мерки се одржливи. А тоа е работа на Конфедерацијата и кантоните, кои работат со институциите - вели Стефан Козандеј, директор на „Ла Сорс“.
Во време кога има хроничен недостиг на здравствен кадар, задржувањето на младите е голем предизвик. Речиси 7.000 позиции за медицински сестри треба да се пополнат во Швајцарија.